Свет
„Њујорк тајмс“: Како ќе изгледа светот во 2022 година по пандемијата?
Пандемијата на коронавирус може да го промени светот на истиот начин како што тоа го направија Втората светска војна и големата депресија, оценува „Њујорк тајмс“.
Годината е 2022 и коронавирусот конечно е победен, по година и пол беда и менување на карантинот и нови бранови, животот конечно почнува да се враќа во нормала, вака „Њујорк тајмс“ го почнува текстот во кој се обидува да открие како би изгледал животот во 2022 година, кога светот би излегол на крај со пандемијата.
Враќањето во нормала, сепак, нема да значи враќање на старо. Тоа ќе биде нов свет, со нови економски правила и рецесија, која ќе го промени поредокот на работите за цели идни генерации. Пропаѓаат фирми, се затвораат универзитети, исчезнуваат кината, крузерите…пренесува „Спутник“.
Во текстот се наведува дека иднината, секако, е целосно неизвесна и не постои начин да се предвиди со егзактна прецизност, но актуелната пандемија сè повеќе изгледа како настан што ќе дефинира цела една ера.
„Малку кој може да замисли некое сјајно сценарио, што би можело да се случи во најдобар случај, кога вирусот продолжува да го заплискува целиот свет во бранови и толку многу земји во светот секој ден бројат нови жртви, десетици, стотици и илјадници“.
Како што се нагласува во текстот, работата која ќе влијае на тежината и далекусежноста на последиците од пандемијата е насоката во која се движи самиот вирус.
„Доколку науката набрзо не донесе решение и вирусот не го победиме до крајот на оваа година, промените во секојдневниот живот најверојатно нема да бидат трајни“.
Сите индустрии кои се засновани на меѓучовечки контакт се сериозно загрозени.
Сценариото кое новинарот на „Њујорк тајмс“ го претставува се заснова на претпоставка дека вакцината ќе стигне во некој момент во 2021 година. Сепак,тој напоменува еден важен факт: многу работи нема да се променат.
„Историјата нè учи на тоа – финансиската криза во 2008 година не го урна Волстрит, првиот Афроамериканец претседател на САД не ја однесе оваа земја во доба на расни помирувања… Но, ако пандемијата продолжи и следната година, би можела во колективната свест да ги надмине настаните од претходните неколку децении и да заземе позиција каква што има Втората светска војна – како настан кој ќе го окупира вниманието на целиот свет уште долго време откако ќе биде ставен крај на истиот и оној кој го менува ритамот на секојдневниот живот“.
Економистите со кои разговарал весникот сметаат дека ќе страдаат компаниите со лоши деловни модели, иако добро им одело пред пандемијата. Жртви ќе бидат и локалните медиуми кои веќе се борат за опстанок, како и традиционалниот концепт на купување, а вирусот ги зголемува постоечките проблеми во образовните системи и функционирања на универзитетите.
Навиките е извесно дека ќе се менуваат и за учениците и за студентите и за работниците. Состаноците можеби трајно ќе се одржуваат преку апликациите „Фејс тајм“, „Зум“ и „Гугл мит“.
Некои големи компании во Америка веќе им соопштиле на вработените дека најверојатно засекогаш ќе работат од дома и деловните простории ќе ја загубат својата примарна функција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Израелските доселеници напаѓаат Палестинци, палат куќи; Министер: Тоа не е тероризам
Израелскиот министер за одбрана, Израел Кац, наводно изјавил дека нападите на доселениците врз Палестинците на Западниот Брег не претставуваат „тероризам“, туку само „нарушување на јавниот ред“. Контроверзната изјава дојде за време на состанокот на комисијата на Кнесетот зад затворени врати, во услови на ескалација на насилството, објави „Тајмс оф Израел“.
Неговите забелешки пред Комисијата за надворешни работи и одбрана предизвикаа гнев кај пратениците на центристичката партија Јеш Атид, Елазар Штерн и Рам Бен-Барак.
