Свет
(Видео) Демонстрантите ја запалија тендата на омилениот ресторан на Макрон
Полицијата и демонстрантите против пензиската реформа се судрија во близина на омилениот париски ресторан на францускиот претседател, Емануел Макрон, на левиот брег на Сена.
Ресторантот „Ла Ротонде“, чија тенда накратко беше запалена додека демонстрантите фрлаа шишиња и боја кон полицијата, е познат во Франција по организирањето на критикуваната гала вечера за Макрон за да го одбележи неговото водство во првиот круг од претседателските избори во 2017 година.
Голем број луѓе се собираат на протестите од јануари против фундаменталната реформа на вториот мандат на Макрон, со која се зголемува старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години.
„Штрајк, блокада, Макрон си оди!“, извикуваа демонстрантите во западниот град Рен, каде што полицијата употреби солзавец кон оние кои фрлаа проектили кон неа и запалија кеси со ѓубре.
Протестите беа главно мирни, иако имаше насилство на периферијата на градовите низ Франција.
Анкетите покажуваат дека огромното мнозинство гласачи се против пензиската реформа и одлуката на владата да ја протурка во парламентот без гласање.
Сепак, извор близок до Макрон вели дека тоа не е важно.
„Ако улогата на претседателот на републиката е да носи одлуки според јавното мислење, тогаш нема потреба од избори“, изјави изворот за Ројтерс.
„Да се биде претседател, исто така, повлекува одлуки кои може да бидат непопуларни во даден момент“, додаде тој.
Лидерите на синдикатот и демонстрантите рекоа дека единствениот излез од кризата е укинување на законот, опција која владата постојано ја отфрла.
„Нема друго решение освен повлекување на реформата“, рече новата лидерка на тврдокорниот синдикат „ЦГТ“ Софи Бине на почетокот на протестот во Париз.
Клучниот датум е 14 април кога Уставниот совет ќе одлучи дали пензиската реформа е во согласност со уставот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Пленковиќ, хрватскиот премиер кој доби трет мандат најави прва седница за понеделник
Откако хрватскиот Сабор вчера ја поддржа 16. Влада на Република Хрватска, а третата предводена од лидерот на Хрватската демократска заедница (ХДЗ) Андреј Пленковиќ, тој во изјава за медиумите рече дека првата седница на новата Влада ќе биде во понеделник и најави продолжување на посветената работа во интерес на хрватскиот народ.
„Благодарам на мнозинството во хрватскиот Сабор што ни ја укажа довербата да станеме Влада на Република Хрватска по трет пат и ние, како што правевме претходните осум години, посветено ќе работиме во интерес на хрватскиот народ, сите наши сограѓани, економијата, врската меѓу татковината и иселениците Хрвати и да спроведеме програма врз основа на која ја добивме довербата на хрватските гласачи“, рече Пленковиќ откако Собранието гласаше за неговата трета Влада
Тој им се заблагодари на сите партнери кои ја поддржаа Владата.
Пратениците во хрватскиот Сабор вчера гласаа за доверба на новата влада на премиерот Андреј Пленковиќ.
За доверба на Владата гласаа 79 пратеници, против беа 61 пратеник, а еден беше воздржан.
Свет
Убиени тројца странски туристи и еден Авганистанец
Вчера од вооружени лица во централен Авганистан се убиени тројца странски туристи и еден Авганистанец, а четворица странски државјани и тројца Авганистанци се ранети, соопшти талибанското Министерство за внатрешни работи.
Според светските агенции не е позната националноста на туристите, ниту кој го извршил нападот за кој што се уапсени четири лица.
Свет
Рјабков: Русија нема доверба во НАТО
Геополитичките проекти со НАТО сега се невозможни, Москва нема доверба во Алијансата и кај нас предизвикува политичка и емотивна одбивност, изјави денеска рускиот заменик министер за надворешни работи Сергеј Рјабков.
„Геополитички дизајн од секаков вид со НАТО е невозможен. НАТО не е пандан способен за преговори, тоа е групација во која не само што немаме ни најмала доверба, туку ни предизвикува политички и, дури би рекол, емотивна одбивност“, рече Рјабков во интервју за ТАСС.
Тој посочи дека Русија ќе работи со оние „кои се подготвени да преговараат на еднаква основа“.
„Големиот евроазиски простор, концептите на евроазиската безбедност, се она што доаѓа во центарот на вниманието на архитектонските проекти во однос на политиката и геополитиката. Според нас, тоа е она на што пред се треба да се фокусираме“, посочи Рјабков.