Европа
Британскиот суд не им дозволува на родители своето смртно болно бебе да го пренесат на лекување во Италија
Во последниве неколку дена светската јавност е окупирана со случајот на малиот Алфи Еванс (23 месеци), чии родители со месеци се борат со британскиот здравствен систем. Алфи има ретка генетска болест која предизвикува прогресивно да му слабеат мускулите, а во август минатата година претрпел тешки оштетувања на мозокот. Лекарите во тие моменти кренале раце и рекле дека детето не може да се излечи и оттогаш почнала борбата на родителите да го спасат своето дете.
Тие сега се жалат на одлуката на британскиот суд, кој им забранил болното дете да го одведат во Италија за понатамошен третман, објави Би-би-си.
Семејните адвокати изјавија дека за денеска попладне закажано е сослушување во врска со овој случај. Во понеделникот лекарите ги исклучиле апаратите кои го одржувале во живот 23-месечното бебе, по одлуката на судот дека детската болница „Алдер Хеј“ во Ливерпул има право да го прекине неговото лечење.
Родителите на Алфи, Том Еванс и Кејт Џејмс, по ваквата одлука сакале да го преместат својот син во болница во Рим, поврзана со Ватикан, каде што би можеле да се бараат нови методи на лекување. И покрај одобрувањето на италијанските власти, кои во најбрз можен рок обезбедиле државјанство за болното момче, британскиот суд го отфрли барањето на родителите за негов трансфер во Италија и само дозволи Алфи да го одведат дома.
Судијата на Врховниот суд во вторникот рече: „Ова е последното поглавје во случајот на ова посебно мало момче“. Тој додаде дека родителите можат да го пренесат Алфи од одделот за интензивна нега во болницата во својот дом. Судот го отфрли тврдењето на таткото на Алфи дека неговата состојба е многу подобра отколку што досега се мислело бидејќи по исклучувањето на апаратите, бебето продолжило самостојно да дише. Судијата рекол дека болницата во Рим за момчето може да обезбеди само краткотрајна нега бидејќи сè друго е веќе направено.
„Го отфрлам тврдењето дека состојбата на момчето е подобрена. Мозокот не може да се регенерира, а неговиот мозок речиси е целосно оштетен“, рекол судијата.
Алфи во болницата Алдер Хеј престојувал од декември 2016 година, но страда од ретка генетска болест. Таткото на Алфи се обрати во медиумите надвор од болницата и рече дека повторно ќе поднесе жалба на одлуката на судот: „Не се откажувам бидејќи Алфи и натаму дише. Тој не страда, не се мачи, туку само се бори за живот. Медицинската сестра дојде предмалку и рече дека изгледа прилично добро“.
Родителите на Алфи сè уште се надеваат дека ќе можат да го однесат бебето во болницата „Бамбино Гесу“ во Рим. Тие изгубија серија битки против британското здравство и правосудство откако Врховниот суд во февруари го одобри исклучувањето од апаратите за одржување во животот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Украина: Русите го нападнаа Харков, уништени се згради, меѓу повредените има и дете
Украина ги уништи сите 10 беспилотни летала во руски напад во текот на ноќта, но две лица се повредени, а станбени згради во регионот Харков беа зафатени од пожар, соопштија денеска украинските власти.
Воздухопловните сили на „Телеграм“ соопштија дека Русија лансирала и две противвоздушни наведувани ракети. Портпаролот на украинските воздухопловни сили во телевизиски пренос изјави дека руските ракети, најверојатно, биле насочени кон североисточниот град Харков.
Гувернерот на регионот Харков, Олех Синехубов, рече дека три станбени куќи биле запалени, а десетици биле оштетени како резултат на рускиот напад, чија цел, според него, биле и инфраструктурата и станбените области. На фотографиите што ги објави Синехубов на „Телеграм“ се гледаат големи пламени јазици од станбените згради.
„Две лица, меѓу кои и едно 11-годишно дете, се ранети во нападот и се на медицинска помош“, рече Синехубов на апликацијата „Телеграм“.
„Ројтерс“ сè уште не ја потврди независно оваа вест. Москва негира дека цели на цивили во овие „легитимни напади врз воената, енергетската и транспортната инфраструктура на Украина“.
Европа
Повредени двајца полицајци во Париз кога маж им го украл пиштолот и пукал во нив
Двајца полицајци се повредени во престрелка во полициската станица во Париз, кога на еден од нив му бил одземен пиштолот од маж кој претходно бил приведен поради напад со нож врз жена.
„Полицијата интервенираше и го донесе овде, во полициската станица, и тој потоа му го грабна пиштолот на полицаецот“, изјави началникот на полицијата Лорен Нунес.
Обвинителството соопшти дека еден од полицајците е во тешка состојба, пренесува „Монд“.
Полицијата возвратила, а напаѓачот се здобил со повреди во пределот на градниот кош, по што бил пренесен во болница.
Како што информираат од болницата, животот на напаѓачот не е во опасност.
Европа
Путин го избра премиерот
Рускиот претседател Владимир Путин предложи повторно именување на Михаил Мишустин за премиер во неговиот нов претседателски мандат, изјави утрово претседателот на Државната дума, долниот дом на рускиот парламент.
Откако Путин во вторникот положи заклетва за нов шестгодишен претседателски мандат, тамошната влада, според одредбите на рускиот Устав, поднесе оставка.
И додека во последните денови се шпекулираше дека може да има промени на некои важни и суштински позиции, а руските независни медиуми споменуваа евентуално заминување на Михаил Мишустин од премиерската позиција, Путин повторно го предложи за таа функција.
„Претседателот Владимир Владимирович Путин достави до Државната дума предлог за кандидатурата на Михаил Владимирович Мишустин за функцијата премиер. Денеска претставниците ќе донесат одговорна одлука за ова прашање во име на нивните гласачи“, изјави претседателот на Думата, Вјачеслав Володин на апликацијата Телеграм.
Ова е петти мандат на Путин на власт, а тој го номинираше Мишустин за премиер за прв пат во јануари 2020 година, кога Владата предводена од Дмитриј Медведев поднесе оставка по најавените важни уставни промени во политичкиот систем на земјата од страна на претседателот.
Мишустин, кој ќе зборува во Думата пред гласањето, мора да одговори како ќе реши низа задачи што Путин и ги постави на владата, вклучително и „зголемување на одбранбената способност на нашата земја“, рече Володин.