Свет
(Видео) Колумбиски ветеринар шверцувал хероин во кучиња

Колумбиски ветеринар кој криумчарел хероин во САД така што го ставал во мали кучиња е осуден на затвор, објави Би-би-си. Андрес Лопес Елорес одгледувал кучиња на својата фарма во периодот од 2004 до 2005 година и во нив ставал кесички со хероин, шверцувајќи ја дрогата преку граница.
Тој е уапсен во Шпанија во 2015 година и пренесен во САД, за да му се суди поради кривично дело „криумчарење дрога“. Судијата во Бруклин го осуди на шест години затвор.
„Дојде мачката на врата. Андрес Лопес Елорес е виновен за недолично користење на своите ветеринарски вештини, за да скрие хероин во кучињата и така го криумчарел во САД“, рекол обвинителот.
Полицијата на 1 јануари 2005 годин ја пребарала фармата на Елорес во градот Медељин во Колумбија и ја разоткрила операцијата за шверцување дрога. Биле најдени 9 кучиња, како и 17 кесички хероин, кои вкупно тежеле речиси 3 килограми. Властите хируршки извадиле десет кесички со дрога од кучињата. Три кучиња умреле по операцијата поради вирусна инфекција.
Елорес успеал да побегне во Шпанија, а полицијата трагала по него со години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Вучиќ: Србија ќе се приклучи на развојот на руската вакцина против рак

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека разговарал со Александар Кецман, директор на Институтот „Гамалеја“ во Москва, кој го информирал дека во Русија се развива вакцина против рак.
„Ми објаснија одредени работи. Имаме голем процент на заболени од рак. Оваа вакцина е поинаква, бидејќи им помага на веќе болните луѓе — не е превентивна. Може да биде успешна до 85 проценти,“ рече Вучиќ.
Тој додаде дека Србија ќе се вклучи во проектот веднаш штом Русија го дозволи тоа:
„Ќе подготвиме целосна инфраструктура за да бидеме спремни за два до три месеци. Не можеме уште да ја произведуваме, но ќе направиме сè за да бидеме подготвени.“
Вучиќ нагласи дека во Србија има повеќе случаи на малигни заболувања отколку во другите земји, што, според него, е поврзано со последиците од бомбардирањето во 1999 година.
Свет
Ројтерс: Зеленски ќе му презентира на Трамп план за користење на ракетите „Томахавк“

Украинскиот претседател Володимир Зеленски подготвува презентација за Доналд Трамп во која ќе објасни како Украина би ги користела крстосувачките ракети „Томахавк“ доколку САД одобрат нивна испорака, објави Ројтерс повикувајќи се на висок извор.
Според агенцијата, Киев смета дека овие ракети со домет од над 1.600 километри би можеле да го променат текот на војната, овозможувајќи напади врз цели длабоко во Русија, вклучувајќи енергетски постројки и воени бази.
Сепак, не е извесно дали Трамп ќе ја прифати украинската аргументација. Тој вчера изјави дека на САД им се потребни сопствените залихи на „Томахавк“ и изрази загриженост поради нивното исцрпување.
Свет
Орбан и Путин разговарале за можниот самит со Трамп во Будимпешта

Унгарскиот премиер Виктор Орбан телефонски разговарал со рускиот претседател Владимир Путин за планираниот состанок меѓу Путин и американскиот претседател Доналд Трамп во Будимпешта, соопшти Кремљ. Според соопштението, иницијативата за разговорот дошла од унгарската страна.
„Орбан ја изрази подготвеноста да помогне во организирањето на можниот руско-американски самит во Будимпешта“, се наведува во соопштението на Кремљ.
Путин го информирал Орбан за неговиот неодамнешен телефонски разговор со Трамп и изјавил дека планираниот состанок ќе го искористи за дискусија околу „алгоритамот на понатамошни чекори“ со цел пронаоѓање начин за завршување на војната во Украина.
По разговорот, Орбан на социјалните мрежи напиша дека „подготовките се во полн ек“, очигледно алудирајќи на можниот самит во унгарската престолнина.
Трамп и Путин разговарале вчера, првпат по речиси два месеца. Американскиот претседател потоа најави дека планира состанок со рускиот лидер во Будимпешта — што би билa првa неговa посетa на главен град на земја членка на ЕУ од почетокот на инвазијата врз Украина.
Трамп изјави дека Путин не ја поддржува идејата САД да ѝ испорачаат на Украина ракети „Томахaвк“ и додаде дека „можеби сега не е совршен момент“ за воведување дополнителни санкции насочени кон руските енергетски приходи.