Свет
(Видео) Најџел Фараж спасил двајца мигранти од давење во Ла Манш
Лидерот на брегзит, Најџел Фараж, објави на својот канал на „Јутјуб“ дека тој и еден негов пријател спасиле двајца илегални мигранти од давење во немирните води на Ла Манш. Фараж во последните неколку месеци го насочи својот фокус од брегзит кон разоткривање на тековната криза во Ла Манш, а особено начинот на кој француските власти честопати ги придружуваат чамците со мигранти во британските води наместо да ги пресретнуваат и да ги враќаат назад.
Во неделата Фараж испловил на море за да оди на риболов.
„Стигнавме, но временската прогноза беше погрешна. Не беше сончево, беше многу облачно. Ветерот беше многу посилен отколку што очекувавме и морето беше многу понемирно и помисливме да си одиме. Околу пет милји во Ла Манш, во далечината видовме мал портокалов чамец како се бори со брановите. Не ми се веруваше дека има некој во водите на тоа време, но ние отплововме до него и тоа беше кајак на надувување“, рече Фараж, покажувајќи снимки од двајцата мажи, кои наводно биле на море околу 18 часа.
„Еден од нив воопшто не беше во добра состојба. Им кажавме дека ја повикавме крајбрежната стража и дека помошта ќе пристигне, но потоа чамецот се преврти на брановите. Едниот од нив имаше елек за спасување, другиот не, тој потона под вода, но, за среќа, се врати на површината и двајцата се фатија за превртениот кајак“, раскажува тој.
This morning I stopped a tragedy waiting to happen in the English Channel. Two migrants in a small kayak would have drowned. pic.twitter.com/MLxxv3hfCD
— Nigel Farage (@Nigel_Farage) November 29, 2020
Фараж и неговиот пријател се обиделе да пренесат еден од мигрантите на својот брод, но тој немал сила да се прекачи. Затоа го свртеле кајакот и им помогнале да двајцата да се вратат во него и го врзале.
„Тие беа спасени, но беа мокри до гола кожа и премрзнати. Им дадовме неколку шолји топло кафе со шеќер, по што се појави Крајбрежната стража. Оваа Крајбрежна стража за која трошиме толку многу пари ни рече ние да ги префрлиме двајцата на нашиот брод, и тие потоа ќе ги земат директно од кај нас“, продолжи Фараж.
„Ова резултираше со ќор-сокак со граничната агенција“, рече Фараж, додавајќи дека е стаписан од нивниот непрофесионализам во таа ситуација. За среќа, чамец за спасување од Кралската национална институција за спасување на крај, по околу еден час, ги презел мигрантите.
„И имајте на ум, сето ова се случува во неделата кога ѝ дадовме на француската влада уште 28 милиони фунти – да, 28 милиони фунти – да ги запрат чамците да доаѓаат. Треба да испратиме сигнал, инаку она што го видов денес, во текот на овие зимски месеци ќе доведе до низа трагедии, а можеби и до една или две големи“, додаде тој.
Фараж рече дека на крајот на транзицијата за брегзит, министерката за внатрешни работи, Прити Пател, мора да истакне дека дека секој што ќе дојде по оваа рута нема да смее да остане.
„Така направија Австралијците, а ако ние не го сториме тоа, ќе сведочиме на трагедија. Јас денес за малку ќе посведочев на трагедија во Ла Манш“, рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Самоубиствен напад во џамија во Исламабад: 11 загинати и речиси 100 повредени
Во експлозија во џамија во главниот град на Пакистан, Исламабад, загинаа 11 лица, а речиси 100 се повредени, соопштија локалните власти.
Според информациите, експлозијата се случила по петочната молитва во шиитска џамија.
„До експлозијата дојде по петочната молитва во шиитска џамија“, изјавил за АФП висок полициски извор кој сакал да остане анонимен.
Според објавите на социјалните мрежи, експлозијата се случила во Имам Баргах во областа Тарлаи Калан во предградието на Исламабад, при што има повеќе жртви и повредени.
На социјалните мрежи се споделуваат вознемирувачки фотографии од телата на жртвите, како и видеа од повредени верници кои ја преживеале експлозијата.
Првичните информации укажуваат дека нападот го извршил бомбаш самоубиец.
🚨 🇵🇰 #FLASHINFO | Une explosion dans une mosquée d’Islamabad (#Pakistan) en pleine prière du vendredi fait plus de 15 morts et 80 blessés.
Le nombre exact de victimes varie encore car les secours sont toujours sur place et les bilans évoluent rapidement. pic.twitter.com/jaHI22BB4u
— Saudi News FR 🆇 (@SaudiNewsFR) February 6, 2026
Свет
Орбан: Унгарија е единствениот европски сојузник на САД кога станува збор за зачувување на мирот во регионот
Унгарија е единствениот европски сојузник на Соединетите Американски Држави кога станува збор за зачувување на мирот во регионот, изјави денеска унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Орбан во редовното неделно интервју за јавниот радио „Кошут“ рече дека за време на претходните избори американската администрација на „левичарите“ ја поддржувала опозицијата во Унгарија, но дека ситуацијата оттогаш се променила, пренесе МТИ.
„Добро соработувавме за време на првиот мандат на претседателот на САД Доналд Трамп. Нашата филозофија е дека суштината на надворешната политика е собирање пријатели. Бевме успешни во Америка бидејќи постои големо меѓународно прашање – војната во Европа, војната меѓу Украина и Русија, прашањето за мир и војна – околу кое се согласуваме и каде што на Соединетите Американски Држави им е потребна поддршка“, рече Орбан.
Унгарскиот премиер ја нагласи важноста на националната петиција на владата и изјави дека само патриотска влада може да ја гарантира безбедноста на Унгарија.
„Мораме да се држиме подалеку од војната, што значи да кажеме ‘не’ и да прифатиме судир со Брисел“, рече тој.
Орбан додаде дека не може сам да го промени ставот на повеќе од 20 други европски земји, но дека се обидува да ги охрабри европските држави да застанат зад мирот.
Унгарскиот премиер оцени дека единствениот начин Европа да избегне војна е оние што сакаат мир – и во Унгарија и низ целиот континент – да ги натераат своите влади да се залагаат за мир, а не за судир.
„Нашата единствена опција е да се држиме подалеку од она што е погрешно“, рече Орбан и додаде дека патриотска влада може да ја обезбеди сигурноста на земјата.
Европа
Висок руски генерал застрелан во Москва
Висок руски воен функционер, генерал-потполковник Владимир Алексеев, беше застрелан во Москва во петокот и итно префрлен во болница. Државните медиуми ја објавија веста, повикувајќи се на истражители, пренесува Ројтерс.
Според официјални информации, непознато лице испукало неколку куршуми кон Алексеев во станбена зграда во северозападна Москва во петокот, а потоа избегало од местото на нападот. Ранетиот генерал бил итно префрлен во московска болница, а неговата состојба сè уште не е официјално објавена, објавија руските медиуми. Истражниот комитет соопшти дека е отворена кривична постапка за обид за убиство и нелегално поседување огнено оружје.
Истражителите и форензичките експерти се на местото на пукањето, ги прегледуваат снимките од надзорните камери и ги испрашуваат сведоците, додека потрагата по напаѓачот или напаѓачите продолжува. Информациите за пукањето брзо се проширија на руските и украинските канали на Телеграм.
Алексеев е заменик-началник на Главната дирекција на Генералштабот на Министерството за одбрана. Тој беше еден од високите функционери испратени да преговараат со водачот на платениците Евгениј Пригожин за време на неговиот краткотраен бунт во јуни 2023 година.

