Европа
(Видео) „Излезната врата беше заклучена, побегнавме во подрум“, велат сведоци на терористичкиот напад во Москва
Најмалку четириесет луѓе беа убиени, а повеќе од 100 ранети кога вооружени лица отворија оган со автоматско оружје врз луѓето во концертната сала Crocus City Hall во близина на Москва, во еден од најтешките такви напади во Русија во последниве години.
Засега се уште не е јасно кои се напаѓачите. Руските новински агенции јавуваат дека на местото се 70 возила на брза помош. Видеото до кое дојде новинската агенција Ројтерс покажува голем пожар и чад што се издига од салата. Руското Министерство за надворешни работи го опиша инцидентот како „терористички напад“.
Руските истражители отворија кривична истрага за нападот, нарекувајќи го „терористички чин“. Снимките на социјалните мрежи покажаа вооружени лица во концертната сала, додека државните медиуми објавија дека некои луѓе сè уште се внатре. Новинската агенција Тасс објави дека една третина од концертната сала е во пламен, а покривот е речиси целосно опожарен.
Руските медиуми пренесуваат изјави на сведоци од Crocus City Hall. Виталиј вели дека бил во концертната сала на еден од катовите.
„Слушнавме истрели, прво не знаевме што се случува. Потоа видов како терористи пукаат во луѓе“, сведочеше тој.
„Фрлија неколку запаливи бомби, сè почна да гори. Не доведоа кон излезот. Излезната врата беше заклучена, па отидовме во подрумот каде ги чекавме спасувачите“.
Неименуваниот сведок вели дека родители биле со деца на натпревар во танц кога почнало пукањето.
„На натпреварот имаше деца и тинејџери. Дојдоа луѓе и рекоа дека има пукање“, рече сведокот, додавајќи дека имало гужва и дека децата истрчале во фустани за танцување.
Московскиот градоначалник Сергеј Собјанин објави дека по пукањето во концертната сала, сите јавни настани во текот на викендот се откажани.
„Решив да ги откажам сите спортски, културни и други масовни настани во Москва за време на викендот“, изјави градоначалникот на мрежата Телеграм.
Американската амбасада во Русија претходно овој месец објави дека „екстремистите“ имаат планови да ја нападнат Москва во блиска иднина. Таа го издаде предупредувањето само неколку часа откако ФСБ, објави дека спречила напад врз синагога во Москва од страна на милитантна сунитска муслиманска ќелија која и припаѓа на Исламската држава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шолц ја откажа изборната кампања и ги посети поплавените региони во Германија
Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска ги посети поплавените региони во западната германска сојузна покраина Сарланд, каде обилните дождови предизвикаа поплави и лизгање на земјиштето, а неколку згради беа евакуирани.
Шолц ја откажа својата изборна кампања во Сар, на границата со Франција, и наместо тоа, го обиколи делумно поплавениот пат во селото Клајнблитерсдорф заедно со регионалниот гувернер Анке Релингер.
Тој ја потврди солидарноста на сојузната влада со Сарланд.
„За жал, не е првпат да треба да се справиме со голема природна катастрофа, па ќе разгледаме што треба да се направи овде и што е неопходно“, им рече Шолц на новинарите.
Службите за итни случаи одговорија на илјадници повици за помош во главниот град на покраината, Сарбрикен.
Европа
Напаѓачот на Фицо доби мерка притвор за да не побегне и да не го повтори делото
Специјалниот кривичен суд во словачкиот град Пезинок, со силно полициско обезбедување денеска му одреди притвор на 71-годишниот Словак Јурај Цинтула, кој на 15 мај годинава во градот Хандлова со пет истрели го застрела премиерот Роберт Фицо и тешко го рани во стомакот.
Притворот за осомничениот е побаран поради опасност да не избега или да го повтори делото.
Осомничениот за нападот врз словенечкиот премиер Јурај Цинтула денеска призна вина.
Адвокатите предупредија дека признавањето на вината е спорно, бидејќи Цинтула веднаш по атентатот и апсењето бил сослушан во шок, без присуство на адвокат.
Европа
Премиерот Фицо уште е во животна опасност, напаѓачот призна вина
Осомничениот за нападот врз словенечкиот премиер Јурај Цинтула денеска пред Специјализираниот кривичен суд во градот Пежинок призна вина. Состојбата на премиерот Фицо и понатаму е сериозна.
Обвинителството вчера побара притвор за 71-годишниот Цинтула поради евентуално бегство или повторување на кривичното дело. Напаѓачот беше спроведен под силно полициско обезбедување, а ниту на новинарите им беше дозволен влез во Судот.
Премиерот на Словачка, Роберт Фицо на 15 мај беше застрелан во градот Хандалова додека се поздравуваше со насобраниот народ. Цинтула веднаш по нападот е приведен.
Тој се соочува со обвинение за обид за убиство од одмазда, за што е предвидена казна од 25 години до доживотен затвор.
Словачките политичари изјавија дека нападот врз Фицо не е политички мотивиран.