Свет
Бајден: Израел се согласи на прекин на огнот за рамазан, ризикува да ја загуби поддршката од светот
Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека Израел се согласил да ги прекине воените активности во Појасот Газа за време на рамазан додавајќи дека еврејската држава ризикува да ја изгуби поддршката од остатокот од светот бидејќи Палестинците умираат во голем број.
Бајден, кој ги даде забелешките за време на гостувањето во емисијата „Доцна во ноќта со Сет Мејерс“ на Ен-би-си рече дека Израел е посветен да им дозволи на Палестинците да се евакуираат од Рафа во јужна Газа пред да ја интензивира својата кампања таму за уништување на Хамас. Тој рече и дека постои начелен договор за прекин на огнот меѓу двете страни додека не се ослободат заложниците.
„Рамазан се приближува, а Израелците се согласија да не учествуваат во активности за време на рамазан за да ни дадат време да ги извадиме сите заложници“, рече тој. Муслиманскиот свет месец рамазан во 2024 година се очекува да почне вечерта на 10 март 2024 година, а да заврши вечерта на 9 април 2024 година.
Бајден рече дека привремениот прекин на огнот ќе ги олесни односите меѓу Палестинците и Израел и ќе го забрза процесот на создавање палестинска држава. „Тоа ни дава време да почнеме да се движиме во насоките во кои се подготвени да одат многу арапски земји. На пример, Саудиска Арабија е подготвена да го признае Израел. Разговарав и со Катар“, изјави Бајден.
„Доколку го добиеме тој привремен прекин на огнот, ќе можеме да се движиме во насока каде што можеме да ја промениме динамиката и да не добиеме решение за две држави веднаш, туку процес за да дојдеме до решение со две држави, процес што ги гарантира безбедноста на Израел и независноста на Палестинците“, рече тој.
Бајден рече дека се надева оти ќе постигне прекин на огнот во конфликтот до следниот понеделник. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја отфрли идејата за решение со две држави. „Израел ризикува да ја загуби поддршката од остатокот од светот“, рече американскиот претседател. „Убиени се премногу невини луѓе. А Израел ги забави нападите во Рафа“, рече Бајден.
„Тие мора – и ми се обврзаа дека ќе се погрижат да има можност да се евакуираат значајни делови од Рафа пред да одат и да го уништат остатокот од Хамас“, рече тој. „Но, тоа е процес. И, гледајте, Израел имаше огромна поддршка од огромното мнозинство нации. Ако продолжи вака, ќе ја изгуби поддршката од целиот свет. И тоа не е во интерес на Израел“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски се обрати до нацијата: Се браниме кај Харков, во Доњецк е исклучително тешко
Украинските сили продолжуваат со одбранбените операции околу северните погранични населби во регионот Харков, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски во вечерното обраќање до нацијата.
„Нашите сили извршуваат контранапади и ја штитат украинската територија веќе втор ден“, рече Зеленски.
Украинската војска претходно соопшти дека руските сили се задржани во пограничните села во „сивата зона“, додека Русија објави дека зазела пет локални населби.
Ситуацијата, рече Зеленски, е особено напната во регионот на Доњецк, поточно во правец на Покровское, кај селата Семенивка и Нетаилова.
Зеленски додаде дека попречувањето на руските офанзивни акции сега е задача број еден.
Свет
Макрон: Се надевам дека Французите нема да мора да се борат во Украина
Францускиот претседател Емануел Макрон уште еднаш не ја исклучи можноста за интервенција на француската армија во Украина, но истовремено изрази надеж дека неговата земја нема да мора да војува и да испраќа свои војници во војна.
Како што пренесува „Украинска правда“, Емануел Макрон рече дека во одреден момент Европејците треба да бидат подготвени да ја спречат Русија да напредува понатаму во Украина, но тој најискрено се надева дека нема да мора да се борат.
„Ако сакаме мир, мораме да го заштитиме. Затоа треба да се вооружиме и затоа треба да бидеме средство за одвраќање и убедување. Ако одите предалеку и ги загрозувате нашите интереси и нашата безбедност, тогаш јас не исклучувам интервенци во конфликтот“, рече Макрон.
Тој нагласи дека украинскиот суверенитет и територијалниот интегритет се под закана, но истовремено владеењето на правото и општите правила се под закана.
„И ако оставиме сè како што е во Украина, тогаш ќе победи правото на посилниот. И не можеме да бидеме сигурни бидејќи тоа се случува на 1.500 километри. Значи, во Украина нашата иднина и нашата безбедност се во прашање“, заклучи францускиот претседател.
Свет
Големи пропалестински протести во Малме пред евровизиското финале, се бара исклучување на Израел од натпреварот
Денеска во центарот на Малме, Шведска се одржува масовен пропалестински протест поради учеството на Израел на овогодинешното натпреварување.
Голем број луѓе почнаа да се собираат на главниот плоштад во Малме од 16 часот.
Протестот почна на главниот плоштад во Малме, а насобраните од ова место се упатија кон арената Малме, каде што се одржува Евровизија.
Во четвртокот, кога претставничката на Израел настапи во втората полуфинална вечер, на улиците на Малме протестираа повеќе од 30.000 луѓе, според проценките на шведската полиција.
Барањата се исти – бојкот на Евровизија и исклучување на Израел од натпреварувањето.