Свет
Ал Каеда повикала на атентат на принцот Хари: тој се уште без државно обезбедување
Терористичката мрежа Ал Каеда повика на атентат на британскиот принц Хари, велејќи дека неговата смрт ќе ја задоволи муслиманската заедница, изјави денеска пред судот во Лондон правниот застапник на принцот.
Како што истакна адвокатката Фатима Шахид пред Високиот суд на правдата, Ал Каеда повика на убиство на принцот Хари откако во 2020 година беше намалено нивото на безбедност што му беше обезбедено за време на неговиот престој во Обединетото Кралство, пишува „Daily Mail“.
Принцот Хари на почетокот на 2020 година донесе одлука да се повлече од својата висока позиција во британското кралско семејство, да стане финансиски независен, да ја претставува британската монархија во намален обем и да помине половина од своето време во Северна Америка.
Потоа, Извршниот комитет за заштита на кралското семејство одлучи дека принцот уживал намалено ниво на заштита кога бил во Обединетото Кралство, по што следел судскиот случај на принцот со Министерството за внатрешни работи.
Оттогаш, принцот Хари нема заштита од телохранители финансирани од даночните обврзници.
Правниот застапник на принцот Хари, Фатима Шахид, денеска објави дека безбедносниот тим на принцот објавил документ во кој се наведува дека „смртта на принцот Хари ќе ја задоволи муслиманската заедница“.
Не е прецизиран точниот датум кога би требало да се случи убиството на принцот Хари, пишува „Дејли мејл“ и потсетува дека принцот веќе добил смртни закани откако во својата автобиографија напишал за убиство на 25 талибанци додека учествувал во борбите во Авганистан.
Правниот застапник изјавил дека намалувањето на безбедносното ниво на Хари, принцот и војводата од Сасекс, било неоправдано, пренесува Би-би-си.
Министерството за внатрешни работи, пак, соопшти дека судијата што ја донел одлуката за оправданоста за намалување на нивото на безбедност на принцот Хари постапил правилно и според законот, според светските медиуми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп ќе го пречека претседателот на Колумбија во Белата куќа на почетокот на февруари
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, денеска објави дека во првата недела од февруари ќе го пречека колумбискиот претседател Густаво Петро на разговори во Белата куќа.
„Сигурен сум дека ќе биде многу добро и за Колумбија и за САД, но кокаинот и другите дроги мора да бидат запрени пред да влезат во Соединетите Држави“, напиша Трамп на својата платформа Truth Social.
Зборовите на Трамп претставуваат промена во тонот по месеците остри критики кон Петро и неговата влада, обвинувајќи го колумбискиот претседател дека управува со „фабрики за кокаин“.
Трамп објави дека тој и Петро разговарале по телефон во средата и се согласиле да се сретнат во Белата куќа, но не го прецизираше точниот датум на средбата.
Во изјавите објавени денеска, Петро рече дека Трамп му рекол во телефонски разговор дека размислува за воени операции во Колумбија, што е поврзано со регионалните тензии по американската воена операција во Венецуела.
„Трамп ми рече во телефонски разговор дека размислува за лоши работи во Колумбија. Пораката беше дека тие веќе се подготвуваат, планираат воена операција“, изјави Петро за шпанскиот весник „Ел Паис“, додавајќи дека верува оти заканата е замрзната по разговорот, но призна: „Можеби грешам“.
Петро рече дека Колумбија нема капацитети за воздушна одбрана, но повика на народен отпор во случај на таква воена операција во неговата земја.
Средбата треба да се одржи во време кога односите меѓу САД и Колумбија се обидуваат да се стабилизираат и да се префрлат кон дијалог, и покрај широко распространетите разлики околу политиката за дрога и регионалната безбедност.
фото/депозитфотос
Свет
Венецуела сака да ги обнови дипломатските односи со САД
Венецуелската влада започна да истражува опции за проширување на дипломатските односи со САД, а се очекува претставници на американскиот Стејт департмент да отпатуваат во Каракас за технички и логистички проценки, соопштија двете земји. Стејт департментот соопшти дека американските претставници го проценуваат „потенцијалното продолжување“ на работењето на амбасадата во јужноамериканската земја.
Вашингтон и Каракас сигнализираа подготвеност за соработка по американската воена операција од минатата недела што резултираше со апсење на венецуелскиот претседател Николас Мадуро. Неговата потпретседателка Делси Родригез ја презеде функцијата привремен шеф на државата.
„Венецуелската влада одлучи да започне прелиминарен дипломатски процес со американската влада, со цел повторно воспоставување дипломатски мисии во двете земји“, соопшти венецуелската влада.
Претходно денеска, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ослободувањето на политичките затвореници во Венецуела е знак за „барање мир“ и дека како резултат на тоа го откажал планираниот втор бран напади.
Во среда, Трамп рече дека САД „се сложуваат многу добро“ со венецуелската влада предводена од Родригез, особено кога станува збор за обнова на нафтената и гасната инфраструктура.
фото/епа
Свет
Трамп му посака среќа на Орбан во изборната кампања
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, му посака среќа на унгарскиот премиер Виктор Орбан, долгогодишен сојузник, во неговата изборна кампања, според писмото што Орбан го објави на својата Фејсбук страница.
Во писмото, Трамп наведува дека „смелото лидерство“ на Орбан служи како пример за остатокот од светот. Тој додаде дека со нетрпение очекува „продлабочување на соработката“ во областите на одбраната, енергетиката и нелегалната миграција, пишува агенцијата „Ројтерс“.
„Секогаш цврсто сте стоеле во одбрана на принципите што ја прават Унгарија толку исклучително место – религијата, семејството и суверенитетот“, напиша Трамп во писмото.
Националистот Орбан се соочува можеби со најтешкиот предизвик во неговите 16 години на власт, со комбинација од економска стагнација во Унгарија, зголемување на трошоците за живот и скандал со малолетнички притворен центар што го зајакнува опозицискиот ривал чија партија води во повеќето анкети.
Изборите се очекуваат во април.
Во писмото, Трамп му се заблагодари и на Орбан за поканата да ја посети Унгарија, наведувајќи дека неговиот тим „ќе биде во контакт“ во врска со распоредот. Во понеделник, Орбан рече дека посетата на „високо рангиран“ американски политичар е веројатно да се случи пред изборите.
фото/епа

