Свет
Борел предупреди: Поддршката за Украина има своја цена
Европејците мора да бидат подготвени да ја платат цената за поддршката на Украина и за зачувувањето на единството, изјави шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, во интервју за шпанскиот весник „Паис“. Според него, украинскиот конфликт директно влијае на Европа.
„Сите воени конфликти завршуваат со преговори. Тоа што воено ѝ помагаме на Украина не значи дека не правиме сè што е можно за преговори“, истакна Борел.
Тој додаде дека Европејците треба да бидат подготвени да се соочат со конфликт што ќе трае долго во потрага по политички решенија. Шефот на европската дипломатија смета дека јужноевропските земји не треба да покажат недостиг на солидарност со северот на енергетски план.
„Шпанија може многу бидејќи има една третина од целиот европски капацитет за природен гас. Шпанија може да стане порта кон Европа за гас, што ќе биде алтернатива на рускиот гас“, рече тој.
По почетокот на руската специјална операција во Украина на 24 февруари, голем број западни земји воведоа санкции кон Русија. Како одговор, Москва воведе и реципрочни мерки против соодветните земји.
Европската Унија веќе воведе седум пакет-санкции, вклучително и ембарго на јаглен и нафта.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Пукање во Виена: Еден маж убиен, друг во критична состојба, напаѓачите во бегство
Во четвртокот вечерта, во еден турски ресторан во виенската населба Отакринг, дошло до крвава пресметка во која е убиен еден маж, а друг е тешко повреден и се бори за живот. Како што пренесува австрискиот весник „Кронен цајтунг“, по расправија меѓу неколку лица, еден од нив извадил пиштол и испукал неколку куршуми кон двајца мажи.
Жртвите, двајца мажи со чеченско потекло, биле погодени од повеќе истрели – едниот починал на самото место, наводно од прострелна рана во стомакот, додека вториот бил итно пренесен во болница со повреди опасни по живот.
Полицијата трага по напаѓачот и неговиот соучесник, кои веднаш по инцидентот побегнале. Се претпоставува дека сторителот би можел да биде австриски државјанин со мигрантско потекло, иако првичните информации упатувале на тоа дека станува збор за лице од српска националност.
Областа околу местото на злосторството беше блокирана, а полицијата спроведе голема потрага во неколку виенски окрузи која траеше до доцна во ноќта.
Настанот се случил само еден ден по друг насилен инцидент во истата населба, кога 54-годишен сопственик на локал бил нападнат и повреден од група млади момчиња. Полицијата ги поврзува двата случаи во рамките на поширока истрага за растечкиот бран насилство во тој дел од градот.
Свет
Американскиот претседател ги прими лидерите на пет централноазиски земји
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, ги прими лидерите на 5 централноазиски земји во Белата куќа.
Американскиот лидер ги идентификуваше критичните ретки земни елементи како клучен приоритет и ги истакна напорите на неговата администрација за обезбедување синџири на снабдување преку нови глобални договори.
На средбата со Доналд Трамп присуствуваа лидерите на Казахстан, Киргистан, Таџикистан, Туркменистан и Узбекистан.
Разговорот се одржа во време кога Вашингтон се стреми да го прошири своето влијание во нивниот регион, богат со природни ресурси.
Доналд Трамп изјави дека е решен да го зајакне партнерството со петте земји.
Свет
Олга Стефанишина: Украина преговара за купување ракети „Томахавк“
Украина е во преговори за купување ракети „Томахавк“ и друго оружје, изјави украинската амбасадорка во САД, Олга Стефанишина.
Нејзината изјава доаѓа во контекст на одбивањето на американскиот претседател Доналд Трамп да му ги предаде ракетите на Киев.
Во интервју за Блумберг ТВ, Стефанишина истакна дека дискусиите сè уште се во тек, но украинската страна има повеќе делегации кои работат на обезбедување на потребните финансиски ресурси за стекнување поголем воен капацитет.
Според неа, не станува збор само за „Томахавк“, туку и за разни други ракети со долг и краток дострел. Амбасадорката го опиша процесот како доста позитивен.
Kонечната одлука за ова останува во рацете на Доналд Трамп, кој изјави дека во моментов не размислува за таков чекор.

