Свет
Блинкен: Ако Русија го смени курсот, можна е соработка
Соединетите Американски Држави се подготвени за стабилни односи со Русија доколку ја сменат својата политика, изјави американскиот државен секретар Ентони Блинкен.
„Ако Русија го смени курсот, ние ќе бидеме подготвени да разговараме“, рече Блинкен.
Според него, претстојниот самит на претседателите на двете земји, Владимир Путин и Џо Бајден, во Женева следната недела „тешко дека ќе ја покаже желбата на Москва да направи нешто слично“.
Блинкен додаде дека американскиот лидер ќе се сретне со неговиот руски колега поради наводната „агресија и напад“ од Москва.
„Тој јасно и отворено ќе каже што може да се очекува од Соединетите Американски Држави доколку продолжат агресивните непромислени активности против нас. Тој подеднакво ќе стави до знаење дека ако Русија избере поинаква политика во своите активности, ние ќе им дадеме приоритет на постабилните односи“. Од тоа ќе има корист нашиот народ, рускиот народ, целиот свет – стратешка стабилност и контрола на оружјето “, рече Блинкен.
Тој не ја исклучи можноста по првиот состанок на лидерите на двете земји да се појави одредена јасност во иднината на односите.
„Во секој случај, подготвени сме и за двете сценарија“, заклучи Блинкен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Речиси три четвртини од Европејците ја поддржуваат ЕУ, рекордна поддршка за еврото и за заедничка одбрана
Речиси три четвртини од граѓаните на Европската Унија (ЕУ) сметаат дека нивната земја имала корист од членството во Унијата, покажува најновиот Евробарометар.
Според податоците, 59% од Европејците се оптимисти за иднината на ЕУ, а 73% се чувствуваат како граѓани на Унијата. Довербата во институциите останува висока, при што 48% изјавиле дека им веруваат на европските институции.
Анкетата покажува и рекордна поддршка за еврото – 74% од испитаниците го поддржуваат воведувањето на единствената валута, а во Еврозоната процентот изнесува 82%.
Во однос на заедничката одбрана и безбедност, 79% од граѓаните го поддржуваат воспоставувањето на заедничка политика меѓу земјите-членки, што е втор највисок резултат од 2004 година. Повеќе од две третини (67%) сметаат дека ЕУ е „место на стабилност“ во свет полн со немири, а 83% веруваат дека Унијата треба да ги диверзифицира трговските односи за да ја зајакне економската независност.
77% од Европејците сметаат дека инвазијата е закана за безбедноста на ЕУ, додека 73% ја поддржуваат економската блокада на Русија. Повеќе од три четвртини (81%) го поддржуваат приемот на бегалци од Украина, а 57% се согласуваат со финансирање на набавката и испораката на воена опрема за Киев.
Граѓаните сметаат дека главните приоритети на буџетот на ЕУ треба да бидат вработувањето, социјалните прашања и јавното здравје (42%), образование, култура и медиуми (36%) и одбрана и безбедност (35%).
Истражувањето, спроведено помеѓу 9 октомври и 5 ноември 2025 година во сите 27 земји-членки, вклучуваше 26.445 интервјуа лице в лице.
Европа
ЕУ замрзна 210 милијарди евра руски пари за да ја поддржи Украина, Москва го оцени потегот како „објава на војна“
Европската унија одлучи да ги замрзне средствата на руската централна банка во вредност од околу 210 милијарди евра на неопределено време, со цел тие да се користат за финансиска поддршка на Украина, јавува Ројтерс. Каматата на замрзнатите средства ќе биде наменета за Киев, додека главниот капитал останува блокиран.
Според Ројтерс, Украина ќе мора да го врати заемот само кога Русија ќе ги исплати воените репарации. Од 27-те земји членки на ЕУ, само Унгарија и Словачка гласаа против мерката.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, преку социјалната мрежа X порача дека одлуката е „силна порака до Русија“. Таа нагласи дека мерката е јасен знак дека додека продолжува бруталната војна во Украина, трошоците за Русија ќе продолжат да растат, и дека ЕУ ќе направи сè за да го направи својот сосед посилен „и на бојното поле и на преговарачката маса“.
Москва го оцени потегот како „кражба“ и „објава на војна“. Поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев го нарече планот потенцијален „чин на војна“. Амбасадорот на Русија во Германија, Сергеј Нечаев, исто така, го оцени како „кражба“, додека портпаролката на Министерството за надворешни работи, Марија Захарова, објави дека Русија ќе даде „најстрога реакција“.
Кремљ веќе презеде правни чекори: руската централна банка поднесе тужба против белгиската финансиска куќа „Евроклир“, која управува со околу 185 милијарди евра од замрзнатите руски средства. Останатите 25 милијарди евра се сместени во банки во Белгија и Франција. Русија ја обвинува „Евроклир“ за нелегално спречување пристап до средствата.
Во посебна изјава, руската централна банка го нарече планот на ЕУ за користење на средствата за помош на Украина „нелегален и спротивен на меѓународното право“.
ЕУ го нарекува овој инструмент „заем за репарација“, кој треба да се утврди на претстојниот самит, а замрзнувањето на средствата претставува значителен притисок врз Кремљ, кој досега се обидува да најде правни и дипломатски начини за реакција.
Свет
Приведен еден осомничен за пукањето на Универзитетот Браун во САД
Полицијата во Провиденс приведе едно лице во врска со пукањето на Универзитетот Браун, во кое загинаа двајца студенти, а девет други беа повредени.
Портпаролката на службата за јавна безбедност на Провиденс, Кристи ДосРејс, за Ројтерс изјави дека „лице од интерес“ е во притвор по пукањето на универзитетот во Род Ајленд.
Повеќе од 400 полицајци беа ангажирани да бараат осомничен кој влегол со огнено оружје во зграда каде студентите полагале испити.
Пристапот до делови од кампусот беше ограничен, а полицијата остана на местото на настанот.
Агенти од ФБИ и Бирото за алкохол, тутун, огнено оружје и експлозиви соработуваат со локалната и државната полиција во истрагата.
Службениците објавија видео од осомничениот, за кој се верува дека е маж на околу 30 години облечен во црно.
Истражителите пронашле чаури на местото на настанот, а вооружениот напаѓач избегал по пукањето.

