Свет
(Видео) На Кипар беснеат најголемите пожари во историјата на земјата, се бара меѓународна помош
Кипар бара меѓународна помош во борбата против големите пожари, кои властите ги опишуваат како најлоши во историјата на земјата.
Пламенот, носен од силен ветер, се шири низ јужниот дел на Кипар, поради што неколку села мораа да бидат евакуирани.
Оштетени се десетици имоти, а засега нема информации за жртви.
Кипар се соочува со врел бран кој трае долго време, а температурите достигнаа и до 40 Целзиусови степени.
Кипарските власти побараа помош од Европската унија и Израел, бидејќи пожарите, кои започнаа во саботата, се засилија.
„Дивееше како ураган и уништи сè“, рече Васос Василу, водачот на локалната заедница погодена од пожарите.
Пожарникарите сега се во трка со времето за да спречат пламените јазици да се прошират на планинските и пошумените делови на земјата.
Претседателот Никос Анастасидес вели дека ова е многу тежок ден за Кипар и дека приоритет е да не се загубат животи.
Тој исто така им се заблагодари на Грција и Израел, кои ветија дека ќе испратат противпожарни авиони.
Европската унија исто така најави дека ќе испрати помош.
Неколку хеликоптери и авиони веќе се борат со пламенот, а на нив им помагаат британски трупи со опрема стационирана на островот, пренесува новинската агенција Ројтерс.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Српската министерка за енергетика понуди оставка поради санкциите врз НИС
Владата на Србија денеска одржа вонредна седница поради американските санкции врз НИС.
Министерката за енергетика, Дубравка Џедовиќ Хандановиќ, понуди оставка.
„Се подготвивме за непредвидливи ситуации, за да можеме да реагираме. Сепак, мора да ги задржиме нашите резерви. Како министерка за енергетика, ве известувам дека е невозможно да се води овој ресор во ситуација кога НИС е под санкции. Подготвена сум да поднесам оставка, бидејќи не гледам начин на кој можеме да ја надминеме ситуацијата. Без рафинеријата во Панчево нема живот за нас. Таа е од витално значење за граѓаните и економијата. Можеме да чекаме три или четири дена, но не повеќе од тоа, бидејќи нема прилив на сурова нафта“, кажа Џедовиќ Хандановиќ.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, оцени дека Србија „страдала како трева во судир на слонови“ во оваа криза, а министерот за финансии, Синиша Мали, нагласи дека земјата нема избор и дека ситуацијата ја загрозува економската стабилност и перспективите за инвестиции.
Седницата ја следеа претседателката на Собранието Ана Брнабиќ, министри и директори на јавни претпријатија.
САД испратија одговор на барањето што руските сопственици на Српската нафтена индустрија го испратија до американскиот OFAC на 11 ноември, со кое се бара продолжување на лиценцата за работа, врз основа на преговори со трета страна, а кое Србија официјално го поддржа.
Во барањето се наведува дека руската страна е подготвена да ја отстапи контролата и влијанието врз компанијата НИС на трета страна. Ова сега е одбиено.
САД воведоа целосни санкции врз НИС поради нејзиното мнозинско руско сопствеништво на 9 октомври.
Свет
(Видео) Силен олуен систем го погоди западниот регион на Буенос Аирес
Силен олуен систем го погоди западниот регион на Буенос Аирес, а градот Сан Николас се уште е под портокалово предупредување поради можни екстремни временски удари, соопштија метеоролозите.
Според Аргентинскиот државен хидрометеоролошки завод, нестабилноста во атмосферата се зајакнува поради судир на студен и топол воздух, а низок воздушен притисок дополнително го зголемува ризикот од интензивни олуи.
Во Генерал Вилегас се забележани драматични ѕидови од облаци кои брзо се движат преку рамницата, а се очекуваат силни грмотевици, нагло засилени поројни врнежи, можен крупен град и ветрови со брзина до 70 километри на час.
🤯⛈️ Impresionante tormenta en General Villegas, provincia de Buenos Aires. pic.twitter.com/VwPP1Abk58
— Tormentas de Zona Sur (@SurTormentas) November 16, 2025
Граѓаните се предупредени на претпазливост и да избегнуваат излегување надвор за време на екстремните временски услови.
Свет
Украина зимава ќе увезува гас од Грција
Украина ќе увезува гас од Грција за да ги покрие потребите за време на зимата, изјави денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Денес веќе го подготвивме договорот со Грција за гас за Украина, што ќе претставува уште една рута за снабдување со гас за да обезбедиме увоз за зимата“, напиша Зеленски на Телеграм, пренесува Ројтерс.
Тој додаде дека Украина „има договори за финансирање на увозот на гас“, со кои ќе се покријат скоро две милијарди евра за увоз на гас, за да се „надоместат загубите во украинското производство, предизвикани од руските удари“.
Зеленски ги објави најновите информации за снабдувањето со гас пред својата посета на Грција, која е најавена за денеска, од каде потоа ќе отпатува во Франција и Шпанија.
Украинскиот претседател рече дека Киев обезбедил средства за увоз на гас од европски партнери и банки под гаранции на Европската комисија, како и од украинска банка, додека истовремено соработува со американски партнери за целосно финансирање.

