Свет
(Видео) Апокалиптични сцени од Шри Ланка, во поплавите досега загинаа 17 луѓе

Бројот на жртвите од поплавите и одроните на земјиштето во Шри Ланка се искачи на 17, а илјадници луѓе беа принудени да ги напуштат своите домови.
Во десет области на островот, вклучително и главниот град Коломбо, каде што наврна голема количина дожд, нивото на водата се намалува, но предупредувањето за свлечиште е сè уште во сила, објави Центарот за управување со катастрофи на владата во Шри Ланка, пренесува „Ројтерс“.
Исто така, се наведува дека повеќе од 270.000 луѓе биле погодени од оваа катастрофа, и дека околу 100.000 згради останале без електрична енергија.
Владата претходно објави податоци кои покажуваат дека повеќе од 4.300 луѓе биле раселени во привремени засолништа и дека биле оштетени речиси 800 куќи.
Природната катастрофа се случи во време кога Шри Ланка се надева дека ќе ги ублажи ограничувањата во борбата против коронавирусот, а едномесечното блокирање поради третиот бран инфекции треба да заврши на 14 јуни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Пилот на „Изи џет“ шетал во хотел пијан и гол, требало да лета следниот ден, суспендиран е

Британската авиокомпанија „Изи џет“ суспендира еден од своите пилоти кога гостите на луксузен хотел во Капо Верде наводно го виделе како шета во заедничките простории пијан и целосно гол рано наутро, објавува Би-би-си.
На 4 август пилотот пристигнал во хотелот Melia Dunas Beach Resort and Spa, каде што почнал да пие во хотелскиот бар. Околу 2.30 часот по локално време на 5 август, по долго пиење, се соблекол и почнал да шета кај рецепцијата, а потоа и во салата за вежбање и во спа-центарот на хотелот.
„Пилотот не носел облека и смрдел на алкохол“, изјавил анонимен извор од авиокомпанијата за „Сан“. „Секој што го видел како се забавува гол во раните утрински часови денот пред летот, сигурно не би сакал да лета со него“.
Пилотот требаше да лета со повратниот лет за „Лондон Гетвик“ попладнето на 6 август, но компанијата го отстрани од служба откога доби поплаки и најде замена.
Портпарол на „Изи џет“ потврди за Би-би-си дека пилотот е суспендиран и дека е во тек внатрешна истрага. „Безбедноста на нашите патници и на екипажот е нашиот највисок приоритет“, соопшти компанијата.
Етичкиот кодекс на „Изи џет“ наведува дека вработените мора да се однесуваат со интегритет.
Свет
Шефот на НАТО: Преговорите за територијална отстапка меѓу Русија и Украина се неизбежни

Пред средбата на Доналд Трамп и Владимир Путин за Украина на 15 август дискусијата за отстапување територија е обновена. Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, смета дека разговорите за ова прашање се неизбежни. Министрите за надворешни работи на ЕУ сакаат да постигнат консензус за ова прашање, објавува ДВ.
Отстапување територии за мир меѓу Украина и Русија? Западните партнери на Киев долго време се категорично против овој предлог. Сепак, во пресрет на средбата меѓу американскиот претседател, Доналд Трамп, и шефот на Кремљ, Владимир Путин, што ќе се одржи в петок на Алјаска, дискусијата е обновена. Трамп веќе нагласи: „Ќе има размена на територии – на обострано задоволство“.
Сега се огласи и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте. Тој нагласи дека во идните преговори нема да биде можно да се избегнат дискусии за областите под руска контрола.
Руте нагласи дека Украина е суверена држава, која одлучува за својата геополитичка иднина. Но, тој изјави за американската телевизија Еј-би-си: „Во овој момент мора да го прифатиме фактот дека Русија контролира дел од украинската територија“.
По прекинот на огнот, прашањето ќе биде како ќе се развиваат работите понатаму за Украина кога станува збор за територијални прашања и можни безбедносни гаранции. Според еден можен договор, Русија би можела да ја задржи де факто контролата врз одредени области, но нема да мора да биде правно признаена. Тој посочи на примерот на деценискиот став на Западот кон советската окупација на балтичките држави.
Руте го пофали ангажманот на Трамп и рече дека тоа е тест за да се покаже колку сериозно Путин ја сфаќа можноста за завршување на војната. Средбата би можела да биде важен чекор кон сеопфатни преговори, додаде тој.
Фото: принтскрин
Свет
Во Европа расте стравот од средбата Трамп – Путин: во тек се итни разговори

Министрите за надворешни работи на ЕУ денес ќе одржат итни разговори во обид да влијаат на самитот оваа недела меѓу Доналд Трамп и Владимир Путин за војната во Украина, чие најавување предизвика стравувања од договор на штета на Киев.
Откога самитот меѓу претседателите на САД и Русија во Алјаска беше најавен за петок, Европејците водат сè повеќе разговори меѓу себе во обид да застанат заедно зад Украина.
Според Доналд Трамп, се очекува да се разговара за можен договор што би вклучувал територијална размена за да се стави крај на конфликтот што одзема животи во двете земји повеќе од три години.
Присуството на украинскиот претседател Володимир Зеленски засега не е планирано, иако останува можно, според американскиот амбасадор во НАТО, Метју Витакер.
„Претседателот Трамп е во право кога вели дека Русија мора да ја заврши војната против Украина. Соединетите Американски Држави имаат моќ да ја принудат Русија на сериозни преговори“, изјави високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас.
Но, таа нагласи дека „секој договор меѓу Соединетите Американски Држави и Русија мора да ги вклучи Украина и ЕУ бидејќи ова е безбедносно прашање за Украина и за цела Европа“.
Таа најави вонреден состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ преку видеоконференција в понеделник, во присуство на нивниот украински колега, Андриј Сибиха, за да се разговара за следните чекори.
Тој состанок ќе биде продолжение на серијата разговори во текот на викендот. Само Зеленски разговараше со 13 европски лидери во последните три дена, како и со претседателите на Казахстан и на Азербејџан, а рускиот претседател разговараше со тројца, вклучувајќи го и кинескиот претседател.
Киев секако соработува со Соединетите Америкснски Држави. Не поминува ден без да комуницираме за начините за постигнување вистински мир. Разбираме дека Русија има намера да ја измами Америка“, предупреди Зеленски во вечерна порака.
Најавата за самитот во Алјаска дојде в петок, истиот ден кога истече ултиматумот до Кремљ за прекин на војната.
В недела навечер лидерите на Франција, Германија, Италија, Полска, Обединетото Кралство и на Финска, како и претседателот на Европската комисија, го повикаа американскиот претседател да го зголеми притисокот врз Русија.
Тие рекоа дека сите преговори треба да се одвиваат „во контекст на прекин на огнот или намалување на непријателствата“ и предупредија дека дипломатското решение мора да вклучува „цврсти и веродостојни безбедносни гаранции“ за Украина.
фото: принтскрин