Свет
Активисти за заштита на околината се залепија меѓусебно пред лондонската берза

Активисти за животната средина, кои во последните неколку дена протестираат во Лондон, се залепија со дланките еден со друг правејќи синџир пред лондонската берза, а некои од нив се искачија на покрив на воз во бизнис-област на Лондон на последниот ден од протестите, со што тие имаат цел да ги анимираат Британците да преземат акција за спречување на глобалната климатска катаклизма.
Групата Extinction Rebellion предизвика големи застои во Лондон во последните неколку дена блокирајќи неколку прометни локации. Нејзини активисти ја скршија вратата од влезот на зградата на „Шел“ и ги шокираа пратениците со полугол протест во парламентот.
Пред седиштето на лондонската берза седуммина демонстранти, облечени во црни костуми, со црвени вратоврски, ја блокираа лизгачката врата на влезот од зградата. Некои од присутните држеа транспаренти со натписи „Кажете ја вистината“ и „Парите не може да ги јадете“.
„Бизарно е што мора да го правиме сето ова за да ја натераме владата да го слушне гласот на научниците“, изјавила 60-годишната Дијана Ворнер (60), која со дланките се залепила за воз.
„Имам возрасни деца, па може да го направам ова, односно овој потег го правам за сите оние што не можат“, кажала Ворнер за медиумите.
Во текот на изминатите 11 дена групата Extinction Rebellion предизвика метеж во најпознатите делови на Лондон со протести за кои активистите велат дека се најголемата акција за граѓанска непослушност во модерната британска историја.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Хамас го врати телото на Непалецот, негов пријател раскажа како му го спасил животот

Бипин Џоши, непалски студент киднапиран од Хамас за време на нападот врз Израел пред две години, го спасил животот на својот пријател фрлајќи бомба поставена од напаѓачите во нивното засолниште, рече преживеаниот студент Дан Бахадур Чаудари. Неговата изјава доаѓа откако израелската армија потврди дека телото на неговиот пријател му припаѓа на еден од првите четири мртви заложници вратени од Хамас според договорот за прекин на огнот во Газа, пишува „Би-Би-Си“.
„Можеби немаше да преживеам ако двете бомби експлодираа. Бипин покажа храброст и ја фрли бомбата“, изјави Дан Бахадур Чаудари за „Би-Би-Си“.
Бипин имал 23 години и работел во Кибуц кога Хамас го киднапирал заедно со 250 други луѓе на 7 октомври 2023 година. Сè уште не е јасно како и кога починал. Неговото семејство и пријателите се надевале до последен момент дека тој ќе биде меѓу живите заложници ослободени на 13 октомври, но кога тоа не се случило, еден ден подоцна нивните најлоши стравови биле потврдени.
Бипин, Дан Бахадур и уште 15 непалски студенти по агрономија биле во Израел нешто повеќе од три недели како дел од владината програма „Учи и учи“ кога се случил нападот. Тоа била одлична можност за нив да го подобрат животот на себеси и на своите семејства во Непал.
„Знаевме дека може да избувне војна во Израел, но немавме поим дека може да се случи копнен напад од ваков обем“, рече Дан Бахадур.
„Мислевме дека може да има ракетни напади и дека ќе бидеме безбедни ако останеме во подземните бункери.“
Дан Бахадур го припишува своето преживување на храброста на Бипин.
„Во времето на нападот, две бомби беа фрлени во близина на бункерот. Бипин зеде една и ја фрли надвор; една експлодираше внатре. Поради таа експлозија, јас и уште четворица бевме повредени“, рече.
„Тој беше неповреден во тој момент. Да експлодираа обете бомби, немаше да разговарам со вас во моментов.“
Десет непалски студенти беа убиени во нападот, а Бипин беше единствениот заробен.
„Последниот пат кога се видовме беше кога тој и другите беа префрлени во вториот бункер. Откако бев ранет, не можев да се движам и останав во првиот бункер. Подоцна дознав дека имало два напади врз бункерот каде што се криел и дека таму бил киднапиран“, додаде Дан Бахадур.
Тој раскажа како Бипин и другите колеги имале иста цел – да заштедат пари и да започнат сопствен бизнис по враќањето од Израел.
„Тој обожаваше да игра фудбал и кошарка. Разговаравме со часови за нашите цели и соништа. Сакаше да го доведе своето тело во добра форма и да купи нов мобилен телефон. Дури и снимивме песна за пријателството со мојот телефон. Тој зборуваше и за појавување во музичко видео.“
Мајката и сестрата на Бипин отпатувале во Соединетите Држави за да лобираат за ослободување на заложниците, изјавил неговиот братучед Кишор Џоши за Би-Би-Си. „Семејството нема зборови да ја опише својата тага. Неговата мајка и сестра се враќаат од САД во четврток. Таткото не е во можност да ја изрази својата болка со зборови.“
Министерството за надворешни работи на Непал објави дека Израел презема сите потребни мерки за репатријација на неговите останки.
Свет
Денес се очекува важна одлука на НАТО за оружјето за Украина

