Свет
Јулија Навална: На Путин мора да му дојде крајот
Јулија Навална, вдовицата на рускиот опозициски политичар Алексеј Навални, денеска, по повод инаугурацијата на Владимир Путин за претседател на Русија, изјави дека неговиот режим се заснова на лаги и корупција и дека мора да му дојде крајот.
„За мене лично, последните шест години од владеењето на Путин беа годините во кои мојот сопруг, Алексеј Навални, вистински руски патриот, беше прогонуван, отруен со хемиско оружје, суден, мачен во затвор три години, а потоа убиен“, рече Навална и го обвини рускиот претседател за сето тоа. Како што рече таа во видеото објавено на ‘Јутјуб’, со секој негов мандат сѐ се влошува и додаде дека е страшно да се замисли што друго ќе се случи доколку Путин остане на власт.
„Секојдневно ни се крадат огромни суми пари за да се бомбардираат мирните градови“, им порача Јулија на граѓаните на Русија и истакна дека Путин се плаши да ги открие вистинските бројки на жртвите на „крвавата и бесмислена војна што никој не ја сака, освен него“.
Таа рече дека Русија со Путин „нема да има ниту мир, ниту развој, ниту слобода“ и дека тој го изневери ветувањето дадено за време на последниот инаугуративен говор кога рече дека сака мирна Русија, безбедна за нејзините граѓани.
„Пред два месеца Русија доживеа масовна трагедија, еден од најголемите и најстрашни терористички напади во поновата историја. Руските безбедносни сили не успеаја да го спречат и дозволија десетици смртни случаи на наши сограѓани. А сепак мирни поединци секојдневно се апсат поради новинарство, мислења или дури објави на социјалните мрежи“, рече Навална. Таа додаде дека мора да се осигури дека никој во светот нема доверба во Путин, ниту во Русија ниту надвор од нејзините граници.
„Нашата земја моментно ја води лажго, крадец и убиец, но на тоа ќе му дојде крајот. Не откажувајте се, вистината ќе победи“, заклучи Јулија, пренесува „Танјуг“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сè уште се трага по хеликоптерот со кој леташе иранскиот претседател Раиси, објави ИРНА
Државната Иранска новинска агенција (ИРНА) објави дека во тек е опсежна операција за пребарување и спасување откако хеликоптерот со иранскиот претседател Ебрахим Раиси беше принуден да изврши „тешко слетување“ во планинскиот регион во северозападниот дел на Иран.
Инцидентот се случи денеска во шумата Дизмар помеѓу градовите Варзакан и Џолфа во иранската провинција Источен Азербејџан. Раиси се враќаше од Азербејџан, каде присуствуваше на отворање на брана со азербејџанскиот Илхам Алиев.
Неименуван ирански претставник за западните медиуми изјави дека хеликоптерот со кој се превезуваа иранскиот претседател Ебрахим Раиси и министерот за надворешни работи Хосеин Амирабдулахиан се урна додека летал над планинска област во иранската провинција Источен Азербејџан.
Тој истакна дека „животите на Раиси и Амирабдолахиан „се загрозени по хеликоптерската несреќа“.
„Сè уште се надеваме, но информациите кои ни доаѓаат од местото на несреќата се многу загрижувачки“, наведе неименуваниот ирански претставник.
Како што јави ИРНА, повеќе од дваесет целосно опремени тимови за пребарување и спасување, вклучително беспилотни летала и кучиња трагачи, се испратени во областа. Иранските вооружени сили распоредија командоси и специјални сили за да помогнат во операцијата за пребарување.
Поради нерамниот терен на регионот и тешките временски услови, особено густата магла во областа, операцијата за пребарување и спасување би можела да потрае некое време.
Портпаролот на Иранската служба за итни случаи изјави дека осум амбулантни возила се испратени во регионот.
Свет
Хеликоптерот со иранскиот претседател Ебрахим Раиси доживеа „тешко слетување“
Хеликоптерот со иранскиот претседател Ебрахим Раиси доживеа „тешко слетување“, објави иранската државна телевизија, без веднаш да даде детали.
Раиси отпатува во иранската провинција Источен Азербејџан. Државната телевизија соопшти дека инцидентот се случил во близина на Џолфа, град на границата со Азербејџан, на околу 600 километри северозападно од иранската престолнина Техеран, а спасувачите биле отежнати од силниот ветер и дождот.
Сè уште нема официјална информација за тоа во каква состојба е Раиси.
Раиси беше во Азербејџан во неделата рано наутро на отворањето на браната со претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев.
Иранската државната новинска агенција ИРНА објави дека хеликоптерот „паднал во несреќа во општата област Варзеган“ во провинцијата Источен Азербејџан, а покрај Раиси, во хеликоптерот имало уште неколку официјални лица, меѓу кои и министерот за надворешни работи Хосеин Амир Абдолахиан.
Тешките временски услови и густата магла ги отежнаа напорите на спасувачките тимови, соопшти иранската државна телевизија.
Регион
Загинаа две лица, а пет се водат како исчезнати по судар на чамец и крузер во Дунав кај Будимпешта
Две лица го загубија животот доцна синоќа, а пет се водат за исчезнати во судар на мал моторен чамец и крузер на реката Дунав северно од Будимпешта, соопшти денеска унгарската полиција.
Телата на возрасен маж и жена се пронајдени северно од главниот град, а властите се уште трагаат по пет исчезнати лица.
Сома Чечи, портпарол на полицијата во Будимпешта, на прес-конференција рече дека, според досегашните сознанија, во чамецот имало вкупно осум возрасни лица и потврди дека две лица загинале, а пет се водат како исчезнати. Тројца мажи и две жени моментално се бараат со глисери и дронови, јавуваат унгарските медиуми.
Полицијата соопшти и дека во градот Комаром бил запрен поголем брод, а од увидот било откриено дека му е оштетен страничниот дел. Се врши увид и во тек е истрага за опасноста по водениот пат и смртта на неколку лица.