Свет
Трамп ќе ја објави својата кандидатура по изборите за Конгресот во 2022 година
Поранешниот американски претседател, Доналд Трамп, изјави дека ќе донесе одлука за повторно кандидирање за Белата куќа по изборите за Конгресот во ноември в година.
„Ројтерс“ пренесува дека Трамп за „Фокс њуз“ изјавил дека во моментот е посветен на помагање на колегите републиканци во обидот да ја повратат контролата врз Претставничкиот дом и Сенатот на изборите во 2022 година и дека верува дека има многу добри шанси за тоа.
Трамп истакна дека одлуката за новата кандидатура за Белата куќа ќе ја донесе по тие избори и дека истражувањето на јавното мислење покажува дека неговите приврзаници се подготвени да го поддржат доколку повторно влезе во трка за претседателски мандат.
Поранешниот американски претседател исто така рече дека ќе спроведе кампања на изборите во 2022 година за кандидати што ги поддржуваат него и неговата политика и против оние републиканци што ги смета за нелојални.
„Ројтерс“ известува дека за време на интервјуто Трамп препорачал сите да се вакцинираат против коронавирусот, а неодамнешните анкети во САД покажуваат дека голем број републиканци и приврзаници на Трамп имаат резерва во врска со имунизацијата.
„Тоа е одлична вакцина. Тоа е безбедна вакцина. И тоа е нешто што треба да се направи. Јас би им го препорачал на многу луѓе што не сакаат да се вакцинираат и знам дека многу од нив навистина ме поддржуваат“, рече Трамп, кој се вакцинира во јануари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Израел: Способноста на Иран да лансира ракети ќе биде значително нарушена
Израел очекува способноста на Иран да испали балистички ракети да биде значително нарушена во следните 24 часа, изјавија двајца израелски функционери, како резултат на зголемените напади на САД и Израел. Според нив, се очекува фреквенцијата на иранските ракетни напади да се намали до вторник вечерта и да бидат испукани помалку ракети кон Израел, пренесуваат медиумите во регионот.
Во првите три дена од војната, САД и Израел погодија повеќе од 1.200 цели. Се очекува тој број да се удвои до вторник, по она што официјалните лица го опишаа како неуморно темпо на напади што започна во понеделник и се очекува да продолжи во текот на ноќта.
Еден од функционерите рече дека се очекува нападите на американските и израелските сили во понеделник вечерта да бидат насочени кон ракетни лансери, сили за внатрешна безбедност и цели на Револуционерната гарда. Американските и израелските функционери денес нагласуваат дека темпото и успехот на воздушната кампања досега ги надминале сите очекувања.
Свет
Иранската револуционерна гарда: „Непријателот нема да биде безбеден никаде во светот, дури ниту во своите домови“
Иранската револуционерна гарда, паравоена формација на која се потпира исламската влада во Техеран, денес се закани, по повод американско-израелските напади врз Иран, дека ќе продолжи да се бори „додека непријателот не биде поразен“ и дека непријателите нема да бидат безбедни „никаде во светот, дури ни во своите домови“, објавува CNN.
Како што објави иранската државна телевизија, Иранската револуционерна гарда соопшти дека неодамнешната загуба на врховниот лидер ајатолахот Ал Хамнеи и други високи функционери „не го потресе (Иран), туку само го направи посилен“.
Високо вооружената и организирана гарда – која постои паралелно со иранската армија и вклучува доброволни одреди – вети во соопштение дека Иран ќе продолжи да се бори „додека непријателот не биде поразен“.
„Непријателот треба да знае дека неговите среќни денови се завршени и дека повеќе нема да бидат безбедни никаде во светот, дури ни во своите домови“, се додава во соопштението што го пренесе CNN.
Регион
Дачиќ симнат од респиратор
Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ денес е симнат од механичка вентилација, пренесува „Блиц“.
Медиумот пренесува дека министерот за здравство Златибор Лончар денес изјави дека здравствената состојба на министерот за внатрешни работи и претседател на Социјалистичката партија на Србија Ивица Дачиќ е подобра отколку што беше, додавајќи дека постојат причини за оптимизам, но и дека мерките за интензивно лекување и терапија продолжуваат.
„Неговата моментална состојба е подобра отколку што беше, што ни дава причина за оптимизам. Важно е што сè уште има многу работа да се направи, мерките за интензивно лекување и примената на интензивна терапија продолжуваат. Тоа е она што ќе го кажам во овој момент, а луѓето што го лекуваат ќе го објаснат подетално во текот на денот“, изјави Лончар за новинарите по посетата на здравствениот центар Вождовац.

