Европа
(Видео) Влијателен германски политичар пронајден мртов во својата градина

Популарниот германски политичар од владејачката ЦДУ, Валтер Либке е пронајден мртов на својот имот во Касел.
Полицијата се сомнева дека е убиен со куршум во главата.
Детали за злосторството засега не се познати бидејќи на имотот на којшто бил убиен Либке не е пронајдено оружје, поради што се претпоставува дека засега непознат човек го убил политичарот.
Полицијата го претресе целиот имот, како и околината и ги испитува соседите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Нова анкета: Зеленски попопуларен отколку пред руската инвазија

ОКОЛУ 63 отсто од Украинците ги одобруваат постапките на Володимир Зеленски како претседател, според истражувањето спроведено од проектот „Идентитет и граници: случајот на Украина“ (IBIF) во партнерство со Киевскиот Меѓународен институт за социологија (КИИС).
Анкетата беше објавена набргу откако американскиот претседател Доналд Трамп рече дека Зеленски има „4 отсто поддршка“ без да наведе извор за да го потврди своето тврдење. Набргу потоа, Трамп го нарече Зеленски „диктатор“. Истражувањето беше спроведено помеѓу ноември 2024 година и јануари 2025 година. Во него учествувале 1600 испитаници. Проектот ИБИФ е првенствено финансиран од Британската академија.
Околу 26,1 отсто од Украинците рекле дека целосно го одобруваат Зеленски, додека 36,9 отсто рекле дека главно го одобруваат. Вкупната бројка е повисока отколку во анкетите спроведени пред целосната руска инвазија и во пролетта 2024 година. Анкетата покажа дека 14,4 отсто целосно не ги одобруваат постапките на Зеленски како претседател, додека 18,3 отсто рекле дека главно не ги одобруваат.
Значи, Зеленски:
– целосно го одобруваат – 26,1 отсто од испитаниците
– главно го одобруваат – 36,9 отсто од испитаниците
– целосно не го одобруваат – 14,4 отсто од испитаниците
– главно не го одобруваат – 18,3 испитаници
Вкупно 73 отсто од испитаниците потврдиле дека Зеленски би можеле да го наречат „интелигентна личност“, додека 63 отсто го нарекле „силен лидер“. Зеленски останува најпопуларниот украински политичар, кој води во анкетите за претстојните претседателски избори, пренесува КИИС.
Помеѓу 26 и 32 отсто од Украинците се подготвени да гласаат за Зеленски во првиот круг, според истражувањето. Зеленски значително го надмина својот претходник, бизнисменот и пратеник Петро Порошенко, кој имаше 5-6 отсто во анкетите, пренесува „Киев Индепендент“.
„Потенцијален кандидат во вториот круг би можел да биде популарната воена фигура генерал Валериј Залужни, поранешен врховен командант и актуелен украински амбасадор во Обединетото Кралство, но тој јавно не изразил никакви политички амбиции“, соопшти КИИС.
Во Украина требаше да се одржат претседателски избори во пролетта 2024 година, но тие беа одложени поради целосна руска инвазија. Украинскиот устав не дозволува избори за време на воена состојба.
Европа
Ватикан: Папата Франциско добро се одмори осмата ноќ во болница

Папата Франциско, кој пред осум дена беше хоспитализиран поради пневмонија, „се одмори добро“, соопшти Ватикан, иако се уште постои загриженост за неговото здравје.
„Папата Франциско добро се одмори“, се вели во соопштението на Ватикан, откако еден од неговите лекари, професорот Серхио Алфиери, одговори негативно на новинарско прашање дали папата е надвор од животна опасност на брифингот за новинарите одржан во петокот во болницата Гемели во Рим.
Тој објасни дека „во случаи како овој, постои ризик патогени да влезат во крвотокот и да предизвикаат потенцијално фатална сепса“.
Токму затоа, превентивно, и покрај тоа што е „малку подобро“ и не е приклучен на ниту една машина, оправдано е да го задржат во болница „барем цела наредна недела“, рече тој пред толпата новинари. Тој додаде дека „ќе бидат потребни денови, па дури и недели за да се види ефективноста на терапијата што се применува“.
Папата ги прима своите најблиски соработници во болницата, чита, потпишува документи и телефонира.
Франциско беше хоспитализиран на 14 февруари, првично поради бронхитис, но Светата столица во вторникот откри дека тој развил пневмонија на двете белодробни крила.
Неговата хоспитализација, четврта од 2021 година, предизвикува сериозна загриженост бидејќи папата е веќе ослабен поради низа здравствени проблеми што ги имаше во последниве години.
Европа
Фицо: Русија го прекрши меѓународното право, но имаше сериозни причини за тоа

Словачкиот премиер Роберт Фицо изјави дека Русија имала „сериозни безбедносни причини“ да изврши инвазија на Украина.
„Никој не спори дека руската употреба на воена сила во Украина е кршење на меѓународното право. Меѓутоа, Русија имаше сериозни безбедносни причини за тоа бидејќи долго време беше држена во заблуда за проширувањето на НАТО“, рече Фицо на Конференцијата за политичко дејствување во САД.
„Конфликтот можеше да заврши набргу по неговото започнување“, додаде тој. Во својот 15-минутен говор, Фицо ги поддржа и неодамнешните критики на американскиот претседател Доналд Трамп кон украинскиот претседател Володимир Зеленски, велејќи дека на Зеленски „всушност му е потребна оваа војна“ за да остане на власт.
Тој се осврна и на тврдењето на Трамп дека Зеленски е диктатор. „Кога има војна, не може да има демократски избори… Кога има војна, тешко е да се истражи каде завршиле огромен дел од средствата дадени на Украина“, рече Фицо.
Тој тврди дека „апсолутното мнозинство“ од земјите-членки на Европската унија, освен Словачка и Унгарија, „ја поддржуваат идејата дека војната во Украина треба да се искористи за политичко и економско ослабување на Русија“. „Украина беше жртва на лоша стратегија“, убеден е тој.
Тој, исто така, го обвини Брисел дека „се турка на американско-руската преговарачка маса и покрај тоа што три години отворено ја поддржува војната во Украина“. „Европа во секој случај треба да му помогне на американскиот претседател што поскоро да ги прекине бесмислените убиства во Украина, а не да го попречува во постигнувањето на таа цел“, нагласи тој.
Овој говор доаѓа во време на зголемени тензии меѓу Фицо и Зеленски. Фицо, кој одржува пријателски врски со Русија, му се закани на Киев по прекинот на транзитот на рускиот гас преку украинска територија на 1 јануари. Во својата изјава на 28 јануари, Фицо го нарече Зеленски „непријател“ на Словачка.