Американскиот претставник во НАТО, Метју Витакер, изјави дека очекува големи најави од европските сојузници за финансирање на купувањето оружје за Украина преку програмата „ПУРЛ“, која овозможува Киев да набавува оружје од САД со европски средства.
Витакер порача дека системот функционира непречено и ефикасно, додека САД очекуваат зголемени придонеси.
Според Институтот Кил, воената помош за Украина во јули и август била за 43 проценти помала отколку во првата половина од годината.
Во петок, украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп во Белата куќа, каде ќе разговараат за воздушна одбрана и набавка на оружје со долг дострел.
Свет
Кина уништува десетици илјади мапи кои не го прикажуваат Тајван како дел од нејзината територија

Kинеските царински службеници во источната покраина Шандонг запленија пратка од 60.000 карти наменети за извоз, опишувајќи ги како „проблематични“ бидејќи погрешно го означиле островот Тајван, кој Пекинг го смета за дел од својата територија.
Покрај тоа, властите наведуваат дека мапите изоставуваат важни острови во Јужното Кинеско Море, каде што територијалните претензии на Пекинг се преклопуваат со оние на соседните земји, вклучувајќи ги Филипините и Виетнам, пишува „Би-Би-Си“.
Според официјалното објаснување, „проблематичните“ мапи не можат да се продаваат бидејќи „го загрозуваат националното единство, суверенитетот и територијалниот интегритет“ на Кина.
Географските мапи се чувствителна тема за Кина и нејзините ривали, особено кога станува збор за гребени, острови и карпи во Јужното Кинеско Море.
Кинеската царина објави дека таканаречената линија со девет цртички, по која Пекинг полага право на речиси целото Јужнокинеско Море, не е нацртана на спорните карти. Таа линија се протега стотици километри јужно и источно од најјужната кинеска покраина Хаинан.
Запленетите карти, исто така, не ја прикажуваат поморската граница меѓу Кина и Јапонија. Властите додадоа дека картите погрешно ја означиле покраината Тајван, но не прецизираа точно во што се состои грешката.
Кина го смета Тајван за своја територија и не ја исклучува можноста за употреба на сила за да го стави под своја контрола. Од друга страна, Тајван се смета себеси за независен од кинеското копно, со свој устав и демократски избрано раководство.
Тензиите во Јужнокинеското Море повремено ескалираат, а најновиот инцидент се случи минатиот викенд, кога се судрија кинески и филипински бродови.
Манила го обвини кинескиот брод дека намерно се удрил во филипинскиот брод и користел воден топ. Пекинг, сепак, тврдеше дека инцидентот се случил откако филипинскиот брод ги игнорирал повторените предупредувања и опасно се приближил до кинескиот брод.
Филипините и Виетнам се исто така многу чувствителни на прикажувањето на Јужното Кинеско Море на картите. Филмот „Барби“ од 2023 година беше забранет во Виетнам и цензуриран на Филипините токму поради сцената на која е прикажана карта.