Европа
Хотел платил откуп на хакери во биткоини за да им ги ослободат гостите

Еден од врвните хотели во Европа, објави дека морале да платат откуп во Биткоин валутата на хакери, кои им го презеле системот за отклучување и заклучување на вратите од собите, со што гостите или биле заклучени внатре или не можеле да влезат.
Бесните менаџери на хотелот„Romantik Seehotel Jaegerwirt“, луксузен хотел со 4 ѕвезди на падините на австиските Алпи, решија да го објават ова јавно, за и другите да се заштитат од слични напади.
Тие очекуваат ваквите напади да бидат се почести, а веќе контактирале со неколку колеги од браншата, од каде им кажале дека и тие се соочиле со сличен хакерски напад.
Хотелскиот менаџмент соопшти дека хотелот веќе трет пат е цел на сајберкриминалците, а последниот пат спеале потполно да го блокираат системот на заклучување. Гостите не можеле да влезат ни да излезат од собите, а клучевите не можеле да бидат репрограмирани.
Нападот се случил за првиот викенд од зимската сезона, кога хотелот бил полн, имало резервации за 180 гости. Хакерите не само што го презеле системот за заклучување, туку го нападнале и системот за резервации и системот за благајната.
Тие ветиле дека ќе го ослободат системот доколку им бидат платени 1.500 евра во Биткоин валутата.
Менаџерите овојпат решиле да го платат откупот, затоа што првите два пати им биле потребни многу повеќе пари за рестартирање на системот.
„Не добивме отштета од осигурувањето затоа што немаше кого да обвиниме не можеше да ги најдеме кои се“, вели менаџерот на хотелот.
Според него, поевтино било да им платат на хакерите, но сепак, вели дека секое евро платено на криминалци ги боли.
Кога хакерите ги добија парите, системот проработе нормално. Сепак, хакерите си оставиле отворена „задна врата“, за да можат да нападнат пак.
Но, четврти пат нема да има, тврдат од хотелот, затоа што сменети се компјутерите, а во системот се вградени последните безбедносни стандарди.
„Seehotel Jaegerwirt“, кој опстојува веќе 111 години, има уште едно иновативно решение за овој проблем. „На следното реновирање на хотелот, ќе ставиме врати како пред 111 години, во времето на нашите прадедовци, со нормален клуч, старовремски“, вели менаџерот.
Да се користи Биткоинот како валута за отплата во сајберкриминалот е во пораст, затоа што да се следат исплатите е многу потешко, поради начинот на кој оваа криптовалута функционира./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Ковчегот на папата Франциско затворен, погребот в сабота наутро

Од средата наутро, кога телото на покојниот папа Франциско беше пренесено во базиликата „Свети Петар“, низ неа поминаа 150.000 луѓе од целиот свет. Ковчегот на папата беше затворен вечерва, а погребот ќе се одржи в сабота наутро.
Пред церемонијата на запечатување, во ковчегот на папата беа поставени 12 монети, по една за секоја година од неговиот понтификат, како и краток запис и извештај за неговото папство. Церемонијата ја водеше кардиналот Кевин Фарел, камерлегно на Светата Римска црква.
Реки верници доаѓаат во Рим за да присуствуваат на утрешниот погреб на папата Франциско, а се очекува и пристигнување на бројни делегации од целиот свет.
Во Рим се воведени строги безбедносни мерки, со илјадници волонтери и полицајци, систем против дронови, снајперисти на покривите и борбени авиони подготвени за полетување.
Европа
Жена во Шпанија ја продала новородената ќерка за 2.000 евра на двојка која не можела да има деца

Шпанската полиција уапси 37-годишна жена која ја продала својата новородена ќерка на пар кој се лекува од неплодност, јавува АФП.
Полицијата соопшти дека жената била уапсена минатиот месец во Мостолес, јужно предградие на Мадрид. Брачен пар осомничен за купување дете и двајца нивни роднини беа уапсени во јужниот град Кордоба.
Според прелиминарната истрага, жената се согласила да им ја предаде својата новородена ќерка на двојката за 2.000 евра. Сепак, по породувањето, таа се предомислила и побарала да ѝ го вратат детето.
Двојката, според АФП, одбила да го врати бебето освен ако жената не им го врати платениот износ, плус дополнителни 1.000 евра за покривање на трошоците што тврделе дека ги направиле во текот на месецот што го поминале со неа во Кордоба пред да се роди детето.
Полицијата започна истрага откако една жена поднесе жалба тврдејќи дека семејство во Кордоба го „киднапирало“ нејзиното новородено бебе. Детето е предадено во центар за заштита на деца во Кордоба. Полицијата, исто така, објави дека властите ѝ одзеле уште шест деца на жената во 2022 година поради занемарување.
Европа
Зеленски: Подготвени сме да разговараме за територија, но само под еден услов

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави денес дека Украина ќе биде подготвена да разговара за територијални прашања како дел од мировните преговори, но само откако Русија ќе се согласи на целосен и безусловен прекин на огнот.
„Целосно и безусловно примирје отвора можност да се разговара за сè“, изјави Зеленски пред новинарите во Киев.
Тој ја коментираше и изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп, кој во интервју за „Тајм“ изјави дека „Крим ќе остане со Русија“.
„Она што го кажува претседателот Трамп е вистина. Се согласувам со него дека денес немаме доволно оружје за да ја вратиме контролата врз Кримскиот Полуостров“, рече Зеленски.
Да потсетиме дека украинските претставници претходно решително ја отфрлија можноста за какви било територијални отстапки во замена за мир со Русија.