Свет
Британски хирург: Газа е најлошото нешто што сум го видел во мојот живот
Британскиот хирург, кој водел тим за итна медицинска помош во центарот на Газа, вели дека ситуацијата во болницата „Ал Акса“ била „без сомнение најлошото нешто“ што го видел во својата кариера, а кралот на Јордан предупредил дека израелското бомбардирање може да создаде цела генерација сирачиња.
„Имаше повеќекратни ампутации, ужасни изгореници, какви што досега не сум видел“, рече Ник Мејнард за Си-ен-ен откако неговиот тим немаше друг избор, освен да се повлече од болницата по зголемената израелска воена активност.
Тој рече дека често „нема воопшто лек за ублажување на болката за овие пациенти“ нагласувајќи ги страшната хуманитарна ситуација и недостигот на медицински материјали во палестинската енклава по повеќе од три месеци израелско бомбардирање.
„Мислам дека е фер да се каже дека никогаш не сум видел вакво нешто. И никогаш не очекував да видам таква ужасна ситуација во мојот живот“, рече Мејнард, кој зборуваше од египетската престолнина Каиро по заминувањето од Газа.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) постојано ја уверуваа јавноста дека не гаѓаат цивили. ИДФ исто така рече дека Хамас користи цивилна инфраструктура, вклучително и болници, како штит за своите напади врз Израел и дека ударот на тие цели е од клучно значење бидејќи работи на елиминирање на Хамас од Појасот Газа.
Израел исто така тврди дека некои болници се користат како командни центри, но не обезбеди докази за поддршка на тоа тврдење.
„Одам во Газа речиси 15 години, имам многу пријатели што работат во болниците таму. Има многу примери на напади врз болници. Во последните два дена, откако ја напуштив болницата „Ал Акса“, имаше повеќе напади врз болницата“, изјави Мејнард за Си-ен-ен.
Со оглед на тоа што Мејнард и неговиот тим ја напуштија Газа заради сопствената безбедност, тој стравува дека „сега нема доволно персонал за водење на болница во каква било форма“.
Тедрос Аданом Гебрејсус, шеф на Светската здравствена организација (СЗО), во неделата предупреди дека болницата „Ал Акса“ е „најважната преостаната болница“ во центарот на Газа. Тој бара медицинскиот персонал и нивните семејства да бидат заштитени додавајќи дека установата „мора да остане функционална“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Хелокоптерот во кој загина иранскиот претседател не емитувал никаков сигнал
Хеликоптерот што се урна додека ги превезуваше претседателот и министерот за надворешни работи на Иран немал вкучено сигнален систем или не поседувал, изјави турскиот министер за транспорт Абдулкадир Уралоглу.
Уралоглу им рече на новинарите дека провериле дали има сигнали од хеликоптерот откако слушнале дека се урнал.
„Но, за жал, мислиме дека најверојатно сигналниот систем бил исклучен или хеликоптерот го немал тој сигнален систем бидејќи ние сигурно ќе ги видиме тие сигнали, но немаше“, рече тој.
Регион
18-годишник е уапсен бидејќи го запалил хрватското знаме и го споделил на социјалните мрежи
Осумнаесетгодишник е уапсен во Славонија бидејќи на 1 мај го запалил хрватското знаме во шумата кај Трпија.
Како што дознала полицијата, тој тоа го снимил и го објавил на социјалните мрежи.
„На овој начин тој јавно го подложи знамето на Република Хрватска на потсмев и грубо омаловажување и на јавноста и стави на располагање видео од тој чин преку компјутерска мрежа, во кое повикува на насилство или омраза насочена кон група луѓе поради нивната национална или етничка припадност“, наведува полицијата во кривичната пријава.
Пријавата го товари младиот човек за јавно поттикнување насилство и омраза и нарушување на угледот на Република Хрватска. За овие злосторства му се заканува затворска казна до три години.
Од полицијата потврдија дека со решение на Жупанискиот суд во Вуковар, на 18-годишникот му е одредена мерка притвор.
Свет
Зеленски му го честиташе третиот премиерски мандат на Пленковиќ и му се заблагодари за поддршката на Украина
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, му го честиташе третиот мандат на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ и изрази благодарност за постојаната поддршка од Украина.
Зеленски на социјалната мрежа Икс напиша дека разговарал со Пленковиќ, кому му се заблагодарил и го потврдил доаѓањето на мировниот самит во Швајцарија.
„Разговаравме и за поддршката на Хрватска за почеток на пристапните преговори на Украина со Европската унија, како и за можноста Хрватска да се приклучи на декларацијата на Г7 од Вилнус за поддршка на Украина“, напиша Зеленски.