Европа
Аналитичарите: Пеколната машина на Путин во полн замав – кобниот план за Молдавија има три фази, а првата е веќе почната
Пред неколку дена, на конференција во Белата куќа, Џон Кирби, портпаролот на американскиот Совет за национална безбедност, го шокира светот со сознанието дека Русија планира да анектира уште една европска земја – Молдавија. Само неколку дена подоцна во јавноста излезе планот за уништување, кој се состои од три клучни фази и вклучува поткопување на политичкиот, одбранбениот и на економскиот сектор. Иако на многумина им беше тешко да поверуваат, се чини дека неговата имплементација веќе е почната. Имено, Москва одлучи „Газпром“ повеќе да не испорачува руски гас за Молдавија, пишуваат медиумите во регионот.
Оваа вест ја потврди и молдавскиот министер за енергетика, Виктор Парликов.
„Нема да трпиме уцени од ‘Газпром’ поради тешкотии во плаќањето на испораките“, рече Парлицов.
Како што наведе тој, од декември „Газпром“ го снабдува само сепаратистичкиот регион Приднестровие во Молдавија, кој е поддржан од Русија, а централните власти во Кишињев не добиваат ништо.
„Приднестровие не плаќаше гас порано, а не плаќа ниту сега. „Газпром“ го дозволуваше тоа 30 години за да го спречи неговото уништување“, рече министерот и додаде дека руската страна очигледно не разбира дека со суспендирањето на гасот за Молдавија директно го загрозува опстанокот на регионот што го поддржува.
Оваа одлука на руската страна многу аналитичари ја толкуваат како почеток на спроведувањето на овој план. Тој се фокусира на три основни точки – политичкиот, воениот и одбранбениот сектор, хуманитарниот сектор и трговскиот и економскиот сектор.
Потекнува од истата претседателска администрација за прекугранична соработка, која разви слична стратегија за анексијата на Белорусија.
Група разни експерти внимателно работеа на стратегијата за Молдавија, како и за Белорусија. Тој, според написите, е создаден во есента 2021 година со помош на рускиот Генералштаб на вооружените сили и главните московски разузнавачки служби: ФСБ, СВР и ГРУ.
Како што се вели во него, таа е насочена кон „спротивставување на обидите на надворешните актери да се мешаат во внатрешните работи на Молдавија, со цел да се зајакне влијанието на НАТО и да се ослабат позициите на Руската Федерација“.
Молдавскиот премиер Дорин Речан потврди дека содржината на планот на Кремљ го одразува она што тој и многумина во неговата влада го знаат долго време, пишува во новинарските извештаи.
„Русите долго време се обидуваат да обезбедат Молдавија да го изгуби суверенитетот над својата надворешна политика. Овој документ го потврдува тоа. Гледаме дека нè третираат како сателит над кој лесно може да вршат контрола“, рече Речан.
Како што рече, со години не обрнувале внимание на пропагандата и на руските ТВ-канали, кои секогаш биле присутни.
„Кога почнавме да ги затвораме, пропагандата се префрли на Telegram, Facebook, VKontakte и TikTok. Со Telegram и TikTok не можеме да направиме ништо друго, освен да го пресечеме кабелот. „Триесет и нешто години пропаганда – сега го гледаме ефектот“, рече Речан.
Дејвид Крамер, поранешен функционер на Стејт департментот, нагласува дека иако едвај ја признава Молдавија како посебна држава, документот ја третира Молдавија како податлив сателит, кој може да се контролира и има ефект на целосно блокирање на западното влијание.
Кога станува збор за поткопување на политичкиот сектор, тоа во февруари го посочи претседателката на Молдавија, Маја Санду, која ја обвини Москва дека планира да ја собори нејзината влада.
„Планот вклучуваше саботажа и воено обучени луѓе маскирани како цивили за да вршат насилни акции, да напаѓаат владини згради и да земаат заложници“, рече Санду.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шпанските студенти планираат протести против Израел
Студенти ширум Шпанија во наредните денови би можеле да започнат протести против „геноцидот што го изврши Израел во Палестина“ по примерот на универзитетите во САД, Холандија и Белгија, изјавија нивните претставници за шпанските медиуми.
На Филозофскиот факултет во Валенсија, приморски град на југозападот на земјата, студентите веќе една недела спијат во шатори и секојдневно протестираат.
„Бараме од нашиот универзитет да ги прекине сите врски со институциите и компаниите кои соработуваат со Израел“, изјави 20-годишната Естер Монге, студентка по политички науки и социологија за весникот „Ел Паис“.
