Свет
Јужнокорејските власти ги бараат посетителите на ноќните клубови преку кредитни картички и телефони

Властите во Јужна Кореја користат комбинација на податоци од мобилни телефони и изводи од кредитни картички за да ги идентификуваат оние што ги посетиле ноќните клубови во Сеул.
Ноќните клубови станаа извор на повеќе од 100 нови случаи на коронавирус.
Зголемувањето на бројот на нови случаи на Ковид-19 е поврзано со ноќните клубови и донесе страв од втор бран на епидемијата во Јужна Кореја, која важеше за една од земјите што успешно се справи со ширењето на вирусот, пренесува „Ројтерс“.
Здравствените работници следеле и тестирале илјадници луѓе поврзани со ноќните клубови и барови во Сеул, но сакаат да ги пронајдат оние што не успеале да ги идентификуваат.
Корејскиот центар за контрола и превенција на болести денеска соопшти дека најмалку 102 лица биле позитивни на коронавирусот, а биле поврзани со ноќните клубови и барови.
Некои клубови, кои се во центарот на вниманието, се познати и како места каде што се собираат припадници на ЛГБТ-заедницата, а бидејќи во конзервативната земја овие лица се соочуваат со секојдневна дискриминација, властите стравуваат дека токму затоа тие што ги посетуваат баровите избегнуваат да се тестираат.
Поради тоа, властите соопштија дека тие што ќе се тестираат, не мораат да го кажат своето име. Повеќето од посетителите оставаат лажни имиња и телефонски броеви на влезот од клубовите, што им ја отежнува работата на властите.
Јужна Кореја беше пофалена поради брзото дејствување на епидемијата зашто имаше масовно тестирање и агресивно барање контакти и успеа значајно да го намали бројот на нови случаи на инфицирани.
Вкупно во земјата се потврдени 10.936 случаи на коронавирус и 258 се починати.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
(Видео) „Како несмасен дедо кој флертува“: коментарот на Трамп до новинарка предизвика хаос на социјалните мрежи

Доналд Трамп предизвика бран критики на социјалните мрежи откако ја нарече новинарката „прекрасна“ за време на настан во Белата куќа – и покрај советот од неговата портпаролка да не го прави тоа.
Непријатниот момент се случи во петок, 27 јуни, за време на потпишувањето на мировниот договор меѓу Демократска Република Конго и Руанда, кој се одржа во Белата куќа. На церемонијата присуствуваа министрите за надворешни работи на двете земји – Тереза Кајквамба Вагнер од Конго и Оливие Ндухунгирехе од Руанда – како и Џеј Ди Венс и Марко Рубио.
Во еден момент, новинарката Харијана Верас, дописник од Ангола, се појави на говорницата, пофалувајќи го американскиот претседател за неговата улога во мировниот процес и изразувајќи надеж за траен мир.
Трамп потоа одговори со коментар што предизвика мешани реакции: „Тоа е толку убаво кажано. Каролина (портпаролката на Каролина Ливит) ми рече, првото нешто што го кажа беше: „Немој да го кажуваш тоа, политички е некоректно… Но, таа рече дека си убава. И ти си навистина убава!“
„Знам дека не треба да го кажувам тоа, знаете? Можеби е крај на мојата политичка кариера, но сепак ќе го кажам. Прекрасна си – и однатре и однадвор. Би сакал да имам повеќе новинари како тебе“, додаде тој. Верас му се заблагодари, а тонот на Трамп беше, според очевидци, хумористичен и лежерен.
Сепак, реакцијата на интернет не беше блага.
Корисниците на Редит го нарекоа однесувањето на Трамп „морничаво“ и „несоодветно“. Еден корисник напиша: „Трамп ја нарекува новинарката ‘прекрасна’ на средина од интервју… Навистина морничаво однесување“. Друг коментираше: „Како несмасен дедо што флертува со келнерка (а не остава бакшиш).“
Од друга страна, неговите поддржувачи тврдат дека тоа бил безопасен комплимент, но критичарите предупредуваат дека ваквите изјави испраќаат порака за несоодветни стандарди на однесување кон новинарките и жените воопшто.
Свет
Претседателот на Јужна Кореја: Трговскиот договор со САД е неизвесен пред рокот на Трамп

Јужнокорејскиот претседател Ли Џе-мјунг изјави дека не е сигурно дали Сеул и Вашингтон ќе можат да постигнат договор за царините до 8 јули, кога истекува рокот поставен од американскиот претседател Доналд Трамп.
На прес-конференцијата, Ли нагласи дека преговорите се во тек и дека двете страни сè уште ги разјаснуваат своите позиции и ги идентификуваат областите на договор, објави АП.
„Преговорите за царините не беа лесни, но ние се трудиме да постигнеме заемно корисно решение. Во моментов е тешко да се каже со сигурност дали ќе можеме да постигнеме договор до 8 јули, но сè уште работиме на тоа“, рече Ли.
90-дневната пауза на Трамп во примената на реципрочните царини истекува на 9 јули, што може да доведе до воведување нови даноци за јужнокорејските производи, вклучувајќи автомобили и полупроводници, кои ја формираат основата на извозот на Јужна Кореја, истакнува агенцијата.
Ли повика на трпение, нагласувајќи дека брзањето со постигнување договор нема да биде во интерес на земјата.
Министерот за трговија на Јужна Кореја, Џео Хан Ку, планира посета на Вашингтон за понатамошни преговори со американските трговски претставници.
Зборувајќи за Северна Кореја, Ли потврди дека ќе работи на обновување на преговорите со Пјонгјанг, и покрај длабоката недоверба меѓу Северот и Југот.
Тој истакна дека Јужна Кореја ќе се стреми кон прагматичен пристап во подобрувањето на односите со Северна Кореја, а во исто време ќе одржува силен сојуз со САД.
„Иако е предизвикувачки, мислам дека треба да се движиме кон подобра координација со Северна Кореја“, рече Ли.
Владата на Јужна Кореја веќе презеде чекори за намалување на тензиите со Северна Кореја, вклучително и суспендирање на пропагандните емитувања и забрана за пуштање пропагандни балони.
Ли, исто така, рече дека ги поддржува напорите на Трамп да продолжи дијалогот со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, пренесува Танјуг.
Регион
Полицијата приведе 79 демонстранти во Србија, вклучувајќи и универзитетски професор

Речиси 80 демонстранти беа приведени, вклучувајќи еден универзитетски професор, а неколку лица беа повредени вчера вечер кога полицијата интервенираше, разбивајќи ги блокадите поставени во акции на сè помасовна граѓанска непослушност, на која повикаа студентите, по антивладиниот митинг на 28 јуни.
Студентите ја обвинија полицијата за брутален напад врз мирни демонстранти кои седеа на раскрсница пред Правниот факултет и за кршење на автономијата на универзитетот со обид за упад во факултетот, тврдење кое Министерството за внатрешни работи категорично го негираше. Полицијата само во таа операција привела 23 лица.
Според објавите на социјалните мрежи, приведена е и универзитетската професорка и активистка за човекови права Билјана Стојковиќ.
Во ново соопштение во четврток наутро, Министерството за внатрешни работи објави дека синоќа ги проверило идентитетите на вкупно 1.297 лица на терен, а 79 од нив се приведени – 72 за помали прекршоци и седум за кривични дела.
Сите блокади на територијата на Србија и Белград се отстранети и сите патишта се проодни, додаде Министерството за внатрешни работи.
За денес се најавени акции на граѓанска непослушност во неколку градови.