Свет
Американскиот Сенат го блокира нацрт-законот со кој би се стопирала продажбата на оружје на Израел
Американскиот Сенат го отфрли предлог-законот за прекин на продажбата на оружје на Израел, кој беше поднесен поради загриженоста за кршењето на човековите права од страна на Палестинците во Газа.
Седумдесет и девет од 100 сенатори гласаа „против“ резолуцијата со која би се суспендирала продажбата на тенковска муниција на Израел, додека 18 сенатори гласале „за“, а еден воздржан, објави Ројтерс.
Сите гласови „за“ дојдоа од демократите, додека гласовите „против“ беа и од демократите и од републиканците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Меѓународниот кривичен суд во Хаг издал налози за апсење на Нетанјаху, Галант и претставници на Хамас
Меѓународниот кривичен суд во Хаг издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант и претставници на Хамас, обвинувајќи ги за воени злосторства и злосторства против човештвото поради војната во Газа и нападот на 7 октомври 2023 година во Израел, што доведе до конфликт, пренесува АП.
Оваа одлука, според медиумот, ги става Нетанјаху и другите осомничени на меѓународната листа и веројатно дополнително ќе ги изолира и ќе ги усложни напорите за преговарање за прекин на огнот за ставање крај на 13-месечниот конфликт.
Нетанјаху и другите израелски лидери го осудија издавањето за налог на главниот обвинител на МКС Карим Кан како срамно и антисемитско.
Американскиот претседател Џозеф Бајден, исто така, го осуди обвинителот и изрази поддршка за правото на Израел да се брани од Хамас. Хамас исто така силно го критикуваше барањето.
„Сметаме дека постојат разумни основи да веруваме дека и двете лица намерно и свесно го лишиле цивилното население во Газа од средствата неопходни за нивниот опстанок, вклучувајќи храна, вода, лекови и медицински материјали, како и гориво и електрична енергија“, напиа трочлениот судиски совет во едногласната одлука за издавање налози за апсење на Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана, Галант.
Израелското Министерство за надворешни работи во септември објави дека поднело два правни поднесоци со кои ја оспорува јурисдикцијата на МКС тврдејќи дека судот не му дал шанса на Израел сам да ги истражи наводите пред да побара потерници.
„Ниту една друга демократија со независен и почитуван правен систем како оној што постои во Израел, не била третирана на ваков штетен начин од обвинителите“, напиша на Твитер портпаролот на Министерството за надворешни работи, Орен Марморштајн.
Тој рече дека Израел останува стабилен во својата посветеност на владеењето на правото и правдата и дека ќе продолжи да ги штити своите граѓани од екстремистите.
МКС е судот во последна инстанца кој ги гони само случаите кога домашните органи за спроведување на законот не можат или нема да истражат. Израел не е земја членка на судот. Групите за човекови права оценуваат дека земјата во минатото имала проблем во истрагата за нејзините постапки.
И покрај налозите за апсење, ниту еден од осомничените најверојатно нема да се соочи со судиите во Хаг наскоро. Самиот суд нема полициски сили за извршување на наредбите, туку се потпира на соработката на своите земји-членки, пишува претходно споменатуот медиум.
Свет
Меркел: Путин ми рече „нема да бидеш засекогаш канцеларка и тогаш Украина ќе влезе во НАТО“
Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел во своите мемоари уште еднаш ја оправда својата политика кон Русија и противењето на Украина да влезе во НАТО, јавуваат германските медиуми.
„Влезот на нова членка во НАТО не само што има за цел да ја зголеми безбедноста на новата членка, туку мора да се земе предвид и безбедноста на целата алијанса“, неделникот „Die Zeit“ цитира делови од мемоарите на Ангела Меркел „Freiheit“ (Слобода), кој треба да биде претставен следната недела.
Пасусот особено се однесува на политиката на Ангела Меркел кон Русија, која во меѓувреме често беше критикувана, и нејзината наводна отстапка кон Владимир Путин. Многумина веруваат дека Русија никогаш немаше да ја нападне Украина доколку Меркел дадеше зелено светло на апликацијата за членство на Украина и Грузија на состанокот на НАТО во Букурешт во 2008 година, анализираат медиумите.
„Целосно ја разбрав желбата на земјите од Централна и Источна Европа за што поскоро членство во НАТО. Меѓутоа, со секое проширување, самата алијанса требаше да прегледа како тоа ќе влијае на безбедноста, стабилноста и ефикасноста на НАТО“, напиша поранешната канцеларка во своите мемоари.
Таа изјави дека во тој момент во случајот со Украина требало да се земе предвид фактот дека Русија ја стационирала својата црноморска флота на полуостровот Крим, што би донело „непредвидливи последици“. Меркел истакна и дека во тоа време само малцинство Украинци го поддржале барањето за влез во НАТО.
Поранешната канцеларка во своите мемоари наведува дека зеленото светло во принцип за Украина и Грузија на самитот во Букурешт за Путин било повик за борба. „Еднаш подоцна Путин ми рече: „Ти нема да бидеш засекогаш канцелар, а потоа овие земји ќе станат членки на НАТО. И јас сакам да го спречам тоа“, се наведува во мемоарите на поранешната долгогодишна германска канцеларка.
Нејзините мемоари ќе бидат објавени во повеќе од 30 земји на 26 ноември. Таа ќе ја претстави книгата во САД една недела подоцна, на настан во Вашингтон со поранешниот претседател Барак Обама, со кого имала блиски политички односи.
Свет
Лукашенко помилува 32 затвореници осудени за екстремизам
Белорускиот претседател Александар Лукашенко помилува 32 лица што беа во затвор поради екстремизам, пренесе агенцијата „Белта“.
Меѓу помилуваните има 24 мажи и осум жени, а според белоруската новинска агенција, сите ја признале вината и побарале помилување од претседателот.
Како што се наведува, 17 помилувани се со хронични заболувања, еден е инвалид, девет се на возраст над 50 години, а 17 имаат деца.