Свет
Авион со 288 патници наишол на силни турбуленции над САД: 25 повредени
Авион итно слета на меѓународниот аеродром „Минеаполис-Сент Пол“ кога 25 лица беа повредени поради силна турбуленција, јавуваат светските медиуми.
Летот „56“ за Амстердам полета од аеродромот „Солт Лејк Сити“ во 16.30 часот по локално време во средата. Летот требало да трае девет часа, но авионот бил пренасочен кон Минеаполис поради турбуленција.
Медицински персонал го пречекал „ербасот А330-900“ за да ги проценат патниците и екипажот, кои пристигнале во Минеаполис. 25-те патници биле однесени во локалните болници на лекување. Компанијата соопшти дека работи со патниците за да се задоволат нивните непосредни потреби.
Во авионот имало 275 патници и 13 члена на екипажот. Според официјалните податоци од Националниот одбор за безбедност во сообраќајот, во САД имало 207 сериозни повреди предизвикани од турбуленции од 2009 година, според официјалните податоци од Националниот одбор за безбедност во сообраќајот.
Секоја година во целиот свет има речиси 35 милиони лета, а процените сугерираат дека има приближно 5.000 инциденти на силна турбуленција. Силната турбуленција се дефинира како состојба во која движењето нагоре-надолу на авион што минува низ турбулентен воздух врши сила врз вашето тело, која е доволна за да ве подигне од седиштето ако не носите сигурносен појас.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Роб Јетен е најмладиот и прв геј премиер во историјата на Холандија
Роб Јетен (38) денеска официјално стана најмладиот и прв геј премиер во историјата на Холандија, откако кралот Вилем-Александар ја потврди неговата малцинска влада, јавува Хина.
Лидерот на прогресивната и проевропска партија Д66 ја однесе партијата до изненадувачка изборна победа во октомври, ветувајќи крај на политиката на поделби.
Владата ја сочинуваат Д66, демохристијаните (ЦДА) и десниот ВВД, но располага со само 66 од 150 пратеници во парламентот, што значи дека за секој закон ќе ѝ биде потребна поддршка од опозицијата.
Опозициските партии веќе ги критикуваа плановите за зголемување на одбранбениот буџет на 3,5 отсто од БДП до 2035 година, што треба да се финансира со кратења во социјалата и здравството и со нови даноци.
Владата најавува ограничување на надоместоците за невработеност, повисоки здравствени придонеси и побрзо зголемување на старосната граница за пензионирање. Најавен е и построг пристап кон азилот и миграцијата.
Јетен изјави дека има простор за подобрување на плановите пред усвојувањето на конечниот буџет.
Свет
Сикорски: Унгарија покажува шокантен недостаток на солидарност кон Украина
Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски денес ја обвини Унгарија дека покажува шокантен недостаток на солидарност кон Украина и дека верува оти унгарската влада создава клима на непријателство кон Киев за да ја искористи во изборната кампања.
„Очекував многу поголемо чувство на солидарност од Унгарија кон Украина. Но, наместо тоа, со помош на државната пропаганда, владејачката партија успеа да создаде клима на непријателство кон жртвата на агресија. А сега се обидува да ја искористи на општите избори. Тоа е доста шокантно“, изјави Сикорски пред новинарите во Брисел, пренесува Ројтерс.
Шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, изјави претходно денес, пред состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел, дека континуираниот отпор на Унгарија јасно ставил до знаење дека на состанокот нема да се постигне консензус за предложениот нов пакет санкции против Русија.
Европа
Дали ЕУ експресно добива нова членка? Политико: Референдум уште на лето
Исланд ја разгледува можноста за одржување гласање за рестартирање на преговорите за членство во ЕУ уште во август, според два извори запознаени со подготовките за пристапување на земјата.
Оваа вест доаѓа во време кога проширувањето на ЕУ се чини дека повторно добива на интензитет, додека Брисел работи на план што би можел да ѝ донесе на Украина делумно членство уште следната година, а Црна Гора, како водечки кандидат, минатиот месец затвори уште едно преговарачко поглавје, пишува Политико.
Владејачката коалиција во Рејкјавик вети дека ќе одржи референдум за продолжување на преговорите за пристапување, кои претходната влада ги замрзна во 2013 година, до 2027 година.
Сепак, временската рамка се чини дека се забрзува поради геополитичките превирања, одлуката на Вашингтон да воведе царини за Исланд и заканата на американскиот претседател Доналд Трамп да го анектира Гренланд.
Се очекува исландскиот парламент да го објави датумот на гласањето во следните неколку недели, според изворите, кои зборуваа под услов на анонимност. Овој потег следеше по серија посети на европски политичари на Исланд и исландски претставници на Брисел.
Доколку Исланѓаните гласаат „за“, тие би можеле да се приклучат кон ЕУ пред која било друга земја-кандидатка, рече еден од испитаниците.
„Дебатата за проширувањето се менува“, изјави за Политико комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос, која се сретна со исландската министерка за надворешни работи, Торгердур Катрин Гунарсдотир, минатиот месец во Брисел.
„Сè повеќе станува збор за безбедност, припадност и зачувување на нашата способност да дејствуваме во свет каде што се натпреваруваат различни сфери на влијание. Тоа е прашање за сите Европејци.“
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, се сретна со исландската премиерка, Криструн Фростадотир, во Брисел минатиот месец и рече дека нивното партнерство „нуди стабилност и предвидливост во нестабилен свет“.
Фон дер Лајен, која го посети Исланд минатиот јули, ја пофали земјата за зајакнување на соработката со ЕУ за време на состанокот на Нордискиот совет во Стокхолм минатата есен и планира нова посета на арктичкиот регион во март.

