Свет
Хезболах тргна во освета за убиството на неговите важни луѓе
Хезболах лансира експлозивни беспилотни летала во воена база во северен Израел прогласувајќи го нападот како одговор на неодамнешните израелски убиства во Либан, во кои загинаа тројца борци на Хезболах.
Хезболах тврди дека нивните беспилотни летала го нападнале штабот на израелската армија во Сафед како одмазда за минатонеделното убиство на заменик-лидерот на Хамас, Салех ал-Арури, во Бејрут и како одговор на вчерашното убиство на командант на Хезболах. Извор запознаен со операциите на Хезболах рече дека тоа е првпат од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас шиитската милитантна група да го нападне Сафед, кој се наоѓа на 14-ина километри од границата со Либан.
Портпаролот на израелската војска изјави дека северната база била погодена во воздушниот напад, но нема повредени или жртви. Портпаролот не прецизира каде точно се случил инцидентот.
Повеќе од 130 борци на Хезболах се убиени во Либан за време на непријателствата со Израел, нивниот најлош конфликт од војната во 2006 година. Десетици илјади луѓе ги напуштија своите домови од двете страни на границата, а има стравувања дека конфликтот може да се засили и да се шири. Тројца борци на Хезболах се убиени денеска кога нивното возило било погодено во јужниот либански град Гандурие, соопштија извори.
Израелската војска соопшти дека нејзините воздухопловни сили ги нападнале целите на Хезболах во Кила, што очигледно се однесува на либанското гранично село Кфар Кила, како и одред на беспилотни летала на Хезболах на друго место во јужниот дел на Либан.
Командантот на Хезболах убиен во понеделникот. Висам Тавил беше командант на елитните сили на Хезболах, Радван, и највисок офицер на Хезболах убиен досега во конфликтот. Тој одигра клучна улога во водењето на операциите на Хезболах на југот.
Заменик-претседателот на Хезболах, Наим Касем, во вторникот рече дека неговата група не сака да ја прошири војната надвор од Либан, „но ако Израел ја прошири, одговорот е неизбежен до максималниот степен неопходен за да се одврати Израел“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Фараж: Путин е „екстремно опасен човек“
Лидерот на Британската реформска партија, Најџел Фараж, денес изјави дека рускиот претседател Владимир Путин е „екстремно опасен човек“ откако јавната истрага откри дека тој наводно е „морално одговорен“ за смртта на британската државјанка Дон Стерџис, која почина откако случајно дојде во контакт со нервниот агент Новичок, употребен во обидот за атентат врз поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал.
Во врска со претходните тврдења од 2018 година, кога тврдеше, додека Сергеј и неговата ќерка Јулија Скрипал сè уште беа во болница, дека британската влада пребрзо ја обвини Русија, Фараж рече дека „не знаел што се случило“.
„Не знаев што се случило. Беше труење. Дали мислам дека Путин е чудовиште? Мислам дека тој го докажува тоа секоја недела што поминува“, рече лидерот на британските реформисти.
Фараж додаде дека неговиот „пријател“, американскиот претседател Доналд Трамп, верувал дека може да постигне „разумен компромис“ меѓу Русија и Украина, со цел да се спречи војна што потсетува на обемот на страдањето од Првата светска војна, објавува „GB News“.
Сепак, Фараж истакнува дека Путин секој ден докажува дека е „ирационален“ и дека не сака праведно решение. Фараж го критикуваше британскиот премиер Кир Стармер, кој го обвини реформистичкиот лидер дека е „руски агент“ затоа што имал средба со Путин.
„Па, една година потоа, кралицата се сретна со Путин. Дали таа беше руски агент? Не сум баш сигурен“, додаде Фараж саркастично.
Британска јавна истрага предводена од поранешниот судија лорд Ентони Хјуз откри дека Путин го одобрил атентатот врз поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал во Солсбери во 2018 година. Дон Стерџис (44), која случајно стапила во контакт со Новичок, починала во операцијата, додека Скрипал и неговата ќерка Јулија го преживеале нападот, објави „GB News“.
Фото: ЕПА
Свет
Порака од Хелсинки: „Ако не се ослободиме од Фон дер Лајен, ништо нема да остане од Европа“
Доколку претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, не биде наскоро заменета, Европа ќе се најде на патот кон самоуништување, предупреди финскиот економист и професор на Универзитетот во Хелсинки, Туомас Малинен, во ообјава на мрежата X.
„Доколку наскоро не се ослободиме од Фон дер Лајен, ништо нема да остане од нашиот голем континент (освен можеби Унгарија)“, рече Малинен, оценувајќи дека сегашното раководство на ЕК ја води ЕУ во длабока политичка и економска криза.
Причината за овој бран критики е неодамнешната изјава на Урсула фон дер Лајен дека Европската Унија би можела да донесе одлука за запленување на замрзнат руски имот со цел да обезбеди таканаречен репаративен заем за Украина – дури и без согласност на Белгија, која остро се спротивставува на оваа иницијатива.
Ваквата најава од Брисел предизвика бурни реакции низ целата Унија. Според тврдењата на неколку европски правни експерти, претставници на ЕУ и дипломати од земјите-членки, Европската комисија се однесува „лудо“ и ги надминува границите на институционалната одговорност.
Еден висок европски функционер отиде чекор понатаму, споредувајќи ја сегашната стратегија на Брисел со „удирање во ѕид“ – метафора што се чини дека сè повеќе го одразува расположението во европските политички кругови.
И додека критиките кон Фон дер Лајен стануваат сè погласни, според анализите на медиумите, Европската Унија се соочува со низа чувствителни политички одлуки што би можеле да ги постават темелите за нејзината иднина – или да ги продлабочат постојните поделби.
Фото: ЕПА
Свет
Германскиот претседател ја повика Велика Британија да го надмине „Брегзит“ и да ги обнови врските со ЕУ
Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер денес ја повика Велика Британија да го надмине „Брегзит“, односно нејзиното излегување од Европската Унија, и да се фокусира на обновување на врските со ЕУ.
„Не гледајте назад со лутина. Останете смирени и продолжете понатаму. Гледајте прагматично напред и продолжете понатаму“, рече Штајнмаер за време на своето обраќање пред членовите на британскиот парламент, за време на кое ги употреби стиховите на британската рок група „Oasis”, пренесува Ројтерс.
Тој повика на прагматизам и „нова основа“ во односите меѓу Велика Британија и ЕУ, откако Велика Британија ја напушти ЕУ во 2020 година.
Фото: ЕПА