Нападите врз доселениците ескалираа во последните недели, што ги поттикна безбедносните агенции да ги засилат напорите за борба против овој тренд. Опозициските пратеници наводно вршат притисок врз Кац повторно да воведе административен притвор за осомничени еврејски напаѓачи.
Министерот претходно објави дека контроверзната политика, која дозволува притвор без обвинение од безбедносни причини, повеќе нема да се користи за осомничени Евреи, додека продолжува да важи за Палестинците.
Бранејќи ја својата одлука, Кац инсистира дека постои разлика помеѓу опасно однесување и нарушување на јавниот ред и тврди дека насилството врз доселениците спаѓа во втората категорија. Тој тврди дека ниедна безбедносна агенција, вклучително и Шин Бет, не го дефинира еврејското националистичко насилство како тероризам.
Сепак, ова е во спротивност со потезите на полицијата, која оваа недела објави дека ќе бидат покренати обвиненија за тероризам против двајца осомничени Евреи.
Доселеник претепал жена со стап, друг запалил пожари
Еден од осомничените, приведен на 9 ноември, треба да биде обвинет откако беше снимен како тепа Палестинка до бесвест со палка за време на бербата на маслинки минатиот месец.
Друг беше уапсен под сомнение за палење имот за време на дивеењето на доселениците низ градовите помеѓу Тулкарем и Наблус.
фото: епа
Свет
(Видео) Венс одржа бизарен говор по пукањето во Вашингтон
Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс вчера одржа бизарен говор, отстапувајќи од темата за трагичната пукотница во Вашингтон, на дискусија за вкусот на мисирката за Денот на благодарноста. Додека главниот град беше во хаос по нападот во кој загинаа двајца припадници на Националната гарда, Венс им се обрати на војниците од воена база во Кентаки, а неговиот говор предизвика јавно негодување, пишува „Ајриш стар“.
Венс вчера попладне ги посети војниците во Форт Кемпбел во Кентаки за да ја упати пораката за Денот на благодарноста. Откако го спомена инцидентот во главниот град, следеше неочекуван пресврт.
Vance: Who really likes — be honest with yourself, who really likes Turkey? You are all full of shit. Everybody who raised your hands… Turkey doesn't actually taste that good. Chicken is good all the time. pic.twitter.com/4TDDHAihUv
— Acyn (@Acyn) November 26, 2025
„Кој навистина сака, бидете искрени со себе, кој навистина сака мисирка?“, ја праша Венс публиката. По рафален аплауз, тој продолжи. „Сите лажете, сите што кренавте раце. Мисирката всушност нема толку добар вкус. Пилешкото е секогаш вкусно“, изјави тој.
фото: епа
Регион
(Видео) Тешка сообраќајна несреќа во Србија: четири лица загинаа во судир на комбе и работна машина – валјак
Во тешка сообраќајна несреќа што се случи рано утрово, околу 6:20 часот, на патот помеѓу Ириг и Рума во Србија, четири лица го загубија животот, според првичните информации, додека тројца се повредени. Трагедијата се случила кога патничко комбе удрило во работна машина – валјак, од причини кои сè уште не се познати, пишува Телеграф.рс.
Сцените од местото на настанот се ужасни. Поради силината на ударот, комбето буквално влегло под валјакот и било целосно згмечено. Бројни екипи за итни случаи, пожарникари и полиција веднаш биле испратени на местото на настанот.
Пожарникарите вложија големи напори за да ги извлечат мртвите и повредените од уништеното возило. Според неофицијални информации, неколку лица се извлечени без знаци на живот. Сите повредени се итно пренесени во болница.
Полицијата спроведува истрага за да ја утврди точната причина за оваа тешка несреќа.
Сообраќајот на овој дел од патот е целосно затворен за сите возила. На возачите им се препорачува да користат алтернативни правци до понатамошно известување.
фото: принтскрин – 192.rs/Instagram

