Свет
Бербок: Германија не прифаќа сè што Украина ѝ предлага на нашата влада
Германија не ја поддржува иницијативата на украинскиот претседател Володимир Зеленски за одземање на правото на вето на Русија во Советот за безбедност на ОН.
„Не, ние не го поддржуваме тоа и разговараме за тоа неколкупати со нашите украински партнери за време на преговорите. Мислам дека ова е важно за дискусијата во Германија: ние не поддржуваме сè што Украина ѝ предлага на нашата влада“, изјави Бербок во интервју за телевизијата АРД.
Како што истакна таа, неопходно е да се заштити Повелбата на ОН и да се размислува за начини за модернизација на организацијата.
Претходно, за време на говорот во Советот за безбедност на ОН, Зеленски изјави дека организацијата е во ќор-сокак и дека тоа наводно е поврзано со правото на вето на Русија. Тој предложи реформи во ОН, особено механизмот за вето. Како што рече, Генералното собрание на ОН треба да има право да го отфрли ветото со две третини гласови.
По тоа, министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, изјави дека Генералното собрание на ОН треба да ги разгледа причините поради кои претходно усвоените резолуции на Советот за безбедност на ОН не се спроведени наместо да се разгледуваат случаите на користење на ветото под притисок на западните земји.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Најмалку 22 лица се повредени од удар на гром во Чешка: се криеле под дрво
Бројот на лица хоспитализирани откако гром удри во дрво во северниот чешки град Либерец се зголеми од првичните осумнаесет на дваесет и два.
Повеќето повредени се во болницата во Либерец, медицинскиот персонал ќе ги пушти во понеделник. Нивната состојба е стабилизирана. Сите се надвор од животна опасност, пренесува чешки „ЦТ24“.
Деца во паркот на замокот во Вратиславице се повредени откако гром ги удрил во неделата околу 15 часот и 30 минути.
„Првите повредени лица почнаа да пристигнуваат за триесет до четириесет минути. За среќа, повеќето од овие пациенти имале само краткотрајни нарушувања на свеста или некое мало нарушување на подвижноста на екстремитетите. Немаше поголеми нарушувања на срцевиот ритам“, рече Мартин Кривохлавек, заменик-шеф на трауматолошки-ортопедскиот центар и шеф на трауматологија во Либерец.
Спасувачите во неделата соопштија дека осумнаесет лица се повредени, од кои некои биле реанимирани на лице место. Според нив, седум лица се здобиле со тешки телесни повреди, пет средни и шест лесни повреди.
Свет
Пукање во Минхен: напаѓачот во бегство, полицијата ги блокираше улиците
Денеска имало пукање во квартот Милбертхофен во Минхен.
Според локалните медиуми, напаѓачот избегал.
Според информациите на „Билд“, најмалку едно лице е тешко повредено a било пронајдено на улица.
Мотивот за пукањето засега не е познат.
Полицијата го блокираше северниот дел на градот.
Свет
Молотов коктел фрлен врз израелската амбасада во Букурешт, уапсен Сириец
На израелската амбасада во Букурешт денеска е фрлен молотов коктел, без штети и жртви, а уапсен е маж со сириско потекло, кој е осомничен за нападот, соопшти израелското Министерство за надворешни работи.
Во соопштението се наведува дека 34-годишен маж, додека бил на безбедносни проверки извадил молотов коктел од ранецот, го запалил и го фрлил на вратата од амбасадата, јавува Ројтерс.
АП јавува дека откако го фрлил шишето со запалив материјал, се обидел да се самозапали.
Тој бил уапсен од припадници на антитерористичката единица на романската разузнавачка служба, а потоа на местото на настанот пристигнала и полицијата.
Портпаролот на полицијата за телевизијата „Диги24“ изјави дека инцидентот е мотивиран од лични несогласувања, а не од меѓународниот контекст и актуелниот израелско-палестински конфликт на Блискиот Исток.
Полицијата соопшти дека во тек е увид за утврдување на околностите на овој инцидент.