Свет
Трамп ја пофали „разумната“ одлука на Путин да се воздржи од протерување на дипломатите

Избраниот американски претседател Доналд Трамп во петокот ја пофали „многу паметната“ одлука на рускиот претседател Владимир Путин да не возврати со иста мерка, откако американскиот претседател на заминување Барак Обама нареди во четвртокот протерување на 35 руски дипломати од САД и други санкции против Русија поради наводното мешање во изборниот процес што му овозможило на Трамп да стане 45-от претседател.
Рускиот претседател Владимир Путин, наспроти сите очекувања, во петокот изјави дека нема да ги протерува американските дипломати, дека тие и нивните деца кои ги покани на новогодишна и божикна прослава во Кремљ можат да се движат каде што сакаат, откако американскиот претседател Барак Обама кој се наоѓа на одмор на Хаваи во четвртокот нареди протерување на 35 руски дипломати, воведе санкции за двете разузнавачки служби на Русија, и против две правни и девет физички лица за кои неговата администрација верува дека се вмешани во американските претседателски избори.
„Извонреден потег со воздржувањето (на Владимир Путин) – отсекогаш знаев дека е многу паметен!“, напиша избраниот американски претседател Доналд Трамп кој на должноста стапува на 20-ти јануари.
„Русија никого нема да протерува“, рече Путин, иако шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров претходно во интервју за руската државна телевизија во петокот изјави дека на претседателот ќе му предложи да ги протера и да ги прогласи за непожелни американски дипломати до амбасадата во Москва и конзулатот во Санкт Петерург.
„Следните чекори кон обновувањето на руско-американските односи ќе се градат на политиката каква што ќе ја спроведува претседателот Трамп“, порача Путин, но додаде дека сепак Русија „го задржува правото“ да преземе одредени мерки.
Трамп повеќепати во текот на кампањата го фалеше Путин и во својот тим именуваше луѓе за кои се тврди дека се блиски на Москва, но не се знае дали ќе ги промени одлуките кои ги донесе администрацијата на Обама за време на коишто односите со Русија паднаа на нивото од Студената војна, а се влошија и со најблискиот блискоисточен сојузник Израел, како и со стратешкиот партнер Турција.
Обама тврди дека мерките за протерување и нови санкции против Русија се затоа што 35-те дипломати биле осомничени за шпионирање и помагале во наводното руско хакирање на серверите на неговата Демократска партија пред претседателските избори годинава. Неговата администрација ја обвинува Москва дека преку хакери раководени од неа украла десетици доверливи електронски преписки меѓи функционерите на партијата.
Лавров одговори дека ваквите американски обвинувања немаат основа и оти се без доказ, и порача дека санкциите нема да минат без одговор на заканите на Обама дека можни се други чекори против Русија „кои не мора да бидат јавно објавени“.
Рускиот премиер Дмитриј Медведев изрази жалење што администрацијата на Обама својот мандат го завршува со „антируска агонија“.
Трамп изјави дека следната седмица ќе се сретне со челниците на американските тајни служби. Од нив, а претходно месецов изрази отворено сомневање во нивните компетенции по тврдењата од нивна страна дека Русите му помогнале да стане американски претседател, очекува да го информираат за фактите./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
67 мртви во поплавите во Тексас, загина 21 дете

Бројот на жртви од катастрофалните поплави во Тексас се искачи на најмалку 67 денес, вклучувајќи 21 дете, додека потрагата по девојчињата од летниот камп продолжува трет ден по ред.
Лари Леита, шерифот на округот Кер во регионот Тексас Хил Кантри, епицентарот на поплавите, изјави дека бројот на жртви се искачил на 59, вклучувајќи 21 дете.
Леита рече дека исчезнати се 11 девојчиња и водач на летниот камп во близина на реката Гвадалупе, која се излеа по обилните дождови во централен Тексас на Денот на независноста во петокот.
Другите жртви се од други области погодени од поплавите.
Службениците изјавија дека повеќе од 850 луѓе се спасени, вклучувајќи некои што се држеле за дрвја.
Федералната агенција за управување со вонредни состојби беше активирана денес и распореди спасувачи откако претседателот Доналд Трамп прогласи голема катастрофа, соопшти Министерството за внатрешна безбедност.
Хеликоптери и авиони на крајбрежната стража помагаат во потрагата и спасувањето, соопшти министерството.
Се очекуваат повеќе врнежи во областа во недела, а Националната метеоролошка служба издаде предупредување за ненадејни поплави за округот Кер.
Регион
Македонец меѓу загинатите во Бугарија кога автомобил управуван од 19-годишник се заби во ресторан

Деветнаесетгодишен возач со автомобилот се заби во ресторан во Разград, Бугарија, при што загинаа три лица, меѓу кои 58-годишник, државјанин на Македонија, соопшти бугарската полиција.
Несреќата се случила по полноќ на улицата Гранчарска во градот. Според првичните информации, младиот возач ја изгубил контролата врз автомобилот, што ја предизвикало тешката несреќа. Тестовите за алкохол и дрога на 19-годишниот возач биле негативни, јавуваат бугарските медиуми.
Починатите се лица на возраст од 62, 64 и 58 години, кои биле во објектот во моментот на несреќата.
Свет
Почнуваат преговорите меѓу Израел и Хамас

Катар денес ќе биде домаќин на нова рунда индиректни преговори меѓу Израел и Хамас во обид да се постигне договор за прекин на огнот и ослободување на заложниците во Газа, изјави за АФП палестински извор запознаен со преговорите.
„Медијаторите го информираа Хамас дека новата рунда индиректни преговори меѓу Хамас и Израел ќе почне оваа недела во Доха“, рече изворот, додавајќи дека делегација на палестинското исламистичко движење, предводена од Халил ал-Хаја, веќе е во Доха.
Израелската јавна телевизија објави дека израелската делегација ќе замине за Доха во раните попладневни часови. Овие преговори ќе бидат фокусирани на условите за можен договор за прекин на огнот, особено во врска со ослободувањето на заложниците во Газа и палестинските затвореници во Израел, според истиот извор.
Исламистичкото движење побара значителни испораки на хуманитарна помош на палестинските територии, додаде изворот, како и „гаранции за траен крај на војната“.
Хамас продолжува да бара повторно отворање на преминот Рафа на границата меѓу Појасот Газа и Египет, кој Израел го контролира од мај 2024 година, за да се овозможи евакуација на ранетите.
Според палестински извори запознаени со преговорите, предлогот доставен до Хамас вклучува 60-дневно примирје за време на кое движењето би ослободило 10 живи заложници, како и неколку тела на мртви затвореници, во замена за ослободување на Палестинците што ги држи Израел.
Хамас во петокот објави дека е подготвен „веднаш да започне“ преговори за американскиот предлог за прекин на огнот и дека го проследил „својот одговор“ до катарските и египетските посредници, без да даде детали.
Канцеларијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера објави дека бил информиран за „промените што Хамас сака да ги направи во предлогот“ и дека ги смета за „неприфатливи“.
Индиректните преговори треба да продолжат пред средбата меѓу Нетанјаху и американскиот претседател Доналд Трамп во Вашингтон.
Канцеларијата на премиерот потврди за АФП дека Нетанјаху ќе отпатува за Соединетите Држави денес околу 17:00 часот по локално време.