Свет
Венецуела преку суд ќе бара Банката на Англија да ѝ префрли дел од златото
Централната банка на Венецуела поднесе правно побарување во трговски суд во обид да ја принуди Банката на Англија да ѝ пренесе 1,13 милијарда американски долари од златото што го чува таму за да ги финансира владините мерки против Ковид-19, пренесува „Ројтерс“ повикувајќи се на документ доставен во судот во Лондон.
Во барањето од 14 мај се вели дека венецуелската Централна банка бара судот да ѝ наложи на Банката на Англија да се придржува кон предложените инструкции.
Венецуела, која од март е под карантин поради коронавирусот, се надева дека дел од нејзиното злато во парична вредност ќе биде префрлено во УНДП за набавка на медицински производи, лекови и храна. Венецуела досега има регистрирано 749 заболени и 10 починати од коронавирус.
Владата на Николас Мадуро се обидува да ги продаде златните резерви на земјата како начин за собирање средства во услови на здравствена криза и карантинските мерки што ги наметна. Ситуацијата е влошена од падот на глобалните цени на нафтата и санкциите од САД.
„Влечкањето од страна на Банката на Англија е критична пречка за напорите на Венецуела и ОН за борба против Ковид-19 во земјата“, рече Сарош Зајвала, адвокат од Лондон, кој ја претставува Централната банка на Венецуела.
Ниту од Банката на Англиј, ниту од Централната банка на Венецуела нема официјален коментар во врска со побарувањето.
Судската постапка доаѓа по барањето од владата на Николас Мадуро во април до Банката на Англија – која го чува златото на неколку земји во развој – да продаде дел од своите резерви на злато и да ги насочи средствата кон ОН.
Правниот ќор-сокак се одолжува веќе извесно време бидејќи Банката на Англија одби да ѝ пренесе околу 31 тони венецуелско злато на владата на Николас Мадуро кого Велика Британија од 2018 година одбива да го признае како легитимен лидер на земјата.
Венецуела е во политичка криза од 2019 година кога лидерот на опозицијата поддржан од САД, Хуан Гваидо, се прогласи за привремен претседател и ја доби поддршката од повеќето западни земји, а САД и нејзините сојузници набргу потоа почнаа да ги запленуваат државните средства на Венецуела во странство и да воведуваат строги санкции за компаниите во земјата. Мадуро доби поддршка од Русија, Кина, Турција и неколку други нации. Венецуелските власти ги нарекоа мерките економска војна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во израелски напади врз Појасот Газа загинаа најмалку 11 луѓе
Во израелски напади врз Појасот Газа загинаа најмалку 11 луѓе. Израел тврди дека нападот е одговор на кршењето на примирјето од страна на Хамас.
Според палестински медицински извори, во израелскиот воздушен напад врз шаторски камп, каде се сместени раселени семејства загинале најмалку четири лица. Во друг напад врз Кан Јунис загинаа пет луѓе, а при напад во северниот дел на енклавата убиен е уште еден човек.
Портпаролот на Хамас, Хазем Касем изјави дека Израел извршил уште еден „масакр“ врз раселените Палестинци, нарекувајќи го инцидентот сериозно прекршување на прекинот на огнот неколку дена пред првиот состанок на Советот за мир на американскиот претседател Доналд Трамп.
Израелски воен претставник наведе дека нападите биле „прецизни“ и во согласност со меѓународното право, додавајќи оти Хамас постојано го крши договорот за прекин на огнот, постигнат во октомври минатата година. Според него, вооружени лица вчера излегле од тунел на израелска страна во областа Беит Ханун.
Касем ги повика учесниците на првиот состанок на новиот меѓународен Совет за мир во Појасот Газа да извршат притисок врз Израел да престане да го крши прекинот на огнот и да го спроведе договорот без одложување.
Свет
Поплави и свлечишта во јужна Италија
Јужниот дел на Италија е погодена од уште еден средоземен циклон што предизвика поплави и лизгање на земјиштето.
Поради бурата Оријана во Калабрија, Сицилија и Сардинија наредена е евакуација на населението.
Италијанската противпожарна служба соопшти дека за 72 часа добиле 2.000 повици за помош.
Оријана ја погоди Италија откако го погоди Иберискиот Полуостров. Тоа е втора бура што ја погоди јужна Италија по циклонот Хари кон крајот на јануари.
Свет
Рама во Вашингтон ќе учествува на формирањето на Одборот за мир
На 19 февруари премиерот Еди Рама ќе биде во Белата куќа во Вашингтон, каде што ќе учествува на официјалното формирање на Одборот за мир.
Ова го потврди лично премиерот за време на неделниот подкаст „Фласим“(зборуваме), отфрлајќи ги тврдењата на опозицијата дека воопшто не е поканет за учество на овој настан.
– Деновиве добив покана од претседателот на Соединетите американски држави, да го посетам Вашингтон и на учествувам на формирањето на Одборот за мир. Значи разбиени се сите лаги кажани дури и во нашиот парламент. Лага се секакви тврдења што денес повторно се прават смешни, велејќи дека не можам да одам, дека не сум поканет, затоа што, затоа што, затоа што, рече Рама.
Всушност, додаде, како што кажав, ќе бидам во Вашингтон за официјалното формирање на Одборот за мир и за почетокот на активноста на тој одбор.
-Привилегија за Албанија е да биде држава-основач на Одборот за мир и нема да придонесува со пари за да се приклучи или да остане како постојан член, туку придонесува со достоинство и со она што ја направило меѓународно почитувана и поканета, за оваа толку високо ниво на дискусија за иднината на мирот, рече Рама.

