Европа
Човечки коски пронајдени во берлински парк, полицијата се сомнева на канибализам
Полицијата во Берлин уапси човек осомничен за убиство со сексуални мотиви, но и канибализам. Апсењето се случило кога полицијата пронашла човечки коски во градски парк.
Форензичарите велат дека жртвата е 44-годишен маж, кој исчезнал пред два месеца, пренесува Би-би-си.
Кучињата трагачи им помогнале на полицајците да го пронајдат осомничениот 41-годишен професор по математика, пишуваат германските медиуми.
Минувачи во паркот пронашле човечки коски на 8 ноември.
Неименуван полициски службеник за берлинскиот весник „БЗ“ изјавил дека на една од пронајдените коски воопшто немало месо, а има и други индиции дека жртвата Стефан Т. всушност бил жртва на канибал.
Осомничениот убиец, за кого полицијата ги објави името и првата буква од презимето, Стефан Р., бил дел од некои групи на интернет со содржина поврзана со делото, објави германската новинска агенција ДПА.
Жртвата, инаку електроинженер, го напуштил својот стан на 5 септември нешто пред полноќ и не се вратил во него. Неговите цимери подоцна пријавиле дека исчезнал.
Германските медиуми го споредуваат настанот со случајот на Армин Меивес, канибал, кој беше осуден во 2006 година на доживотен затвор. Тој ја запознал својата жртва на интернет-група посветена на луѓе заинтересирани за канибализам. Тој го снимил убиството на камера, а обвинителите откриле дека 44-годишниот Меивес ја убил својата жртва, 43-годишен маж, за да го задоволи својот сексуален нагон.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Уапсени двајца тинејџери во Франција: планирале терористички напад
Двајца 16-годишници беа уапсени претходно оваа недела во северна Франција под сомнение за планирање напади врз трговски центар или концертна сала, соопшти канцеларијата на францускиот обвинител за антитероризам во петокот.
Апсењата спречија планиран напад, соопшти канцеларијата, пренесува Ројтерс.
Обвинителот за антитероризам рече дека еден од двајцата малолетници почнал да следи џихадистичка пропаганда. Имињата на уапсените не беа објавени.
Европа
Мерц реизбран за лидер на ЦДУ
Германската владејачка партија, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), денес го реизбра Фридрих Мерц за свој лидер.
Мерц беше поддржан од 878 од 963 членови на партијата на националната партиска конференција во југозападниот град Штутгарт.
Резултатот е негов втор најдобар досега.
Во 2022 година, тој беше избран со 94,6 проценти од гласовите на онлајн партиска конференција, а подоцна беше потврден со гласање по пошта со 95,3 проценти од гласовите. Во 2024 година, тој доби 89,8 проценти од гласовите.
Дводневниот партиски состанок доаѓа на почетокот на предизвикувачка година за ЦДУ, која се соочува со избори во пет федерални држави во март и септември.
Според анкетите, крајната десница ги надминува конзервативците во две источни држави.
Мерц на митингот изјави дека ЦДУ мора „да спречи враќање на крајнодесничарскиот радикализам на власт во федералните држави на Германија“.
Европа
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија денес, соопштија властите, во најновиот смртоносен инцидент оваа зима.
Две лица се пронајдени мртви по лавина во скијачкиот центар Санкт Антон ам Арлберг.
„Жртвите беа извлечени од снегот, но не беше можно да се спасат“, изјави портпаролот на полицијата. Уште три лица се повредени. Властите првично не дадоа никакви детали за идентитетот, возраста или националноста на жртвите.
Претходно, 42-годишен германски скијач загина во лавина во тиролскиот скијачки центар Наудерс. Мажот скијал надвор од стазата со својот 16-годишен син, кој преживеал со сериозни повреди, соопшти полицијата. Тие се обидувале да ја преминат северната падина кога се откинала плоча од снег широка околу 400 метри, носејќи ги околу 200 до 300 метри надолу.
До 40 сантиметри свеж снег паднале во делови од Тирол во последните денови. Властите предупредија дека ризикот од понатамошни лавини останува висок. Само во среда во Тирол беа регистрирани повеќе од 30 лавини.

