Свет
Бајден: Путин има поголеми цели од Украина

Американскиот претседател Џозеф Бајден ја критикува изјавата на поранешниот претседател на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, на социјалната мрежа Х дека нема да го спречи нападот на Русија врз членките на НАТО, во случај да одбијат да ги исполнат финансиските обврски кон алијансата.
„Знаете зошто Украина е важна? Од причина што, како што можете да видите, рускиот претседател Владимир Путин се фокусира на многу поголеми цели“, напиша Бајден, пренесува „Спутник“.
Корисниците на интернет во коментарите ја критикуваа изјавата на шефот на Белата куќа и го повикаа да се грижи за САД, а не за Украина, како и да не се посрамоти со ваквите изјави и да поднесе оставка.
Претходно, Трамп посочи дека како американски претседател нема да дозволи помош за земјите од НАТО доколку тие не ги исполнат обврските кон таа организација.
Трамп изјави дека не верува во желбата на НАТО да ги заштити САД. Како претседател, тој изрази незадоволство од работата на алијансата и се закани дека САД ќе се повлечат од неа доколку европските партнери не преземат поголема финансиска одговорност за сопствената безбедност. Во исто време, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека САД нема да го напуштат овој воен блок, без оглед на резултатите од американските избори закажани за ноември.
Во интервјуто со американскиот новинар Такер Карлсон, Путин нагласи дека Москва нема намера да ги напаѓа членките на НАТО, особено не Полска, Латвија или други балтички земји, додека во исто време, западните политичари редовно ги плашат своите граѓани со руската закана, а со тоа им го одвлекуваат вниманието од внатрешни проблеми.
Рускиот лидер исто така истакна дека Северноатлантскиот сојуз ги отвори вратите за Киев во 2008 година, но Русија никогаш не се согласи Украина да биде во алијансата. Покрај тоа, Путин рече дека Вашингтон вршел притисок врз другите членки на организацијата промовирајќи ја идејата за проширување на НАТО на сметка на Украина и Грузија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
(Видео) Четворица маскирани напаѓачи ограбија златарница во западниот дел на Сиетл

Четворица маскирани напаѓачи ограбија златарница во западниот дел на Сиетл и за помалку од две минути украдоа накит и луксузни предмети во вредност од околу два милиона долари, соопшти полицијата.
Настанот се случил во четвртокот попладне, а надзорните камери снимија како осомничените со чекани ги разбиваат заклучените стаклени врати и за 90 секунди празнат шест витрини. Меѓу украдените предмети се наоѓаат и „Ролекс“ часовници со проценета вредност од 750.000 долари и смарагдна огрлица вредна 125.000 долари, објави Еј-Би-Си њуз.
За време на грабежот, еден од напаѓачите им се заканувал на вработените со спреј против мечки и електрошокер, но никој не бил повреден.
„Длабоко сме потресени како вработени. Продавницата ќе биде затворена извесно време“, изјави потпретседателот на семејната златарница Џош Минаше.
Полицијата пристигнала веднаш по дојавата, но сторителите веќе избегале со возило и засега се недостапни за законот.
Свет
Макрон повика на зголемен притисок врз Москва за да се стави крај на војната во Украина

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска повика на зголемен притисок врз Москва за да се стави крај на војната во Украина, по самитот меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот лидер Владимир Путин во Анкориџ, Алјаска.
Во објава на социјалната мрежа Х, Макрон истакна дека заедно со европските колеги смета оти е неопходно да се одржи притисок врз Русија сè додека нејзината инвазија врз Украина не заврши и не се постигне траен мир што ги почитува правата на Украина.
Тој нагласи дека цврстиот мир мора да биде проследен со непоколебливи безбедносни гаранции.
„Ja поздравувам подготвеноста на СAD да придонесат во овој процес“, напиша Макрон, додавајќи дека за конкретен напредок е потребна нова средба на „Коалицијата на podgotvenite“, алијанса од околу 30 земји предводена од Велика Британија и Франција, која ја поддржува Украина.
Макрон, исто така, повика на извлекување поуки од последните 30 години, особено од „ добро познатата тенденција на Русија да не ги почитува своите обврски“.
Разговорите во Анкориџ меѓу Трамп и Путин беа опишани како продуктивни, но не беа објавени конкретни резултати.
Свет
Орбан вели дека светот е побезбедно место по средбата меѓу Трамп и Путин

Светот е побезбедно место по средбата меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот руски колега Владимир Путин во Алјаска, изјави денеска унгарскиот премиер Виктор Орбан.
„Со години гледавме како двете најголеми нуклеарни сили ја елиминираат рамката на нивната соработка и си испраќаат пораки едни на други“, напиша Орбан на Фејсбук.
Тој додаде дека сега таа практика е завршена.
„Светот денеска е побезбедно место отколку што беше вчера“, рече Орбан.
Светските лидери денес реагираа на самитот меѓу американскиот и рускиот претседател Доналд Трамп и Владимир Путин, а како што објавија медиумите, реакциите беа поделени – некои го критикуваа недостатокот на конкретни резултати, додека други ја нагласија важноста на самиот дијалог.