Свет
Британец почина, изгубил свест и паднал во базен на Закинтос
Дваесетгодишен Британец почина кога изгубил свест и паднал во базен во ноќен клуб во познатото грчко одморалиште Закинтос.
Персоналот на хотелот го забележал човекот со лицето надолу во базенот и веднаш повикал спасител. Спасувачките екипи пристигнале и се обиделе да го оживеат, но безуспешно.
„Трипати се обидовме да го оживееме, но немаше начин. Спасувачките екипи потоа го однеле во болница. Сите сме во шок. Со овој бизнис се занимавам 40 години и првпат се случува вакво нешто“, изјавил сопственикот на клубот, кој се наоѓа во склоп на хотелот.
Ова не е единствената трагедија што се случила во ова познато одморалиште. На почетокот на овој месец 64-годишен британски турист беше пронајден мртов на плажата.
Мажот бил пренесен во Општата болница во Закинтос, каде што подоцна била констатирана смрт.
Според извештаите, во моментот на инцидентот немало спасител на плажата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Политико: Бугарија ја разгледува можноста да бара ослободување од санкциите на САД против „Лукоил“
Бугарија ја истражува можноста да побара ослободување од новите санкции на Соединетите Американски Држави против двете најголеми руски нафтени компании, Роснефт и Лукоил, објави Политико, пренесе бнр.бг.
Рафинеријата за нафта во Бургас, во сопственост на Лукоил, снабдува 80 отсто од горивото во земјата.
Според изданието, бугарската влада испратила барање до Вашингтон со цел да ја разбере можната реакција на американската администрација во случај на барање за ослободување од санкциите откако ќе стапат во сила на 21 ноември. Изданието се повикува на извори кои побарале анонимност.
Бугарските власти се загрижени за опасноста санкциите да доведат до затворање на рафинеријата во Бургас, што пак би можело да предизвика недостиг на гориво и последователни протести во земјата, коментира изданието.
Министерството за енергетика одби да даде коментар за Политико. Претседателската институција, исто така, не одговори.
Свет
Слаб одѕив на светските лидери за климатскиот самит во Бразил, САД без претставник
На климатскиот самит што следната недела ќе се одржи во бразилскиот град Белем, досега учество потврдиле 57 шефови на држави и влади, што е значително помал број во споредба со минатогодишниот COP29 во Азербејџан, на кој присуствуваа 75 лидери, јави Хина.
САД нема да испратат претставници поради повлекувањето од Парискиот договор, додека Кина ќе ја претставува потпретседателот Динг Сјуејсианг. Присуство потврдиле францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Фридрих Мерц, британскиот премиер Кир Стармер, како и лидерите на Колумбија и Либерија.
Самитот, кој ќе се одржи на 6 и 7 ноември, е подготвителен настан пред конференцијата COP30 (10–21 ноември). Бразилскиот претседател Лула да Силва инсистираше конференцијата да се одржи во Амазонија, симболично нагласувајќи ја нејзината улога во борбата против климатските промени.
Организаторите наведуваат дека ограничениот хотелски капацитет и високите трошоци во Белем создаваат логистички предизвик за очекуваните 50.000 учесници.
Регион
Грција затвора 204 пошти
Грција затвора 204 филијали на државната пошта ЕЛТА, што претставува околу 45 проценти од вкупната мрежа. Компанијата го оправдува потегот со низок обем на работа и финансиски загуби, додека локалните жители и опозицијата жестоко реагираат.
Пензионерите од руралните средини, кои преку пошта ги примаат пензиите и лековите, предупредуваат дека ќе останат без основни услуги.
Во повеќе градови се одржуваат протести пред поштенските канцеларии, а клиентите ќе бидат пренасочени кон приватни курирски компании.
Поради растечкото незадоволство, во вторник е закажана вонредна седница на парламентот, на иницијатива на опозицијата.

