Свет
Британија и Шведска постигнаа договор за воздушна воена соработка
Велика Британија и Шведска постигнаа договор за заедничка воена соработка во воздушните сили во текот на следната деценија, што отвора пат и за другите потенцијални партнери. Овој потег значи дека скандинавската земја би можела да се приклучи на планираниот британски воен проект од новата генерација.
Велика Британија минатата година ги претстави плановите за борбени авиони и неколку беспилотни летала со име „Темпест“, отворајќи многубројни прашања за иднината на европската одбранбена соработка, додека Франција и Германија ја спроведуваат својата сопствена воздушна програма за да одговорат на растечките закани.
„Темпест“, која треба да го замени „Еурофајтер тајфун“ почнувајќи од 2040 година, ќе биде развиена и изградена од најголемата компанија за одбрана на Велика Британија „БАЕ Системс“ во соработка со британскиот производител на мотори „Ролс-Ројс“, британската подружница на италијанските одбранбени сили „Леонардо“ и европскиот ракетен производител „МБДА.“
Шведската компанија „Сааб“ нема веднаш да се приклучи на истиот индустриски тим, но ќе биде вклучена во пошироката студија за технологија која ќе ги скицира британските одбранбени партнерства по брегзит и може да доведе до приклучување и на други земји, додаваат официјалните претставници.
„Брегзит или не, Шведска има стратешки интерес за понатамошно продлабочување на односите со Велика Британија“, рече шведскиот министер за одбрана, Петер Холтквист, на големо воено шоу што се одржа во Западна Англија.
Британското Министерство за одбрана соопшти дека договорот повикува на заедничка програма за воздушна борба и програма за преземање.
Меѓутоа, Шведска изјави дека планот им дозволува на двете страни да спроведат студии со други партнери и истакна дека нивниот Грипен-борец ќе ги исполни потребите на воздухопловните сили „во догледна иднина“.
Аналитичарите од оваа индустрија велат дека Шведска настојува да биде сфатена како сериозен самостоен производител на Грипен-борецот на „Сааб“, а не како помал снабдувач.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Мерц: ЕУ е секогаш подготвена за разговори со Русија
Германскиот канцелар Фридрих Мерц денес изјави дека Европската Унија е секогаш подготвена за разговори со Русија во обид да се стави крај на војната во Украина, но дека нема да отвори никакви паралелни канали за комуникација.
„Секако, секогаш сме подготвени за разговори со Русија“, изјави Мерц пред новинарите во Абу Даби, пренесува Ројтерс.
Тој рече дека во моментов се водат координирани разговори во Абу Даби.
„Ако можеме да придонесеме овие разговори да бидат уште подобри, уште поуспешни, ќе го сториме тоа. Но, нема да отвориме никакви паралелни канали за комуникација“, рече Мерц.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц е во официјална посета на земјите од Персискиот Залив, вклучувајќи ги и Обединетите Арапски Емирати, од среда, со цел зајакнување на политичките и економските врски, енергетската соработка и регионалната безбедност.
За време на посетата, Мерц разговараше со лидерите на ОАЕ во Абу Даби, а се очекува на состаноците да бидат опфатени теми како што се влијанието на војната во Украина врз глобалната енергетска безбедност, пазарите на гас и нафта, како и можноста за дипломатско посредување во меѓународни конфликти, пренесува Танјуг.
Свет
Европската комисија предлага нов пакет санкции против Русија
Европската комисија предложи 20-ти пакет санкции против Русија насочени кон енергетиката, финансиските услуги и трговијата, со цел да се усвои пред четвртата годишнина од војната на 22 февруари.
„Комисијата предлага нов пакет санкции, 20-ти од почетокот на руската агресија врз Украина“, изјави претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен.
Новиот пакет предлага целосна забрана за поморски услуги за транспорт на руска сурова нафта за дополнително намалување на приходите од продажба на енергија и отежнување на наоѓањето купувачи за руска нафта.
„Бидејќи превозот е глобален бизнис, предлагаме оваа целосна забрана да се усвои во координација со истомислечките земји по одлуката на Г7“, рече претседателката на Комисијата.