Во моментов бројни универзитети одржуваат состаноци на кои студентите и професорите гласаат за блокадите на факултетите.
„Студентскиот совет ќе одлучи за активностите во наредните денови“, рече Марија Хозе Лера, координаторка на Палестиниум, група за солидарност со палестинските аспирации.
Лера, која има докторат по психологија на Универзитетот во Севиља, вели дека моментално се одржуваат состаноци на универзитетите во Мадрид, Сарагоса, Барселона, Жирона, Гранада и други градови.
Во понеделникот стотици студенти се собраа пред Универзитетот во Барселона каде ги развиорија своите транспаренти.
„Сакаме нашите факултети да ги прекинат сите односи со Израел и компаниите што работат таму“, рече 24-годишниот Пабло Кастиља, дипломиран студент по јавна политика.
Во Мадрид се уште нема протестно кампување, но има демонстрации. На автономниот универзитет во Мадрид, планираното предавање за НАТО беше откажано под притисок на пропалестинските демонстранти.
Друг јавен универзитет, Universidad Complutense de Madrid, објави декларација со наслов „Со Палестина, против геноцидот во Газа“.
„По влошувањето на насилството врз палестинскиот народ, ги повикуваме професорите, истражувачите и вработените во администрацијата да се спротивстават на колективното казнување на Палестинците што го спроведува Израел“, се вели во декларацијата усвоена од администрацијата на Факултетот за политички науки и социологија.
Сведоци сме на геноцидот врз палестинскиот народ, што е продолжение на децениското систематско насилство врз палестинскиот народ и неговата присилна емиграција“, се вели во декларацијата објавена на веб-страницата на факултетот.
Европа
(Видео) Украинците објавија снимка: „Ова се руски агенти, сакаа да го убијат Зеленски“
Украинските разузнавачи соопштија дека спречиле руски заговор за атентат на претседателот Володимир Зеленски. Украинската служба за државна безбедност СБУ објави дека фатила руски агенти, кои биле вработени во украинската државна гарда. Разузнавачките претставници велат дека руски агенти планирале да ги убијат претседателот и други високи владини функционери.
Шефот на СБУ, Васил Маљук, изјави дека неуспешниот атентат требало да биде подарок за Владимир Путин пред неговата денешна инаугурација.
СБУ на својот канал на „Телеграм“ објави тврдење дека руски таен агент ги пренел координатите на безбедната куќа пред планираниот воздушен напад. Претставници на разузнавањето додадоа дека Русија планирала да ги уништи сите траги од дронот што би се користел за гаѓање на претседателот со друг проектил.
„Непријателот активно развиваше планови за да го тргне претседателот Володимир Зеленски. Една од задачите на руската разузнавачка мрежа ФСБ беше да бара џелати меѓу војниците блиски до службата што го штити претседателот, кои би можеле да го убијат шефот на државата“, соопштија од СБУ.
„Покрај Володимир Зеленски, непријателот планира да ги елиминира и шефот на Службата за безбедност на Украина, Васил Маљук, шефот на Воената разузнавачка служба на Украина, Кирил Буданов, и други високи функционери“, се вели во соопштението.
„Ограничен број луѓе знаеја за нашата специјална операција и јас лично го следев нејзиниот напредок. Терористичкиот напад, кој требаше да биде подарок за Путин пред инаугурацијата, всушност беше неуспех на руските специјални служби“, рече Маљук.
„Но, не смееме да заборавиме – непријателот е силен и искусен, не може да се потцени. Ќе продолжиме да планираме однапред и да си ја работиме работата секој предавник да ги добие заслужените судски казни“, заклучи тој.
СБУ наведува дека при претресот на просториите на уапсените руски агенти биле пронајдени „релевантни средства за уништување“ и други докази за криминални активности.
Европа
Босфор затворен, заринка украински брод
Теснината Босфор, која го поврзува Црното со Средоземното Море, е затворена за бродови откога денеска таму заринка товарен брод од Украина, соопштија турските власти за ДПА.
Бродот „Алексис“ превезува прехранбени производи од Украина до Египет. Дефект на моторот се случил во близина на излезот од пловниот пат, изјави портпаролот на Управата за безбедност на крајбрежјето за дпа.
Спасувачките напори се веќе во тек, додаде изворот. Босфорот служи како излез за украинското жито на светските пазари во екот на руската инвазија. Речиси 40.000 брода поминале низ Босфорот во 2023 година, според турското Министерство за транспорт.