Свет
Британија: Русите прават огромна промена во војската, мислат дека заканата ќе трае со години
Министерството за одбрана на Велика Британија во дневниот извештај на своите разузнавачи и луѓе од терен пишува за големите промени кои се најавени во руската армија.
„На 17 јануари 2023 година рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу ги објави плановите за големи промени во структурата на вооружените сили, кои ќе бидат спроведени меѓу 2023 и 2026 година“, пишуваат Британците во воведот.
„Ова вклучува зголемување на 1,5 милиони луѓе. Ова е зголемување од 11 проценти на врвот по претходно најавеното проширување на 1,35 милиони“, се додава.
Британците пишуваат дека Шојгу најавил повторно воспоставување на Московскиот и Ленинградскиот воен округ.
„Треба да се формира нов армиски корпус во Карелија, во близина на финската граница“, додаваат Британците.
„Плановите на Шојгу сигнализираат дека руското раководство многу веројатно оценува дека зголемената конвенционална воена закана ќе трае долги години по актуелната украинска војна. Сепак, Русија многу веројатно ќе има проблеми со персоналот и опремата за планираното проширување“, проценуваат тие.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Низ разузнавачките канали протекоа детали за „Дмитриев пакет“, вреден е 12 трилиони долари, вели Зелениски
Украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека постои ризик САД и Русија да склучат билатерални договори кои се однесуваат на Украина, но без учество на Киев. Тој тоа го изјави на брифинг за новинари вчера, во време на засилени дипломатски активности насочени кон завршување на војната, при што веќе следната недела се очекува можено продолжение на трилатералните преговори помеѓу Украина, САД и Русија, веројатно на американска територија, пишува „Киев индипендент“.
„Со оглед на потенцијалните ризици, украинската делегација го пренесе ставот дека, ако и дојде до билатерални договори меѓу Русија и САД, одредбите што се однесуваат на Украина не смеат да бидат во спротивност со нашиот устав“, рече Зеленски, алудирајќи на територијални прашања.
Тој нагласи дека Киев добива сигнали за можно потпишување на билатерални документи помеѓу Вашингтон и Москва, вклучувајќи ги и оние за економска соработка.
Зеленски додаде дека Украина нема целосен увид во сите можни деловни аранжмани, но дека некои детали протекле низ разузнавачките канали. Како пример тој го наведе таканаречениот „Дмитриев пакет“, кој во САД наводно го претставил рускиот преговарач Кирил Дмитриев.
„Разузнавачите ми го покажаа таканаречениот ‚Дмитриев пакет‘ претставен во САД – вреди околу 12 трилиони долари“, рече Зеленски, опишувајќи го како предлог за обемна економска соработка меѓу двете земји. Тој додаде дека Киев забележал и знаци дека потенцијалните американско-руски документи можат да содржат одредби кои се однесуваат на Украина.
„Јасно велиме дека Украина нема да поддржи никакви договори за нас без нас“, заклучи тој.
Свет
Судот нареди на администрацијата на Трамп да врати од Хондурас три депортирани семејства и да ги плати трошоците за враќање
Окружниот суд во Сан Диего пресуди федералната влада на САД да ги врати трите семејства од Хондурас, наведувајќи дека нивното депортирање во последните месеци било засновано на „лаги, измами и притисоци“, јавија американските медиуми . Со наредба е утврдено дека на депортираните семејства требало да им биде дозволено да останат во САД, согласно правен договор кој го регулирал одвојувањето на околу 6.000 деца од родителите на границата во 2018 година. Секоја мајка имала дозвола да остане во САД до 2027 година со хуманитарна виза.Судијката на американскиот окружен суд во Сан Диего, Дана Сабрау, наведе дека администрацијата на Доналд Трамп, исто така мора да ги плати трошоците за нивното враќање.
Една жена со три деца, вклучувајќи и шестгодишен американски државјанин, беше депортирана во Хондурас во јули, откако ѝ беше наредено да се пријавува најмалку 11 пати во Службата за имиграција и царина (ICE) за време на два месеца, поради што, како што рече, ја загубила работата.
Сабрау го одби аргументот на Владата дека семејството доброволно ги напуштило САД. Жената рече дека службениците на Службата ја посетиле дома и ѝ побарале да потпише документ со кој се согласува на заминување, но таа одбила.
Другите две семејства, идентификувани само со иницијали, биле депортирани под слични околности.
Во рамките на политиката на „нула толеранција“, родителите се разделувале од децата за да бидат кривично гонети кога нелегално ја преминуваат границата. Судијката Сабрау во јуни 2018 година нареди прекин на разделувањето, неколку дена откако Трамп сам го запре по силен меѓународен притисок. Договорот забранува применувањето таква политика до 2031 година.
Свет
Нов инцидент во Полска: дрон падна во близина на воена база
Нов инцидент поврзан со беспилотно летало е регистриран денес во Полска. Како што објавија локалните власти, мал дрон паднал во областа на воена база во централна Полска. Комерцијално достапен модел се урна во Лоѓ откако се заплетка во дрво.
Според информациите од воената полиција, не е регистрирана никаква штета. Властите брзо го идентификуваа и приведоа осомничениот оператор, 22-годишен полски државјанин, и го обвинија за кршење на прописите за воздухопловство. Имено, управувањето со беспилотни летала во близина на воен објект може да резултира со затворска казна до пет години, а истрагата е во тек. Сличен инцидент се случи на 28 јануари кога мал дрон падна врз воена база во Пжасниш, според „Киев Индепендент“.
Претходните видувања на беспилотни летала во неколку европски земји предизвикаа прекини во воздушниот сообраќај, додека стравувањата од ескалација на руската хибридна војна растат. Полска, членка на НАТО, е во состојба на висока готовност од септември кога неколку руски беспилотни летала беа соборени над нејзина територија за време на напад врз Украина.
Инцидентот следеше по нарушувањата на воздушниот простор на балтичките сојузници на НАТО од страна на руски борбени авиони, како и по сомнителните видувања на беспилотни летала над европските аеродроми и други стратешки цели. Некои западни лидери повикаа на порешителен и покоординиран одговор, вклучително и соборување на беспилотните летала кога е потребно.

