Свет
Путин: Силите за специјални операции се способни да ги бранат руските интереси каде било во светот
Рускиот претседател Владимир Путин истакна дека Русија ќе продолжи да ги зајакнува силите за специјални операции и да ги опремува со оружје од новата генерација.
„Ќе продолжиме да ги зајакнуваме силите за специјални операции, да ги зголемуваме нивната мобилност, ударниот потенцијал, да ги опремуваме со оружје и опрема од новата генерација“, рече Путин во честитката по повод Денот на силите за специјални операции.
Тој посочи дека тоа е еден од главните приоритети за развој на руската армија и морнарица.
Претседателот на Русија во видеопорака рече дека силите за специјални операции, чие формирање почна во 2009 година, станаа моќна ударна сила на руската армија и на дело докажаа дека се подготвени „да застанат во одбрана на татковината и да ги бранат националните интереси на Русија каде било во светот“, пренесува „Интерфакс“.
Денот на силите за специјални операции во Русија се слави на 27 февруари од 2015 година, пренесува „Танјуг“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Генералното собрание на ОН го повика Советот за безбедност да ја прими Палестина за членка
Генералното собрание на Обединетите нации ги зајакна правата на Палестина во рамките на организацијата и повика таа да биде прифатена како членка, пренесува Би-Би-Си.
Палестина има статус на земја-набљудувач не-членка од 2012 година, што дозволува некои права помалку од полноправна членка.
За членството може да одлучува само Советот за безбедност на ОН.
САД неодамна ставија вето на кандидатурата за полноправно членство, но гласањето денска може да се смета како гест на поддршка за Палестинците.
Палестинскиот претседател Махмуд Абас ја поздрави резолуцијата, велејќи дека таа ги поддржува палестинските напори за уште едно гласање за ова прашање од страна на Советот за безбедност.
Свет
Шпанија, Ирска и Словенија ќе ја признаат Палестина на 21 мај
Шпанија, Ирска и Словенија планираат симболично да ја признаат Палестинската држава на 21 мај, изјави шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел.
Тој го потврди датумот во интервју за шпанското јавно радио, откако ирскиот јавен радиодифузен сервис РТЕ објави дека тоа е моментот кога сите три земји планирале да дејствуваат.
Словенечката влада вчера соопшти дека донела декрет за признавање на палестинска држава, што ќе биде внесен во нејзиниот парламент до средината на јуни.
Потоа, најверојатно ќе има повеќе нации што ќе го следат примерот бидејќи и Белгија одлучи да го стори тоа, додаде Борел.
Свет
Хамас: Израел ги враќа преговорите на почеток со измени на предлогот за прекин на огнот
Палестинската милитантна група Хамас соопшти дека Израел практично го отфрлил предлогот за прекин на огнот во Појасот Газа, откако на посредниците во преговорите им доставил амандмани на предлогот, со што преговорите се вратиле на самиот почеток.
Хамас соопшти дека ќе одржи консултации со палестинските фракции за да ја разгледа преговарачката стратегија, објави Ројтерс.
Индиректните разговори меѓу Израел и Хамас за договор за прекин на огнот во Појасот Газа и ослободувањето на заложниците се чини дека се заглавени без очигледен напредок, бидејќи Хамас рече дека нема намера да се откаже од предлогот веќе отфрлен од Израел.