Свет
Ѓулен некогаш беше сојузник на Ердоган, но тие имаа драматично разделување: во април беше киднапиран од неговата палата во Пенсилванија

Фетула Ѓулен, поранешен имам, писател и политичар, кој беше најголемиот противник на Реџеп Таип Ердоган, претседател на Турција, почина во САД на 83-годишна возраст, каде што со години живееше во егзил.
Смртта на Фетула Ѓулен ја потврдиле членовите на неговото семејство, објави турскиот Си-ен-ен. Неговото здравје долго време беше сериозно нарушено. Тој страдаше од откажување на бубрезите, дијабетес и деменција.
Властите во Анкара го обвинуваат Ѓулен дека стои зад неуспешниот пуч во 2016 година. Ѓулен изгради моќно исламско движење во Турција и пошироко, но последните години од својот живот ги помина соочувајќи се со обвинувања дека го организирал обидот за државен удар против турскиот претседател Таип Ердоган, што тој го негира.
Порталот „Херкулес“, кој ги објавува проповедите на Ѓулен на платформата „Х“, објави дека Ѓулен починал во неделата вечерта во болницата во која бил на лекување. Ѓулен некогаш беше сојузник на Ердоган, но подоцна имаа драматичен расцеп.
Ердоган го обвини за обидот за пуч во 2016 година за време на кој бунтовничките војници користеа авиони, тенкови и хеликоптери. Во обидот за преземање на власта загинаа околу 250 луѓе.
Организацијата на Ѓулен, ФЕТО, стана многу моќна и влијателна. Во април оваа година се појави информација дека е киднапиран и исфрлен, без негова согласност, од неговата палата наречена Chestnut Retreat Center во Пенсилванија, каде што престојува од 1999 година.
Потоа беше преместена на друга локација. Според членовите на семејството на Ѓулен, киднапирањето го извршиле неговите најблиски соработници, меѓу кои и Мустафа Оџан, еден од главните актери на обидот за пуч во 2016 година.
Го зеле Ѓулен од седиштето на организацијата и го затвориле на непозната локација за да ја преземат контролата над финансиските средства на организацијата во случај на неговата смрт.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Големата размена на затвореници меѓу Русија и Украина успешно завршена, Трамп им честита

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, соопшти дека големата размена на затвореници меѓу Русија и Украина е успешно завршена.
„Штотуку беше завршена голема размена на затвореници меѓу Русија и Украина. Им честитаме на двете страни за оваа преговарачка победа. Ова може да доведе до нешто големо“, порача Трамп на својот профил на социјалната мрежа „Тру соушал“.
Украина претходно ѝ достави на Русија список од 1.000 воени заробеници како дел од подготовките за најавената размена, изјави вчера претставник на украинската воена разузнавачка служба.
Договорот за спроведување на оваа размена беше постигнат претходно овој месец во Истанбул за време на првите директни преговори меѓу Русија и Украина по повеќе од три години.
Регион
Лептоспироза во Сараево? Лекарите примиле десет пациенти со сомнителни симптоми

Инфективната клиника при Клиничкиот центар во Сараево во последните денови лекувала десет пациенти со симптоми што укажуваат на лептоспироза, пренесува „Кликс.ба“ од неофицијални извори.
Првите случаи се регистрирани во сараевската општина Нови Град, каде што граѓаните почнале да се јавуваат кај лекарите со висока температура, силен замор и покачени воспалителни и хепатални параметри. Неофицијално, болеста се проширила во овој дел од градот преку водата.
За да се спречи понатамошното ширење на инфекцијата, во моментот се спроведува пролетна дератизација во општините Нови Град, Центар и Илиџа. Во исто време, интензивирани се контролите врз управителите на згради, пазарите и јавните површини.
Лептоспирозата е заразна болест предизвикана од бактерии од родот Leptospira. Најчесто се пренесува преку контакт со вода, почва или храна контаминирана со урина од заразени животни, особено глодачи. Инфекцијата се јавува кога бактериите влегуваат во телото преку оштетена кожа или мукозни мембрани (очи, нос, уста).
Симптомите вклучуваат висока температура, главоболка, болки во мускулите, замор и повраќање, а во тешки случаи може да се појави оштетување на црниот дроб и бубрезите и воспаление на мозокот (менингитис). Нелекуваната лептоспироза може да има сериозни последици, вклучително и смрт.
Експертите советуваат да се избегнува контакт со потенцијално контаминирани површини, да се користи заштитна опрема во области со висок ризик и редовна контрола на штетници и хигиена.
Здравствените институции ги повикуваат граѓаните да обрнат внимание на можните симптоми и веднаш да се обратат на лекар доколку се сомневаат.
Свет
„Застанавте на страната на Хамас“: Нетанјаху ги обвинува светските лидери

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ги критикува британскиот премиер Кир Стармер и францускиот и канадскиот лидер Емануел Макрон и Марк Карни велејќи дека тие „виртуелно рекле оти сакаат Хамас да остане на власт“ и застанале на негова страна.
То исто така ги обвини Стармер, Макрон и Карни дека застануваат на страната на „масовни убијци, силувачи, убијци на бебиња и киднапери“, објавува Би-би-си.
Зборувајќи за нападот врз персоналот на израелската амбасада во Вашингтон, Нетанјаху рече дека лидерите на некои од најблиските сојузници на Израел сакаат Израел да „се откаже и да прифати дека армијата масовни убијци на Хамас ќе преживее“.
Сите три земји го осудија пукањето во Вашингтон, во кое беа убиени двајца службеници на израелската амбасада, и силно го поддржаа Израел по смртоносните напади предводени од Хамас пред 19 месеци.
Но, претходно оваа недела, Велика Британија, Франција и Канада го осудија проширувањето на војната во Газа од страна на Израел како несразмерно и ја опишаа хуманитарната ситуација како неподнослива.
Тие се заканија со конкретни акции ако Израел не престане да дејствува.
Во видеото Нетанјаху рече дека Хамас сака да ги уништи Израел и еврејскиот народ.
Тој рече дека палестинската вооружена група ги поздрави заедничките критики за военото однесување на Израел испратени од Велика Британија, Франција и од Канада.
„Не можев да разберам како оваа едноставна вистина им бега на лидерите на Франција, Велика Британија, Канада и другите“, истакна Нетанјаху.
„Вие сте на погрешната страна на човештвото и сте на погрешната страна на историјата“, додаде тој.
Стармер во вторникот рече дека тој, заедно со лидерите на Франција и Канада, се ужасува од воената ескалација во Газа повторувајќи ги повиците за прекин на огнот.
„Сакам денес да кажам дека сме ужасени од ескалацијата од Израел“, рече Стармер во парламентот откога објави заедничка изјава со францускиот претседател Емануел Макрон и канадскиот премиер Марк Карни.
Тој рече дека тројцата лидери го повторуваат барањето за прекин на огнот како единствен начин за ослободување на заложниците, го изразуваат своето противење на населбите на Западниот Брег и барањето за масовно зголемување на хуманитарната помош за Газа.