Свет
Велика Британија почнува масовно производство на напредни дронови пресретнувачи за Украина
Обединетото Кралство ќе почне масовно производство на напредни дронови пресретнувачи за да ѝ помогне на Украина да се одбрани од руските воздушни напади, пишува „Скај њуз“.
Дроновите, кои беа развиени од Украина со поддршка на британски научници, се опишани од Министерството за одбрана (МО) како многу ефикасни во уништувањето на самоубиствените дронови што Москва постојано ги испраќа во украинските градови.
Велика Британија соопшти дека размислува за проширување на својата поддршка за понатамошно зајакнување на воздушната одбрана на Полска.
Министерот за одбрана Џон Хили треба да открие повеќе детали за новиот проект за дронови денес на трговски саем во Лондон. Ова е првата иницијатива во рамките на договорот за размена на технологии со Киев, објавува „Скај њуз“.
Британскиот премиер Кир Стармер го нарече заедничкиот проект пресвртница и рече дека Велика Британија ќе продолжи да ја зголемува поддршката за Украина заедно со своите сојузници. Според Министерството за одбрана, новите беспилотни летала веќе се покажаа ефикасни против иранските беспилотни летала „Шахед“ што ги користи Русија и се значително поевтини за производство од традиционалните ракети за воздушна одбрана.
Стармер и украинскиот претседател Володимир Зеленски почнаа заедничко индустриско партнерство меѓу Велика Британија и Украина претходно ова лето. Договорот беше проширен минатата недела во Киев, каде што министерот за одбрана на Велика Британија потпиша договор за заеднички развој и споделување интелектуална сопственост.
„Овој договор е прв од ваков вид, што ѝ дава на британската индустрија невиден пристап до најновата воена технологија помагајќи ѝ на Украина да се одбрани од нелегалната инвазија на Путин и демонстрирајќи како одбраната може да биде двигател на економскиот раст додека ја спроведуваме нашата Агенда за промени“, рече Хили.
Според „Скај њуз“, Хили вчера разговараше со претставници за одбрана од Полска, Италија, Франција и од Германија и го осуди неодговорното руско кршење на полскиот воздушен простор. Тој додаде дека им наложил на британските вооружени сили да разгледаат опции за зајакнување на воздушната одбрана на НАТО над Полска.
Фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Беспилотно летало со непознато потекло падна врз воена база во Полска
Беспилотно летало со непознато потекло се урна врз воена база во Пжасниш во северно-централна Полска на 28 јануари, објави денес полското радио Зет, повикувајќи се на извори, пишува „Ројтерс“.
Радио Зет, исто така, наведува дека полската воена полиција потврдила дека е започната истрага за инцидентот.
„Ројтерс“ не можеше веднаш да добие коментар од Воената полиција.
Регион
Со фантомка и оружје македонски државјанин ограбил пет кладилници и пошта во Србија, полицијата го уапси
Полицијата во Краљево уапсила 44-годишен маж од Македонија, под сомнение дека ограбил пет кладилници и пошта соопшти денеска локалната полициска управа, пренесе „Н1“.
Во соопштението се наведува дека В.Г. е осомничен дека на територијата на Краљево влегувал во објекти на кладилници и пошти со фантомка на главата и, со закана со пиштол, одзел повеќе од 700.000 динари.
Во станот на осомничениот, полицијата пронашла дел од парите, фантомка и реплика на пиштол која, како што се сомнева, ја користел при извршувањето на кривичните дела.
Тој се товари за пет кривични дела разбојништво, одредено му е задржување до 48 часа и ќе биде приведен во Обвинителството, соопшти Полициската управа во Краљево.
Свет
САД сепак се вклучуваат во преговорите меѓу Украина и Русија во Абу Даби
Специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, по посетата на Израел треба да учествува на следниот круг преговори меѓу Украина и Русија, кои ќе се одржат на 4 и 5 февруари во Абу Даби. Ова го објави Барак Равид, дописник за глобални прашања на порталот „Аксиос“, пренесе „Европејска правда“.
Според наводите на новинарот, Виткоф на 3 февруари ќе допатува во Израел, а потоа ќе замине во Обединетите Арапски Емирати за да присуствува на преговорите.
Американскиот државен секретар Марко Рубио претходно изјави дека Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер, нема да учествуваат на следниот круг преговори со Русија и Украина, додавајќи дека американското присуство е „можно“.
Трамп на 30 јануари повторно изјави дека гледа можност за успешни преговори за завршување на руско-украинската војна. Еден ден подоцна, украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека не знае дали мировните преговори се во завршна фаза или сè уште е потребен ангажман на повеќе земји.
Првиот круг тристранни преговори меѓу Украина, Соединетите Американски Држави и Русија се одржа во Абу Даби на 23 и 24 јануари, кога се разговараше за параметрите за завршување на војната.

