Свет
Бајден: Ако Талибанците му се закануваат на американскиот народ, ќе дејствуваме брзо и одлучно
„Доколку Талибанците ја загрозат војската или народот во Америка, ние ќе дејствуваме брзо и одлучно“, рече американскиот претседател Џозеф Бајден во вонредното обраќање до нацијата поради новонастанатата ситуација во Авганистан.
„Прво сакам да ве потсетам кои се нашите интереси и што точно се случи. Нашата војска отиде во Авганистан пред 20 години за да ги казни оние што ни направија неправда на 11 септември, и ние го сторивме тоа. Единствениот интерес на Соединетите Американски Држави е да го спречат тероризмот во светот – ништо друго. Развивме механизми против тероризмот што сме подготвени да ги користиме во Авганистан, брзо, одлучно и силно“, рече Бајден во обраќањето што многумина го опишаа како клучен момент во неговиот мандат.
Тој посочи дека одлуката за повлекување на армијата од Авганистан е единствено правилна и дека тој, како претседател, цврсто стои зад неа.
„Имавме избор, да ја повлечеме војската и да влијаеме врз решавањето на конфликтот, или да го зголемиме военото присуство и да ја направиме ситуацијата многу полоша отколку што е денес. Мислам дека одлуката беше едноставна“.
„Како е можно да барате да се жртвуваме, ако Ашраф Гани ја напушти земјата и ги остави луѓето на Талибанците, додека авганистанската војска не е подготвена да се бори за територија“, праша Бајден.
„Уште колку американски синови и ќерки сакате да жртвувам во Авганистан, додека тамошните водачи и војската не сакаат да се борат за својата територија“, праша американскиот претседател, нагласувајќи дека Америка ќе има брза и силна реакција доколку војската или населението се загрозени од Талибанците.
Бајден пред неколку месеци донесе одлука да ги повлече американските воени сили од Авганистан по 20 години војна во оваа област. Многумина веруваат дека неговата одлука го означи почетокот на крајот на Авганистан, бидејќи Талибанците го искористија повлекувањето на американската армија за да ги преземат повеќето главни провинции.
Кабул официјално падна вчера, кога претседателот Ашраф Гани ја напушти земјата и доброволно ја предаде власта. Талибанците потоа влегоа во претседателската вила и прогласија превласт.
Ова доведе до целосен хаос на аеродромот во Кабул, кој во моментов е под контрола на американската војска. Бајден испрати околу 6.000 војници да обезбедат евакуација на амбасадата и американските граѓани, но уплашените жители на Авганистан се обидоа да се качат во авионите.
Од целосен очај, направија стампедо на аеродромот и на различни начини сакаа да ја напуштат својата татковина. Досега, според светските гласила, вкупно 10 лица загинаа во обидите да побегнат од талибанските власти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Републиканец тврди: Досиејата за Епстин се кријат поради врски со Израел
Републиканскиот конгресмен, Томас Масие, изјави дека документите поврзани со починатиот финансиер и осуден сексуален престапник Џефри Епстин ѝ се ускратуваат на јавноста поради неговите наводни блиски врски со израелските и американските разузнавачки служби.
Според Масие, причините за блокирање на објавувањето на досиејата лежат и во тоа што тие би можеле да компромитираат влијателни милијардери и политички донатори.
Масие смета дека постои организиран напор да се спречи објавувањето на документите. „Постои настојување ова да се запре и верувам дека ќе се обидат да го запрат и на друго место, но тоа ќе им се врати како бумеранг“, изјави конгресменот.
Во изминатите години, Масие се позиционираше како еден од почестите републикански критичари на Трамп, јавно разидувајќи се со него по прашања од надворешната политика, извршните овластувања и транспарентноста на власта.
Во последните недели беа објавени нови документи поврзани со врските на Епстин со влијателни личности, во кои Трамп се споменува повеќе илјади пати. Се проценува дека остануваат уште околу два милиона необјавени списи. Опозицијата, критичарите, но и дел од републиканците, изразуваат сомневање дека актуелната администрација го крие целосното објавување на документите и ги цензурира објавените со цел да заштити влијателни личности.
Свет
Орбан: Нападите од Украина врз мене достигнаа ново ниво
Украинскиот претседател директно се вклучи во изборната кампања на Унгарија со напаѓање на нејзината влада, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Тој рече дека политичките напади од Украина достигнаа ново ниво, објави унгарската новинска агенција МТИ.
„Кога претседателот (Володимир) Зеленски ме напаѓа лично затоа што не го поддржуваме забрзаното пристапување на Украина во Европската Унија, тој всушност ја доведува во прашање суверената одлука на унгарскиот народ“, тврди лидерот на Фидес.
Орбан верува дека Унгарците покажаа дека не сакаат Украина да стане дел од ЕУ во анкетата Vox2025. Ова е владина иницијатива за необврзувачка национална консултација спроведена во 2025 година. Во земја со околу 9,6 милиони луѓе, владата тврди дека 2,2 милиони луѓе учествувале во анкетата.
„Како премиер на Унгарија, моја должност е да ги исполнувам одлуките на унгарскиот народ. И ќе го правам тоа, одново и одново, без разлика дали на претседателот Зеленски му се допаѓа или не“, заклучи Орбан.
Премиерот на Унгарија, земја која беше исклучително зависна од руската енергија пред војната во Украина, и за која критичарите велат дека не е подготвена да се откаже од оваа поповолна финансиска опција, неодамна ја прогласи Украина за „непријател“ на Унгарија.
„Украинците мора да престанат постојано да бараат во Брисел да се прекине протокот на евтина руска енергија кон Унгарија“, рече Орбан минатата недела.
„Додека Украина го прави ова, таа е наш непријател“, заклучи унгарскиот премиер, кој ја посети Москва најмалку три пати од почетокот на офанзивата во Украина.
Орбан ги претставува изборите во април како одлука „за војна или мир“, а аналитичарите веруваат дека тој одлучил да се фокусира на украинското прашање во кампањата за да избегне да зборува за унгарската економија, која стагнира по зголемената инфлација.
фото/Depositphotos
Регион
Радев со највисок рејтинг во Бугарија, покажува анкета
Новата политичка формација, предводена од досегашниот претседател Румен Радев, би добила 25,6 отсто поддршка доколку изборите се одржат денес, покажува анкета на „Маркет Линкс“, спроведено од 7 до 13 февруари 2026 година на примерок од 1.019 полнолетни испитаници. Истражувањето е реализирано во соработка со „БТВ“.
ГЕРБ–СДС е втора политичка сила со 15,4 отсто, по што следуваат ПП–ДБ со 12,5, ДПС – Нов почеток со 10,5 проценти и „Преродба“ со 4,5 отсто. Под изборниот праг од 4 проценти остануваат неколку помали партии.
Според анализата, новата формација на Радев најголем дел од поддршката ја добива преку прелевање гласови од постојните парламентарни партии, но и од гласачи кои не учествувале на изборите во октомври 2024 година.
Истражувањето покажува дека довербата во Радев по напуштањето на претседателската функција пораснала за 6–7 процентни поени.
Во однос на излезноста, 56 отсто од испитаниците изјавиле дека сигурно би гласале на евентуални предвремени избори, што укажува на можност за повисока мобилизација во споредба со претходните изборни циклуси.

