Свет
(Видео) „Имате крв на рацете, „Фејсбук“ и „Инстаграм“ убиваат луѓе“: обвинувања за Цукерберг, кој им се извини на семејствата чии деца претрпеле насилство на мрежите
Извршниот директор на компанијата „Мета“, која ги поседува социјалните мрежи „Фејсбук“, „Инстаграм“ и „Воцап“, се извини за време на сослушувањето пред американскиот Сенат.
Поради големиот број случаи на злоупотреба и сексуална експлоатација на деца на социјалните мрежи, Цукерберг им се извини на семејствата чии членови се деца што претрпеле насилство на мрежите.
Цукерберг стана и им се обрати на семејствата чии членови држат фотографии од нивните деца за кои тврдат дека се повредени на социјалните мрежи. Кога почна расправата, комисијата пушти видео, во кое децата зборуваат за малтретирање на социјалните мрежи.
Сенаторите наведоа и голем број примери и случаи на млади луѓе што си го одзеле животот кога биле уценети за пари по споделување фотографии со сексуални предатори.
Извинувајќи им се на семејствата, Цукерберг рече: „Жал ми е за тоа низ што поминавте сите вие. Она низ што поминаа вашите семејства никој не треба да го помине. Затоа инвестиравме толку многу и ќе продолжиме да работиме за да бидеме сигурни дека никој не мора да преживее такво нешто“.
Извршните директори на компаниите сопственици на социјалните мрежи „Мета“, „Икс“, „Тик-ток“, „Снеп“ и „Дискорд“ сведочат пред американскиот Сенат за случаи на злоупотреба и сексуална експлоатација на деца.
Сенаторот Линдзи Греам изјави дека компанијата „Мета“ и мрежите во нејзина сопственост – „Фејсбук“ и „Инстаграм“ – „имаат крв на рацете“: „Господине Цукерберг, вие и вашите компании имате крв на вашите раце, вие поседувате производ што убива луѓе“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Израел започна напад врз Иран и прогласи вонредна состојба
Израелскиот министер за одбрана Израел Кац изјави дека Израел започнал превентивен напад врз Иран за да ги отстрани заканите за безбедноста на земјата и дека е прогласена вонредна состојба низ целата земја.
„Државата Израел започна превентивен напад врз Иран за да ги елиминира заканите за Државата Израел. Вонредна состојба е прогласена низ целата земја“, рече тој, според „Тајмс оф Израел“.
Кац, исто така, предупреди на сериозна безбедносна ситуација.
Сирени се слушаа низ целиот Израел, додека Командата на домашниот фронт на израелските одбранбени сили ги повика цивилите да останат близу до засолништата и да се подготват за можност од ракетни напади.
Пораката ги советуваше граѓаните да останат близу до најблиските засолништа и да избегнуваат непотребни патувања.
Иако беше издадено „проактивно предупредување“, војската соопшти дека во овој момент не е потребна евакуација во засолништата.
Снимките покажуваат чад во Техеран, објави „Тајмс оф Израел“.
Свет
Сали и Бегај разговараа за политичката состојба и европската интеграција на двете земји
Првиот заменик‑претседател на Владата, Беким Сали, оствари официјална средба со Претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, на која се дискутираше за актуелната политичка ситуација и за соработката помеѓу двете земји.
За време на средбата, двете страни разменуваа мислења за политичките случувања и за продлабочувањето на институционалната соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија.
Првиот заменик‑претседател на Владата, Сали, истакна дека Албанците во Северна Македонија се претставени на најдобар можен начин, играјќи активна и конструктивна улога во државните институции, придонесувајќи во донесувањето одлуки и во клучните процеси кои се поврзани со стабилноста, демократскиот развој и европската перспектива на земјата.
На средбата беше нагласено дека Република Северна Македонија и Република Албанија, покрај тоа што се соседни и пријателски земји, имаат и заеднички аспирации во процесот на европска интеграција.
Свет
Две жртви во трамвајската несреќа во Милано, истрагата насочена кон возачот
Во тешка несреќа во Милано загинаа две лица, а 39 се повредени откако трамвај излета од шините и удри во зграда на улицата „Виале Виторио Венето“, во близина на „Порта Венеција“.
Една од жртвите е 60-годишен пешак кој останал приклештен под возилото, додека вториот загинат е патник кој починал во болница од здобиените повреди.
Истрагата е насочена кон возачот, кој наводно изјавил дека му се слошило непосредно пред несреќата. Се проверува можноста за ненадејна здравствена состојба, особено затоа што трамвајот ја прескокнал последната станица пред свиокот. Првичните проверки не покажале технички дефект.
Градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, изјави дека најверојатно причината не е механички проблем и дека станува збор за ново возило управувано од искусен возач. Отворена е истрага.
Несреќата предизвика реакции од италијанските власти, кои изразија сочувство и најавија целосно утврдување на околностите.
(Видео) Трамвај излета од шините во Милано: загина пешак, речиси 40 повредени

