Свет
Белорусија воведе смртна казна со пукање за обид за тероризам

Белорусија во својот кривичен закон воведе смртна казна за обид за извршување терористички акт, пренесуваат руските агенции.
„Претседателот Александар Лукашенко потпиша закон со кој се предвидува смртна казна за обид за терористички акт“, пренесува АФП.
Агенциите наведуваат дека цел на оваа казна се и опозиционерите. Се потсетува и дека смртната казна досега се применувала само за лицата што извршиле терористички напад, а цел на новиот закон се, пред сѐ, членовите на опозицијата, меѓу кои и лидерката на опозицијата, Светлана Тихановскаја, која моментно е во егзил.
Белорускиот парламент кон крајот на април во две читања го усвои предлог-законот за измена на Кривичниот законик, кој нуди можност за смртна казна во случај на обиди за терористички напади. За законот да стапи во сила во Белорусија, тој мора да биде одобрен од двата дома на парламентот и потпишан од претседателот.
Од масовните протести во 2020 година против авторитарното владеење на Лукашенко, кој е на власт од 1994 година, многу членови на опозицијата беа уапсени и обвинети за обид или подготовка на терористички акт.
Белорусија е последната земја во Европа што употреби смртна казна, а таа се извршува со пукање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Судот на правдата на ЕУ: Изгубен миленик на лет се смета како изгубен багаж

Судот на правдата на Европската унија донесе одлука дека домашните миленици кои се превезуваат со авион се сметаат за „багаж“, а не за патници.
Одлуката следи по случај во кој куче исчезнало при пренос до авион на лет од Буенос Аирес до Барселона, по што сопственичката побарала 5.000 евра отштета.
Судот оцени дека, според Монреалската конвенција, авиокомпанијата не е должна да исплати поголема отштета од онаа предвидена за изгубен багаж, освен ако патникот претходно не доставил специјална изјава за вредноста на пратката.
Во одлуката учествувале и двајца претставници од Хрватска – судијата Синиша Родин и адвокатката Тамара Ќапета.
Свет
Евакуирано средно училиште во Италија по истекување на амонијак

Во италијанскиот град Пескара беше евакуирано државното средно училиште „Маркони“ откако во просториите се почувствувал силен мирис од непознато потекло, поради што на многумина им се слошило.
Според италијанските медиуми, повеќе од 1.000 ученици биле итно евакуирани, а неколкумина се хоспитализирани, меѓу нив и пожарникари кои пристигнале на интервенција, пренесе „ТВ Раи“.
Првичните информации укажуваат дека причината најверојатно е истекување на амонијак од лабораторијата, иако не се исклучува ниту можноста за цурење гас од климатизацијата.
Заменичката градоначалничка на Пескара, Марија Рита Карота, нареди итно затворање на училиштето до понатамошна проверка.
Свет
Мерц: Без реформи, Европа ќе стане пиун на Азија и САД

Германскиот канцелар, Фридрих Мерц, предупреди дека Европската унија ризикува да ја изгуби својата економска независност ако итно не спроведе реформи за зголемување на конкурентноста.
Во обраќање пред германскиот парламент, во пресрет на самитот на ЕУ во Брисел, Мерц рече дека во наредните години ќе се решава дали Европа ќе остане независна економска сила или ќе стане „пиун на економските центри во Азија или Америка“.
Тој ја повика ЕУ да го намали бирократскиот товар за компаниите, да го зајакне единствениот пазар и да потпише нови трговски договори, особено со јужноамериканскиот блок Меркосур до крајот на годината.
Мерц се соочува со растечки притисок дома поради економската стагнација во Германија, која се влошува поради царинските политики на американскиот претседател Доналд Трамп.
Тој истакна дека решенијата за европската економија веќе постојат во извештаите на Марио Драги и Енрико Лета, кои предлагаат продлабочување на внатрешниот пазар и јакнење на конкурентноста, додавајќи дека тие препораки треба веднаш да станат дел од агендата на Европската комисија.