Свет
Борел: Европа е во опасност поради две војни во близина
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, објави дека на минхенската безбедносна конференција имал одвоени средби со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и со премиерот на Косово, Аљбин Курти, за деескалација на тензиите во односите меѓу Белград и Приштина, но разговорите биле неуспешни, пренесуваат српските медиуми.
Сумирајќи ги резултатите од конференцијата во Минхен, Борел ги претстави четирите главни задачи од геополитичката агенда на ЕУ, а тоа се поголема и побрза поддршка за Украина, ставање крај на хуманитарната катастрофа во Појасот Газа и спроведување на одлуката за формирање две држави, подобрување на односите на ЕУ со „глобалниот југ“ и зајакнувањето на одбраната и безбедноста на Унијата, е објавено на веб-страницата на службата за надворешни работи на ЕУ.
Борел посочува дека атмосферата на годинешната конференција во Минхен била посебна бидејќи, како што наведе, сите станале свесни дека Европа е во опасност поради двете блиски војни и многу потенцијални конфликти во светот.
Борел посочува дека остварил голем број билатерални средби со партнери од ЕУ од целиот свет.
Шефот на европската дипломатија потсети и дека учесниците на првиот ден од конференцијата дознале за смртта на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални во казнената колонија во Сибир и дека му оддале почит на 19 февруари во присуство на вдовицата на Навални, Јулија Навални.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Белгија издвојува девет милиони евра за украинската енергетска инфраструктура
Белгија ќе додели дополнителна помош од девет милиони евра за да придонесе за поправка на оштетената енергетска инфраструктура во Украина, најави белгиската министерка за развојна соработка, Каролин Генез.
„Преку ОН, Белгија ќе придонесе за поправка на енергетската инфраструктура околу градот Харков, кој сега секојдневно трпи бомбардирање од руската армија. Со воена поддршка, овие средства ќе помогнат да се изгради отпорноста на Украина“, рече министерот, пренесува RTBF.
Според неа, Белгија ќе одвои средства за поддршка на проекти во рамките на Програмата за развој на Обединетите нации, која е специјализирана за економски развој.
Свет
Генералното собрание на ОН го повика Советот за безбедност да ја прими Палестина за членка
Генералното собрание на Обединетите нации ги зајакна правата на Палестина во рамките на организацијата и повика таа да биде прифатена како членка, пренесува Би-Би-Си.
Палестина има статус на земја-набљудувач не-членка од 2012 година, што дозволува некои права помалку од полноправна членка.
За членството може да одлучува само Советот за безбедност на ОН.
САД неодамна ставија вето на кандидатурата за полноправно членство, но гласањето денска може да се смета како гест на поддршка за Палестинците.
Палестинскиот претседател Махмуд Абас ја поздрави резолуцијата, велејќи дека таа ги поддржува палестинските напори за уште едно гласање за ова прашање од страна на Советот за безбедност.
Свет
Шпанија, Ирска и Словенија ќе ја признаат Палестина на 21 мај
Шпанија, Ирска и Словенија планираат симболично да ја признаат Палестинската држава на 21 мај, изјави шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел.
Тој го потврди датумот во интервју за шпанското јавно радио, откако ирскиот јавен радиодифузен сервис РТЕ објави дека тоа е моментот кога сите три земји планирале да дејствуваат.
Словенечката влада вчера соопшти дека донела декрет за признавање на палестинска држава, што ќе биде внесен во нејзиниот парламент до средината на јуни.
Потоа, најверојатно ќе има повеќе нации што ќе го следат примерот бидејќи и Белгија одлучи да го стори тоа, додаде Борел.