Свет
Вереницата на Кашоги ја одби поканата на Трамп да дојде во Белата куќа
Хатиџе Ченгиз, вереницата на убиениот саудиски новинар, Џамал Кашоги, ја одби поканата на американскиот претседател Доналд Трамп, да дојде во Белата куќа. Според неа Трамп ја повикал со цел да ја придобие јавноста на своја страна.
Во телевизиско интервју, прво откако нејзиниот вереник е убиен, Хатиџе Ченгиз вели дека повикот на Трамп го разбира како изјава заради придобивање на јавноста, пренесува Ројтерс.
Таа нагласува дека нема да го прифати повикот се додека САД не покажат искрени напори во решавање на убиството на Кашоги и не побараат одговорните за убиството да се доведат пред лицето на правдата и да се казнат.
Таа во интервјуто раскажуа дека Кашоги отишол во конзулатот прв пат на 28 септември, но дека за време на таа посета тој бил добро третиран. Додаде дека знаела оти Кашоги си поставувал прашања самиот на себе и имал сомнежи дека нешто би можело да се случи во конзулатот, но верувал дека нема да биде уапсен или повреден во Турција.
„Мислеше дека Турција е сигурна земја и ако би бил задржан и испитуван, тоа многу брзо би се разрешило“ додаде Ченгиз.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во петокот побара од Саудиска Арабија да открие кој го наредил убиството на Кашоги, како и местото каде се наоѓа неговото тело.
Саудиските власти вчера соопштија дека на сторителите на убиството ќе им се суди во Саудиска Арабија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
ОН свикаа итна седница на Советот за безбедност по нападите врз Иран
Советот за безбедност на ОН свика итна седница по американските и израелските напади врз Иран и одмаздничките напади од страна на Техеран.
Седницата, која треба да почне во 16 часот (21:00 по Гринич), ќе биде посветена на „ситуацијата на Блискиот Исток“, соопштија Обединетите нации.
Средбата беше побарана од Франција и Бахреин, според израелската делегација во светската организација.
Свет
Ирански вооружени сили порачаа дека САД и Израел ќе добијат невидена лекција
Портпаролот на иранските вооружени сили Аболфазл Шекарчи денеска изјави дека Иран на САД и Израел ќе им одржи лекција „каква што никогаш во историјата не доживеале“.
По утринските напади на САД и Израел врз Иран, Шекарчи рече дека иранските вооружени сили веднаш реагирале и покренале ракетни напади на секоја локација која била во служба на американската и израелската војска, пренесува агенцијата Тасним.
„Со божја помош, ќе им одржиме лекција на САД и Израел каква што не доживеале во својата историја. Израелските бази веќе се соочија со проблеми и Иран подоцна ќе им удри уште поостар шамар“, предупреди воениот функционер.
Тој го повика иранскиот народ да не се грижи, да ги игнорира гласините и да ги следи официјалните вести преку националните медиуми.
Свет
Хамас ги осуди нападите врз Иран и повика на единство
Хамас ги осуди „ционистичко-американските непријателства врз Исламската Република“, истовремено повикувајќи на единство во муслиманскиот свет.
„Додека ја потврдуваме нашата солидарност со Исламската Република Иран пред лицето на непријателствата, повикуваме на единство и солидарност во арапската и муслиманската нација за да се спречат овие непријателства“, соопшти Хамас.
Тие ги обвинуваат САД и Израел дека се обидуваат повторно да ја исцртаат мапата на регионот „за да воспостават ’Голем Израел‘ на сметка на арапските и муслиманските земји“.
Во меѓувреме, Палестинскиот исламски џихад (ПИЏ), кој аналитичарите го опишуваат како посреден сојузник на Иран, соопшти дека Иран има право „да се брани и да ги одврати противниците“ како одговор на американско-израелските напади, пренесе Тајмс оф Израел.
„Овие непријателства не се насочени само против Иран, туку против сите земји и луѓе на нашата нација и се обидуваат да наметнат доминација од страна на воени злосторници“, вели ПИЏ. „Ги повикуваме народите на нашата арапска и муслиманска нација, како и синовите на нашиот палестински народ, да се обединат против овие непријателски намери“.

