Свет
Болница во Њујорк престанува со породувања, бидејќи акушерките не сакаат да се вакцинираат
Болница во северниот дел на американската држава Њујорк објави дека привремено ќе го прекине породувањето откако шест вработени во родилиштето поднеле оставки, затоа што не сакале да примат вакцина против ковид.
Општата болница во округот Луис, во градот Лувил, објави дека ќе престане со породувањата од 24 септември, објави „Дејли Меил“.
Како што пренесуваат некои медиуми, болницата најавила дека ќе работи со министерството за здравство за да се осигура дека породилното одделение не е трајно затворено.
„Ако можеме да направиме пауза и да се фокусираме на носење нови акушерки кои се вакцинирани, ќе можеме да породуваме мајки во округот Луис“, рече директорот на болницата Џералд Кајер.
До 27 септември, сите здравствени работници во државата, вклучително и персоналот во болницата и старечкиот дом на кои им е потребна 24 -часовна нега, мора да добијат барем една доза од вакцината, според декретот на поранешниот гувернер на Њујорк, Ендрју Куомо од август.
Кајер рече дека 30 вработени во болницата ја примиле вакцината, и дека 30 поднеле оставка затоа што не ја сакаат вакцината, од кои шест се од родилиштето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Се запали магацин за парфеми во Турција, загинаа шест лица
Најмалку шест лица загинаа, а две се повредени во пожар што утрово избувна во магацин за парфеми во градот Диловаси, во северозападниот дел на Турција.
Според снимките што ги емитуваше турскиот канал НТВ, изгореле два ката од зградата во која се наоѓале магацинот и работилницата за производство на парфеми.
Засега нема информации за тоа што го предизвикало пожарот.
Свет
Зеленски: Русија ја нападна Украина со повеќе од 450 дронови и 45 ракети, повредени се и деца
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека Русија ја нападнала Украина од полноќ со повеќе од 450 дронови и 45 различни видови ракети.
– Во тек е спасувачка операција во Дњепар. Русија ноќеска го гранатираше градот, погодена е станбена зграда. Досега е познато дека се повредени 11 лица, вклучувајќи деца. За жал, едно лице почина. За жал, едно лице почина и во регионот Харков, има жртви во регионот Киев и Полтава, информира Зеленски во објава на Фејсбук.
Според него, руските сили ги нападнале и регионите Дњепропетровск, Кировоград, Николаев, Суми и Чернихив.
– Целите на терористите се непроменети, обичниот живот, станбените згради, нашата енергија, инфраструктурата. Прашањето е во ресурсите за убивање, за парите – потребни се санкции за да се лиши Русија од можноста да ја продолжи војната што ја почна и што се влече. Ги цениме сите чекори што нашите партнери веќе ги презедоа, но руските напади покажуваат дека притисокот мора да биде посилен, нагласи Зеленски.
Свет
Жена во Хрватска го уби мажот со нож
Рано утрово во Селница Шќитарјевска во близина на Велика Горица, Хрватска, 40-годишна жена убила 52-годишен член на семејството, соопшти полицијата.
Според првичните информации, мажот најверојатно бил убиен со остар предмет. Како што неофицијално пренесе Индекс.хр, жртвата бил сопругот.
Осомничената е под надзор на полицијата, а на местото на настанот во тек е истрага која ќе ги утврди околностите за ова тешко кривично дело.

