Свет
Арапската лига вети 100 милиони долари месечно за Палестинската самоуправа
На итниот состанок на Арапската лига во Египет, свикан по барање на Палестинците, земјите членки ветија дека ќе ѝ плаќаат 100 милиони долари месечно на Палестинската самоуправа за да ги неутрализираат кусоците поради израелската одлука за намалување на даночните приходи што Тел Авив ги собира за Палестинската самоуправа, пренесува „Спутник“.
Палестинскиот претседател Махмуд Абас, кој ги интензивира дипломатските напори да се спротивстави на претстојниот мировен план на администрацијата на Трамп, ги повика сојузничките држави да им помогнат на Палестинците. Тој инсистира дека мора да биде обезбедена безбедносна мрежа.
„Арапите треба активно да се ангажираат во ова критично време“, изјави тој.
Израел во февруари објави дека ќе задржи 138 милиони долари месечно од данокот што го собира и ѝ го префрла на Палестинската самоуправа според мировните договори во Осло од 1993 и 1995 година, што надминува 1 милијарда долари годишно.
Овие пари сочинуваат половина од месечниот буџет на Палестинската самоуправа. Намалувањето е како казна поради исплатите од Палестинската самоуправа за Палестинците затворени за тероризам и насилство од страна на Израел и за семејствата на напаѓачите.
Палестинската самоуправа протестира против мерката и одби да ги прими средствата собрани од Израел додека Тел Авив не ја исплати целата сума. Како резултат на тоа платите на многу вработени во Палестинската самоуправа беа намалени на половина во март. Згора на сè, Светската банка неодамна предупреди за економска криза ако не се склучи договор.
Абас тврди дека Израел ја одбил неговата понуда за разговори за спорот заедно со САД.
„Им исплаќаме плати на семејствата на затворениците, мачениците и на повредените Палестинци од 1965 година. Должни сме да се грижиме за нивните семејства“, рече Абас.
Ветувајќи милиони на Палестинците, министрите за надворешни работи на Арапската лига во последната декларација го осудија секој мировен план што не ги почитува правата на палестинскиот народ, објави „Анадолија“.
Тие, наводно, се осврнале на одамна очекуваниот план на САД, наречен договор на векот, кој наводно ќе предложи создавање палестинска држава во Појасот Газа. Во изјавата, наводно, се заклучува дека плановите што не им дозволуваат на Палестинците законски права никогаш нема да донесат траен мир во регионот.
Меѓутоа, висок официјален претставник на Фатах изјави дека некои арапски држави вршат огромен притисок врз Палестинците за да ги принудат да го прифатат договорот на Трамп.
„Некои арапски земји, особено Саудиска Арабија, Египет и Обединетите Арапски Емирати, се многу заинтересирани за договорот на векот. Тие ги користат сите средства, вклучувајќи ја и политичката и финансиската уцена, да ги принудат Палестинците да го прифатат договорот и покрај сите опасности што ги претставува за палестинската кауза“, рече изворот истакнувајќи дека Палестинската самоуправа нема да потклекне на никаков притисок.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Белгија издвојува девет милиони евра за украинската енергетска инфраструктура
Белгија ќе додели дополнителна помош од девет милиони евра за да придонесе за поправка на оштетената енергетска инфраструктура во Украина, најави белгиската министерка за развојна соработка, Каролин Генез.
„Преку ОН, Белгија ќе придонесе за поправка на енергетската инфраструктура околу градот Харков, кој сега секојдневно трпи бомбардирање од руската армија. Со воена поддршка, овие средства ќе помогнат да се изгради отпорноста на Украина“, рече министерот, пренесува RTBF.
Според неа, Белгија ќе одвои средства за поддршка на проекти во рамките на Програмата за развој на Обединетите нации, која е специјализирана за економски развој.
Свет
Генералното собрание на ОН го повика Советот за безбедност да ја прими Палестина за членка
Генералното собрание на Обединетите нации ги зајакна правата на Палестина во рамките на организацијата и повика таа да биде прифатена како членка, пренесува Би-Би-Си.
Палестина има статус на земја-набљудувач не-членка од 2012 година, што дозволува некои права помалку од полноправна членка.
За членството може да одлучува само Советот за безбедност на ОН.
САД неодамна ставија вето на кандидатурата за полноправно членство, но гласањето денска може да се смета како гест на поддршка за Палестинците.
Палестинскиот претседател Махмуд Абас ја поздрави резолуцијата, велејќи дека таа ги поддржува палестинските напори за уште едно гласање за ова прашање од страна на Советот за безбедност.
Свет
Шпанија, Ирска и Словенија ќе ја признаат Палестина на 21 мај
Шпанија, Ирска и Словенија планираат симболично да ја признаат Палестинската држава на 21 мај, изјави шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел.
Тој го потврди датумот во интервју за шпанското јавно радио, откако ирскиот јавен радиодифузен сервис РТЕ објави дека тоа е моментот кога сите три земји планирале да дејствуваат.
Словенечката влада вчера соопшти дека донела декрет за признавање на палестинска држава, што ќе биде внесен во нејзиниот парламент до средината на јуни.
Потоа, најверојатно ќе има повеќе нации што ќе го следат примерот бидејќи и Белгија одлучи да го стори тоа, додаде Борел.