Свет
Американски судови разгледуваат тужби против одлуката за имиграцијата на Трамп
Федералниот судија во Бостон изрази во петокот скепса во однос на тврдењето на едно граѓанско здружение дека одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп за привремена забрана за влез во САД на државјаните на седум доминантно муслимански земји е верска дискриминација.
Судијата во Бостон тоа го изјави во текот на сослушувањето во обидот на правно оспорување на мерката која американскиот претседател Доналд Трамп ја потпиша минатата седмица и со која до 90 и до 120 дена се забранува влез на државјаните на Иран, Ирак, Либија, Сомалија, Судан, Сирија и Јемен. Таа уредба привремено го запра влегувањето во САД на сите државјани на овие земји, како и на неодредено време го запре распоредувањето на сириските бегалци во земјата.
Федералните судии во Сиетл и Вирџинија во петокот ги разгледуваа тужбите кои поради одлуката на Трамп ја поднеле сојузни држави и неколку интересни групи. Со уредбата повлечени се повеќе од 100.000 веќе издадени визи, објави правниот на министерство за правосудство на сослушувањето во Вирџинија, пренесуваат медиумите.
Во неделата судијата во Бостон издаде налог за седумдневна забрана за спроведување на оваа одлука за којашто Белата куќа тврди дека е потребна за националната безбедност.
„Каде стои дека станува збор за муслимански држави?“, го запраша во петокот окружниот судија Натаниел Гортон, Метју Сегал, правник од американската унија за граѓански слободи кој и претставува подносителите на тужбата.
„Доколку Вашето прашање ‘дали зборот муслиманот е присутен во оваа извршна наредба?’, мојот одговор е дека не е“, одговори Сегал. „Но претседателот опиша што ќе се стори со забраната на муслиманите, и тогаш е тоа го спроведе“, додаде.
Гортон возврати запрашувајќи „треба ли да ги земам предвид изјавите на функционерите пред и по изборите, како дел од таа извршна наредба?“.
Тужбата пред Гортон ја поднесе организацијата Oxfam која се бори против сиромаштијата, и седум ирански државјани. Од судијата бараа да ја продолжи забраната за спроведување на одлуката на Трамп.
Гортон во петокот побара објаснување од правниот на министерството за правосудство Џошуа Прес да укаже како се одбрани тие седум држави.
Прес одговори дека листата со седумте споменати држави е направена според законот од 2015 година, изменет минатата година во периодот на поранешниот претседател Барак Обама, во кој од граѓаните на тие седум држави се бара аплицирање за визи „поради загриженоста околу бегалците кои стигнуваат повеќето од Сирија во време во кое во Европа се одвиваат терористички напади“./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Апокалиптични сцени од Турција: силен ветер уништи објекти
Силни ветрови ја погодија северозападната турска провинција Коџаели предизвикајќи значителна материјална штета, при што на повеќе објекти им биле целосно откорнати покривите, јавуваат локалните медиуми.
На снимките објавени од локалниот портал „Коџаели Гундем“ се гледа моментот кога силен ветер подигнува покрив од зграда во населбата Диловаси и го носи од објектот. На друга снимка, објавена подоцна, покривот може да се види речиси неоштетен како лежи на земја.
A massive storm hits #Istanbul, #Turkey. pic.twitter.com/YOzRNoToE4
— Siraj Noorani (@sirajnoorani) January 8, 2026
Дополнителни видеа од местото Хереке прикажуваат куќа што останала без покрив, а предмети од внатрешноста се расфрлани по просториите поради силните налети на ветерот.
Од Кабинетот на гувернерот на провинцијата Коџаели уште во средата било издадено предупредување дека се очекуваат олујни ветрови со брзина од 50 до 70 километри на час, додека во повисоките предели ударите можеле да достигнат и до 80–90 километри на час.
Фото: pexels
Свет
Шефот на гренландска рударска компанија: САД сакаат инвестиции во минерали, преговорите се во тек
САД разгледуваат можност за инвестиции во ископување стратешки минерали на Гренланд, потврди извршниот директор на рударската компанија Аморок, Елдур Олафсон, во изјава за Си-Ен-Би-Си.
Компанијата работи во јужниот дел на Гренланд, каде што се занимава со ископување и истражување на злато, бакар, германиум, галиум и други стратешки минерали. Олафсон наведе дека се водат разговори со американски владини институции за можни инвестиции, но дека договорите сè уште не се финализирани.
Според него, потенцијалната соработка би можела да вклучува договори за откуп, инфраструктурна поддршка и кредитни линии, без да прецизира за кои проекти станува збор.
Портпарол на Стејт департментот изјави дека САД сакаат да изградат долгорочни комерцијални односи кои ќе им користат и на Американците и на народот на Гренланд, додавајќи дека претседателот Доналд Трамп ја истакнал важноста на Гренланд за одбраната на САД.
Интересот на Вашингтон се засилува во период кога Трамп повторно ја нагласува идејата за купување на Гренланд, кој го смета за клучен за националната безбедност. Следната недела американскиот државен секретар Марко Рубио треба да разговара со дански претставници за иднината на островот.
Белата куќа ги гледа богатите минерални ресурси на Гренланд како можност за намалување на кинеската доминација на пазарот на стратешки минерали.
Фото: pexels
Свет
(Видео) Експлозија на гас разнесе станбена зграда во Германија
Три лица, меѓу кои и шестгодишно дете, загинаа во силна експлозија на гас што рано утринава целосно уништи станбена зграда во германскиот град Албштат. Уривањето се случило околу 5 часот наутро во градската населба Тајлфинген, а полицијата потврди дека загинатите се членови на исто семејство на возраст од 33, 30 и 6 години, пренесе Билд.
На местото на несреќата се ангажирани повеќе од 200 припадници на итните служби. Откако семејството првично се водело како исчезнато, спасувачите подоцна ги пронашле нивните тела во урнатините.
Детонацијата била исклучително силна и го вознемирила целото соседство. Еден од станарите изјавил за Шварцвелдер Ботен дека околу 5 часот наутро целата куќа му се затресла, предмети паѓале од полици, а стаклото на влезната врата пукнало. Друга соседка помислила дека станува збор за земјотрес.
Според полицијата, во експлозијата не била уништена само погодената куќа, туку и неколку околни згради биле сериозно оштетени. Соседите биле евакуирани и никој од нив не е повреден. Итните служби им укажале помош, а многумина биле во состојба на шок.
Од безбедносни причини, дотокот на гас во целата улица бил прекинат. Градоначалникот Тралмер изјавил дека нема опасност од нови експлозии и дека се очекува снабдувањето со гас за околните куќи повторно да биде воспоставено во текот на денот.
Фото: pexels

