Свет
Туристи залутале во водите на Алжир, убиени се, објави Би-би-си
Крајбрежната стража на Алжир уби двајца туристи, кои од Мароко залутале во водите на Алжир со нивните џет скии. Тие беа меѓу четворицата француско-марокански двојни државјани кои тргнаа со џет ски од мароканското одморалиште Саидија, објави Би-би-си.
Третиот член на групата бил уапсен од крајбрежната стража која патролира на затворената граница меѓу двете земји. Пукањето предизвика незадоволство во Мароко, откако рибар објави видео од безживотно тело кое плови во морето. Границата меѓу Алжир и Мароко беше затворена во 1994 година, а Алжир ги прекина врските пред две години.
Мохамед Киси беше единствениот од четворицата кои се вратија во Мароко, пренесува агенцијата АФП, повикувајќи се на марокански медиуми. Тој рече дека групата се изгубила и останала без бензин.
„Се изгубивме, но продолживме додека не се најдовме во Алжир“, рече Киси, чиј брат Билал беше убиен. „Знаевме дека сме во Алжир бидејќи црн алжирски гумен чамец се упати кон нас“, а оние што беа во него „пукаа во нас“, рече тој.
„Фала му на Бога, не ме погодија, но го убија мојот брат и пријател“, додаде тој. „Го уапсија мојот друг пријател. Пет куршуми ги погодија мојот брат и мојот пријател. Другиот мој пријател беше погоден со куршум“.
Тој на крајот беше собран од мароканската морнарица и вратен во Саидија, додаде тој. Абделали Мерчуер беше именуван како вториот убиен човек. Мажот уапсен од алжирската крајбрежна стража, по име Смаил Снабе, наводно се појавил пред обвинител во средата, но детали не се соопштени.
Портпаролот на мароканската влада одби да го коментира пукањето, велејќи за АФП дека тоа е „прашање на судството“. Двете нации имаат долга историја на тензии и продолжуваат да ја оспоруваат Западна Сахара.
Тие делат речиси 2.000 километри граница што е извор на тензии од независноста од француската колонијална власт. Затворена е во 1994 година од безбедносни причини, откако исламистичките милитанти бомбардираа хотел во историскиот марокански град Маракеш.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Орбан: Ќе им ги однесеме мигрантите во Брисел и ќе им ги оставиме пред канцелариите на ЕУ
Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека доколку продолжи илегалната миграција во Европа, тој ќе ги однесе мигрантите во Брисел и ќе ги остави пред канцелариите на ЕУ.
Ќе ги однесеме мигрантите од Будимпешта во Брисел и ќе им ги оставиме пред канцелариите во Брисел.
Неговите зборови беа придружени со громогласен аплауз од членовите на таа партија, со извици „Орбан, Орбан, Орбан“, пренесе АНСА.
„Не верувајте дека тоа е невозможно, ние сме жив пример“, додаде Орбан, потсетувајќи дека „во Унгарија бројот на мигранти е нула“, бидејќи, како што наведе, неговата земја „не ја предава својата држава на други”.
Според него, унгарските власти не дозволуваат влез на илегални мигранти во земјата.
„Ќе ги браниме границите. Оние кои сакаат да влезат мора да чекаат дозвола и тоа мора да го сторат надвор од нашите граници“, рече Орбан, пренесува Танјуг.
Кога станува збор за социјалната политика, „во Унгарија – таткото е маж, а мајката е жена, а тоа ќе остане така дури и ако меѓународната левица е против тоа“, нагласи тој.
„Денес Унгарија е најбезбедната земја во Европа“, заклучи Орбан.
Регион
Во поплавите во Босна загина поранешен фудбалер, го пронашле гушнат со сопругата
Меѓу жртвите во поплавите во Босна и Херцеговина е и еден поранешен фудбалер – Јасмин Чилиќ кој до пред извесно време настапувал за нисколигашот Клис од Бутуровиќ Поле.
Неговото безживотно тело било пронајдено во прегратка со сопругата, која исто така го загубила животот.
„ФК Клис изразува сочувство до семејствата, пријателите и познаниците на сите жртви. Во Бутуровиќ Поље меѓу жртвите и исчезнатите има наши долгогодишни навивачи, додека поплавата во Јабланица му стави крај на животот на поранешниот фудбалер на ФК Клис, Јасмин Чилиќ“, се вели во објавата на овој босански клуб.
Најмалку 20 лица загинаа во поплавите што деновиве ја погодија БиХ. Најпогодени беа Јабланица, Коњиќ, Кисељак, Крешево и Фојница, а беа прогласени денови на жалост и сите спортски настани во оваа земја минатиот викенд беа одложени.
Свет
Насилство на пропалестинските демонстрации во Берлин, полицијата употреби солзавец
На пропалестинските демонстрации во Берлин минатиот викенд насилство избувна кога демонстрантите почнаа да ја гаѓаат полицијата со камења и шишиња, а полицијата одговори со солзавец.
По повод годишнината од смртоносниот напад на Хамас во Израел, полицијата распореди речиси 2.000 свои членови поради најавените протести, пренесува „Берлингер моргенпост“.
Во саботата пропалестинските демонстранти маршираа од Темпелхоф до Бранденбуршката порта, а во неделата беа одржани демонстрации во Кројцберг и Нојколн, пишува порталот „ТРТ ворлд“.