Свет
(Видео) Очајни мигранти скокаат од брод во морето во обид да стигнат до островот Лампедуза
Мигранти скокаат од бродот на шпанската невладина организација „Опен армс“ во морето сакајќи да допливаат до најблискиот брег на италијанскиот остров Лампедуза додека Мадрид го најавува новиот предлог во врска со решавање на кризата.
Првиот мигрант утрото скокна во морето, напиша организацијата на „Твитер“ и објави видеоснимка. Неколку часа подоцна скокнаа уште деветмина луѓе обидувајќи се да стигнат до брегот на Лампедуза. Од организацијата соопштија дека ситуацијата е надвор од контрола.
??#ESTAPASANDO ?? pic.twitter.com/pTJ74lhaUR
— Open Arms (@openarms_fund) August 20, 2019
„На тие што скокнаа, меѓу кои некои немаа спасувачки појаси, им беше укажана помош и околу пладне беа на брод на италијанската крејбрежна стража“, изјави портпаролката на шпанската организација.
По одбивањето на Рим да дозволи симнување на мигрантите од бродот на островот Лампедуза, и покрај договорот на шест европски држави да прифатат дел од мигрантите, Мадрид во неделата понуди свој брод да дојде во крајниот јужен дел на Шпанија, што невладината организација го оцени како целосно неизводливо.
Шпанската министерка за одбрана, Маргарита Роблес, изјави дека Мадрид ќе изнесе нов предлог во следните часови за да се реши оваа хуманитарна криза.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
СЗО: Заминувањето на САД ги загрозува глобалните здравствени напори
Светската здравствена организација жали за повлекувањето на Соединетите Американски Држави од Организацијата, изјави денес генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус.
Според договорот меѓу САД и СЗО, повлекувањето стапува на сила денес, по истекот на задолжителниот едногодишен рок за известување.
Тедрос напиша на платформата „Икс“ дека СЗО има клучна улога во заштитата на здравјето и безбедноста на луѓето ширум светот, вклучително и на Американците, преку справување со причините за болести, зајакнување на здравствените системи и откривање, спречување и реагирање на здравствени вонредни состојби, вклучително и епидемии на болести, честопати на опасни места каде што другите не можат да дејствуваат.
„Соединетите Американски Држави беа основачи на СЗО во 1948 година и оттогаш учествуваа во обликувањето и управувањето со работата на Организацијата, заедно со 193 други земји-членки, вклучително и активно учество во Светското здравствено собрание и Извршниот одбор“, рече Тедрос.
Како што истакна, повеќе од седум децении СЗО и САД спасија безброј животи и ги заштитија луѓето од закани по здравјето.
„Заедно ги искоренуваме сипаниците и заедно ја доведовме детската парализа до работ на искоренување. Американските институции придонесоа за работата на СЗО и имаа корист од нејзиното членство“, нагласи Тедрос.
Според него, со учество на Соединетите Американски Држави и другите земји-членки, во последните седум години, СЗО го спроведе најголемиот бран реформи во својата историја, со цел да се подобри одговорноста, економичноста и влијанието на терен.
„Оваа работа продолжува. Се надеваме дека Соединетите Американски Држави ќе ја преиспитаат својата одлука и со нетрпение очекуваме конструктивен дијалог за да се зачува партнерството меѓу САД и СЗО, во корист на здравјето и благосостојбата на милиони луѓе низ целиот свет“, заклучи генералниот директор на СЗО.
Соединетите Американски Држави денес престануваат да бидат членка на Светската здравствена организација.
Денешниот датум го означува крајот на едногодишниот рок за известување предвиден со меѓународните правила и процедури за повлекување од Организацијата.
Според медиумите, САД со години се најголем донатор на оваа организација, па затоа СЗО сега е принудена да спроведе строга програма за штедење, со намалување на бројот на вработени и буџетот за околу една петтина.
Регион
Пленковиќ: Украина не смее да потпише предавање на територија на Русија
Украина не смее да стави „ни капка мастило“ на документ со кој законски би отстапила нејзина територија на Русија, изјави премиерот Андреј Пленковиќ во Давос, објави Индекс.хр.
На Светскиот економски форум (WEF) во швајцарскиот алпски град, премиерот на Хрватска учествуваше на панел за Украина заедно со генералниот секретар на НАТО Марк Руте, финскиот претседател Александар Стаб, холандскиот премиер Дик Шуф и латвискиот претседател Едгарс Ринкевич.
За време на дискусијата, Пленковиќ нагласи дека Хрватска спаѓа во групата земји кои се „јасно проукраински во однос на солидарноста и поддршката“.
„Ова произлегува од нашето сопствено искуство. Поради големосрпската агресија на почетокот на 1990-тите, Хрватска во еден момент имаше и 27 проценти од својата окупирана територија“, рече тој, додавајќи дека Украина сега е на 19,5 проценти.
Пленковиќ нагласи дека сите мировни договори имаат два аспекта, моментот и контекстот во кој се потпишани и нивните последици во иднина.
Во овој поглед, Пленковиќ нагласи дека Украина „не треба да стави ниту капка мастило на документ со што de iure би ја предала“ својата територија.
„Ова е од клучно значење за Украина, но и за да се спречи преседан што би ја загрозил стабилноста на меѓународниот систем, правото и односите во иднина“, рече тој.
фото/Depositphotos
Свет
Будимпешта му порачува на Брисел: Не сметајте на нас
Унгарија јасно објави дека нема да биде поддршка за финансирање на Украина, повикувајќи ги и Европската Унија и Украина да не сметаат на Будимпешта кога станува збор за доделување средства за Киев.
Како што изјави Золтан Ковач, државен секретар за меѓународни комуникации и односи во кабинетот на унгарскиот премиер, барањата што доаѓаат од Брисел и Киев се, како што изјави тој, „скандалозни“.
„Украина бара од нас 800 милијарди долари, а Брисел сака да ги земе тие пари од унгарските семејства. Ние испраќаме јасен сигнал до Брисел и Киев: не сметајте на нас. Унгарските пари ѝ припаѓаат на Унгарија“, рече Ковач во видео обраќање објавено на социјалната мрежа „Икс“.
Овој став произлегува од претходните изјави на унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој на 5 јануари, на прес-конференција, објави дека Будимпешта нема намера да ја финансира Украина ниту да го поддржи продолжувањето на вооружениот конфликт во 2026 година.
Во тоа време, Орбан го критикуваше и таканаречениот мировен план од 20 точки за Украина, кој предвидува „глобален пакет“ помош и создавање фондови со вкупна вредност од 800 милијарди долари за обнова на земјата, нагласувајќи дека Унгарија нема да учествува во такви аранжмани.

