Свет
(Видео) Нов аларм во Лос Анџелес: „Ова ќе биде најстрашната катастрофа во нашата историја“
Силни ветрови се очекува да продолжат да дуваат низ Лос Анџелес денеска, што потенцијално ќе ги загрозат напорите за гаснење на двата шумски пожари кои опустошија цели населби и убија најмалку дваесет луѓе. Сувите ветрови од Санта Ана со брзина од 80 до 112 километри на час се очекува да продолжат да дуваат до среда, соопшти Националната метеоролошка служба, издавајќи црвено предупредување за „особено опасна ситуација“.
Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, изјави дека во текот на викендот државата претходно распоредила пожарникари во најзагрозените области, вклучувајќи ги и оние околу пожарите Палисадес и Итон, два од најголемите што избувнале во Јужна Калифорнија. Најмалку 24 лица загинаа во пожарите што избувнаа минатиот вторник.
Пожарот претвори цели населби во урнатини кои тлееа, оставајќи зад себе апокалиптичен пејзаж. Официјални лица тврдат дека најмалку 12.300 згради биле уништени или оштетени. Њусом рече дека огнената бура може да биде најразорната природна катастрофа во американската историја, имајќи предвид дека уништи илјадници домови и доведе до евакуација на десетици илјади жители. AccuWeather, приватна метеоролошка организација, ја процени штетата меѓу 135 и 150 милијарди американски долари.
Враќањето на силниот ветер го загрозува тешко постигнатиот напредок на противпожарните бригади во локализирањето на пожарот. Во текот на викендот, пожарникарите на земја и од воздух успеаја да го задржат пожарот Палисадес додека се приближуваше до луксузната населба Брентвуд и напредуваше кон густо населената долина Сан Фернандо на север.
Во пожарот во Итон во подножјето источно од Лос Анџелес изгореа 57 квадратни километри, но пожарникарите контролираа 33 отсто од пожарот.
Северно од градот, пожарникарите го ставија пожарот во Херст 89 отсто под контрола и целосно задржаа три други пожари што ги погодија другите делови на државата, соопшти Калифорниското биро за шумарство и противпожарна заштита.
Очекувајќи враќање на силните ветрови, властите го предупредија целото население на округот Лос Анџелес од речиси 10 милиони да биде подготвено за евакуација. Повеќе од 100.000 луѓе беа под наредба за евакуација од неделата попладне, што е помалку од 150.000 претходно.
Припадниците на вооружените сили се подготвени да помогнат во борбата против пожарот, рече Дин Крисвел од Федералната агенција за управување со катастрофи (ФЕМА) во серија телевизиски интервјуа во неделата, повикувајќи ги жителите да почнат да аплицираат за помош при катастрофи.
Пожарникарите од седум држави, Канада и Мексико веќе пристигнаа во областа на Лос Анџелес за да им помогнат на противпожарните станици во Калифорнија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Комбе излета од автопат во Србија: едно дете загина, седум се повредени
Едно дете загина, а седум други се повредени, како и возачот на комбе, во тешка сообраќајна несреќа што се случи околу 3:30 часот наутро на автопатот Нови Сад-Белград, објавија регионалните медиуми во среда.
Детето родено во 2009 година почина на местото на настанот од повредите здобиени во несреќата, објави Радио телевизија Србија (РТС).
Седум други деца, родени помеѓу 2009 и 2012 година, се здобиле со тешки повреди и се пренесени во Детската болница во Нови Сад.
Возачот, исто така, е тешко повреден
Возачот на комбето, маж роден во 1982 година, исто така е тешко повреден и е пренесен во Ургентниот центар на Клиничкиот центар на Војводина.
Несреќата се случила кога комбето во кое се превезувале децата излетало од патот, пробило ограда и паднало во канал, објави Радио телевизија Војводина (РТВ).
фото: архива
Свет
(Фото) Трамп доби златна круна во Јужна Кореја
На претседателот на САД, Доналд Трамп, денес во Националниот музеј во Гјонгџу му беше врачен Големиот орден на Мугунгва и златна круна на кралството Сила од страна на јужнокорејскиот претседател Ли Џае-Мјунг.
Претседателот Трамп доби реплика од историската златна круна во Јужна Кореја, најновиот во низата импресивни подароци што ги добил за време на неговата посета на Азија.

Трамп рече дека подарокот е „многу посебен“.
Симбол на света власт и апсолутна моќ
Репликата е базирана на златната круна на древното кралство Сила, кое го симболизирало „светата власт и апсолутната моќ“ на кралевите и владејачката класа, според Националниот музеј на Кореја.

Златните круни од кралството Сила прикажуваат дрво со гранки што се шират нагоре, за кое музејот вели дека „значи небесен мандат на кралот“.
фото: принтскрин
Свет
Во Холандија почнаа парламентарните избори
Во Холандија утрово почнаа парламентарните избори, избирачките места се отворија во 7:30 часот и ќе бидат отворени до 21:00, по што ќе започне пребројувањето на гласовите и објавувањето на првите резултати, јави холандскиот јавен сервис „НОС“.
Право на глас имаат околу 13,5 милиони граѓани, а гласањето се одвива на 27 партии со 1.166 кандидати за 150 пратенички места.
Некои избирачки места беа отворени уште од полноќ. На поголемите железнички станици има и мобилни пунктови за гласање.
Анкетите покажуваат дека трката е исклучително тесна, а крајнодесничарската Партија за слобода (PVV) на Герт Вилдерс има шанса за силен резултат, иако повеќето партии не сакаат коалиција со него. Поддршка имаат и левите и десноцентристичките партии.
По распадот на претходната четирипартиска влада, парламентот брои дури 15 партии, па аналитичарите предупредуваат дека формирањето нова влада може да трае со месеци.

