Европа
Британски пратеник фатен како гледа порнографија тврди: „Ми се отвори по грешка“
Британски пратеник, кој е суспендиран од Конзервативната партија на премиерот Борис Џонсон по обвинувањата дека гледал порнографија на својот мобилен телефон во Долниот дом на парламентот, рече дека по грешка ја отворил експлицитната содржина.
Нил Париш беше суспендиран од партијата на конзервативците во петокот, откако тој самиот се пријавил кај комесарот за парламентарни стандарди. Но, изјави дека останува член на парламентот додека трае истрагата.
На прашањето на новинарите дали случајно отворил нешто на телефонот, Париш рече: „Да, но истрагата нека потврди“.
Британските медиуми објавија дека министерка рекла оти го видела колегата како гледа порнографски материјал додека седел покрај неа во Долниот дом и дека истиот пратеник гледал порнографија за време на состанок на комисија.
Во интервју за „Тајмс“ објавено денеска, сопругата на Париш, Сју, изјави дека не памети дека нејзиниот сопруг направил нешто силично претходно и дека тој е прекрасна личност.
„Сето тоа е многу срамно. Искрено, останав без здив. Пратеници не треба да гледаат порно филмови. Овие дами се апсолутно во право кога се лутат, исто како што сум лута и јас”, рекла Сју.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Ги убил двајцата внуци, па си пресудил самиот на себе: пензионер се забарикадирал во куќа во Шпанија
Трагедија се случи во мал шпански град кога пензионер ги уби своите двајца внуци на возраст од 10 и 13 години пред да се самоубие – два месеца откако сопруга и ќерката му загинаа во сообраќајна несреќа додека тој возел.
Полицијата ја опколила куќата на 72-годишниот маж откако тој синоќа се забарикадирал во имотот со момчињата.
Нивните три тела беа пронајдени околу 8.30 часот утринава во разни простории од куќата во Хуетор Тајар – град со околу 10.000 жители, во близина на градот Гранада во јужна Шпанија – кога насилно влегле вооружени полицајци.
Едното дете е убиено со огнено оружје, а другото се удавило.
Извори блиски до истрагата велат дека едно од децата имало прострелни рани, а другото се верува дека се удавило.
Истражителите на Цивилната гарда велат дека пензионерот се застрелал со истото огнено оружје што го користел за да го убие својот внук.
Неговата сопруга и ќерката, мајка на две деца, ја загубија борбата за живот кога беа исечени од остатоците од автомобилот што го управуваше 72-годишникот.
Европа
Се огласи болницата во Банска Бистрица: Ова се последните информации за состојбата на Роберт Фицо
Состојбата на словачкиот премиер Роберт Фицо, кој беше ранет во обид за атентат минатата недела, е стабилна, соопштија од болницата во Банска Бистрица.
„Клинички се подобрува, комуницира, воспалителните параметри полека се намалуваат. Премиерот останува под наша грижа“, соопштија од болницата во Банска Бистрица по денешната седница на советот.
Фицо беше тешко ранет минатата среда по состанокот на кабинетот кога се приближи до насобраните луѓе.
Тој со хеликоптер беше префрлен во болницата во Банска Бистрица, каде што итно беше опериран и оттогаш е таму.
Претходните денови се зборуваше за префрлање на премиерот во друга институција, но како што може да се заклучи од денешното соопштение на болницата, тој засега останува во Банска Бистрица.
Европа
Украина со дронови нападна руска рафинерија: „Има штета, престана да работи“
Руска нафтена рафинерија во Славјанск, во Краснодарската област, беше оштетена по напад со беспилотно летало кон крајот на минатата недела, објави денеска државната новинска агенција „Тасс“ цитирајќи претставник на компанијата за безбедност.
Шест беспилотни летала погодија област на нафтена рафинерија во Славјанск во јужниот дел на Русија Краснодар во раните утрински часови, според локалните власти.
Новинската агенција „Интерфакс“ објави дека рафинеријата престанала да работи по нападот.
„Причинета е штета. Ќе се утврдат нејзината големина и опсегот“, ја цитира „Тасс“ изјавата на безбедносниот претставник Едуард Труднев во понеделникот.
Рафинеријата во Славјанск е приватна постројка со капацитет од речиси 100.000 барели дневно. Произведува гориво за домашни потреби и за извоз.