Новиот пакет вклучува додавање на уште 43 бродови од таканаречената руска флота во сенка на листата на санкционирани бродови. Вкупниот број на вакви бродови, кои Русија ги користи за да ги заобиколи санкциите, сега изнесува 640. Исто така, се предлагаат мерки за да се отежни набавката на танкери за својата флота во сенка, како и сеопфатна забрана за обезбедување одржување и други услуги за танкери за течен природен гас и мразокршачи.
Вториот дел од санкциите се однесува на мерките за ограничување на рускиот банкарски систем и неговата способност да создава алтернативни канали за плаќање за финансирање на економската активност. Уште 20 руски регионални банки се додадени на списокот на санкционирани, како и неколку банки во трети земји кои се вклучени во олеснување на нелегалната трговија со санкционирана стока.
Се предлагаат и мерки против криптовалутите, компаниите што тргуваат со нив и платформите што овозможуваат тргување со криптовалути за да се отежни заобиколувањето на санкциите.
Третиот дел од новиот пакет санкции се однесува на мерките за заострување на ограничувањата за извоз во Русија на стоки и услуги – од гуми до трактори и услуги за сајбер безбедност.
Исто така, се предлага нова забрана за увоз на метали, хемикалии и критични минерали, кои сè уште не се под санкции, како и дополнителни ограничувања за извоз на предмети и технологии што се користат за напорите на Русија на бојното поле, како што се материјали што се користат за производство на експлозиви.
Претседателката на Комисијата ги повикува земјите-членки што е можно поскоро да го одобрат овој пакет санкции „со цел да се испрати силен сигнал во пресрет на мрачната четврта годишнина од оваа војна“.
Фон дер Лајен рече дека фискалните приходи на Русија од нафта и гас се намалиле за 24 проценти во 2025 година во споредба со претходната година, што е најниско ниво од 2020 година.
„Приходите од нафта и гас во јануари ќе бидат најниски од почетокот на војната. Ова го потврдува она што веќе го знаевме – дека нашите санкции функционираат и ќе продолжиме да ги користиме сè додека Русија не започне сериозни преговори со Украина за праведен и траен мир“, рече фон дер Лајен.
Свет
(Видео) Андалузија во вонредна состојба, властите стравуваат од нови поплави
Бурата „Леонардо“ предизвика големи поплави во Андалузија, кои принудија евакуација на околу 8.600 луѓе, додека една жена почина откако беше однесена од поројна вода во покраината Малага.
Во Кордоба, нивото на водата на реката Гвадалкивир е на критично ниво, бидејќи сегашното ниво од 5,5 метри е двојно повисоко од нивото за црвена тревога, а Римскиот мост на таа река е затворен поради опасност. Градоначалникот на Кордоба предупреди дека е потребно да се испушти вода од акумулациите и дека се очекуваат уште поголеми поплави.
Приградскиот железнички сообраќај помеѓу Севиља и Кадис не работи, а услугата е само делумно оперативна во Малага. Регионалните владини претставници во Малага објавија дека временските прогнози укажуваат на можност за бури и повремени врнежи од дожд. Во градот Грасалеми, сите жители беа евакуирани.
Authorities in southern Spain have evacuated residential areas out of fear a major river could overflow, and warned of landslides after Storm Leonardo swept over the Iberian Peninsula https://t.co/wWiWtFbFJZ pic.twitter.com/g58Xp4xkXN
— Reuters (@Reuters) February 6, 2026
Поради снежните врнежи на север од Шпанија, 16 патишта беа затворени, а уште 21 беа погодени. Најпогодените патишта се во Гранада, Леон, Саламанка, Касерес, Навара. Премиерот на Шпанија, Педро Санчез, ја посети Андалузија и рече дека земјата ќе биде со жителите. Прво со хеликоптер прелета над некои од најкритичните области на покраината Кадиз, а потоа ја посети и напредната командна станица лоцирана во градот Сан Роке, во регионот Кампо де Гибралтар.
„Нè очекуваат долги денови. Важно е целата земја да застане покрај жителите додека не заврши оваа криза, не само во однос на итноста, туку и во однос на важните работи, кои ќе дојдат кога ќе поминат овие неповолни настани и кога ќе мора да се соочиме со реконструкцијата и преродбата на погодените области“, рече тој.
Тој ги замоли погодените за „разбирање и трпение“ и за доверба во експертите кои знаат како да се справат со климатската криза. Според него, од почетокот на бурата, централната влада распоредила „повеќе од 10.000 луѓе на терен“ во координација со регионалната влада на Андалузија.

