Свет
(Видео) Под црква во Мексико пронајден мистериозен лавиринт: „скриени соби и премини кои водат до подземниот свет“
Археолозите пронајдоа неверојатно откритие на местото Митла во јужниот дел на Мексико – лавиринт од соби и премини скриени под црква, што го претставува влезот во подземниот свет.
Кога античките Запотеци ги изградиле овие структури пред повеќе од 1.000 години, тие се сметале за храм и биле познати како Лиоба или место за одмор. Се чини дека во рамките на оваа мрежа од ходници и сали, сместена на пет до осум метри под површината, има и неколку гробници.
Научниците ја скенираа областа на три начини; радар, томографија со електрична отпорност и сеизмичка томографија. Потоа ги обработиле сите податоци и создале детаљна мапа на овој скриен подземен храм. Денес на тоа место има црква изградена од мисионерите. Влезот во подземната мрежа е скриен зад олтарот.
Имено, кога пристигнале мисионерите, запишале информации за античкиот лавиринт, а потоа го запечатиле влезот во Лиоба. Во списите на доминиканскиот отец Франциско де Бургоа од 1674 година постои опис на подземен храм, кој споменува четири пространи, меѓусебно поврзани комори и неколку пештери и премини длабоко под земјата.
Запотеците верувале во подземјето, обожавале повеќе богови, а ритуалите им биле многу важни. Експертите веруваат дека храмот се користел до крајот на 15 век по што со регионот најпрвин владееле Ацтеките, а потоа и Шпанците, пишува „Сајанс алерт“ (Science Alert).
Благодарение на најновите техники за 3Д-сликање, археолозите успеаја повторно да ја откријат и мапираат оваа древна мрежа на премини, при што ова е само првата фаза од проектот Lyobaa.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Орбан: Унгарија ќе ги зголеми трошоците за одбрана доколку војната во Украина продолжи
Унгарија ќе мора да ги зголеми трошоците за одбрана и следната година доколку војната во Украина продолжи до 2025 година, со што ќе се намали износот на расположливите средства за други трошоци, изјави денеска унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Орбан изјави за државното радио дека доколку војната во Украина се пролонгира до 2025 година, нивоата на средства за одбрана на Унгарија за 2023 и 2024 година нема да бидат доволни и ќе мора да се зголемат, пренесува агенцијата МТИ. Орбан изјави дека е загрижен за иднината на Европа и дека унгарската влада нема да дозволи Унгарија да биде принудена да влезе во војна по трет пат, откако учествуваше во Првата и Втората светска војна.
Премиерот на Унгарија смета дека е потребно европско безбедносно решение во кое ќе биде вклучена Русија и дека американската воена индустрија најмногу профитирала од војната во Украина, откако САД испратија најголема воена помош во Киев.
„Нашето историско искуство со војната е дека можете само да изгубите. Колку сте поблиску до воената зона, толку е поголема цената што ја плаќате“, рече Орбан.
Унгарија значително ги зголеми одбранбените распределби минатата година на 2,43 отсто од БДП, што е над два отсто на кои се обврзаа членките на НАТО, наведува МТИ.
Европа
Шефот на британската дипломатија: Украина има право да го користи нашето оружје во Русија
Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон денеска вети три милијарди фунти (3,74 милијарди долари) годишна воена помош за Украина „колку што е потребно“ и додаде дека Лондон нема ништо против оружјето да се користи во Русија.
„Ќе даваме три милијарди фунти секоја година онолку колку што е потребно. Штотуку навистина исцрпивме се што можеме во однос на давање опрема“, изјави тој за Ројтерс во интервју за време на посетата на Киев, додавајќи дека пакетот помош е најголемиот од ОК до сега.
„Дел од таа (опрема) пристигнува во Украина денеска, додека јас сум тука“, рече тој.
Камерон рече дека Украина има право да користи оружје доставено од Лондон за да нападне цели во Русија и дека тоа зависи од Киев.
„Украина го има тоа право. Исто како што Русија напаѓа внатре во Украина, сосема е разбирливо зошто Украина чувствува потреба да се осигура дека е способна да се одбрани“, изјави Камерон за Ројтерс.
Камерон, кој го предводеше Обединетото Кралство од 2010 до 2016 година како премиер и се врати на политичкиот фронт пред само неколку месеци, се состана со украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулебa и претседателот Володимир Зеленски во неговата втора посета на Киев како министер за надворешни работи.
Свет
(Видео) Над 30 лица загинаа во поплавите во Бразил, 60 лица се водат како исчезнати
Повеќе од 30 лица загинаа во поплавите во јужен Бразил, 60 лица се водат како исчезнати, додека околу 15.000 жители се евакуирани.
Хидроелектрична брана во бразилската држава Рио Гранде до Сул се урна поради поплавите предизвикани од обилните дождови неколку дена, а најмалку 500.000 луѓе останаа без струја и чиста вода, јавува Би-би-си.
Во акцијата за пребарување и спасување беа вклучени и хеликоптери, а во некои населби жителите се качија на покривите на нивните поплавени домови.
Бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва го посети поплавениот регион и вети помош од Владата на Бразил.
Гувернерот на државата Рио Гранде до Сул, Едуардо Леите побара итна помош за луѓето во поплавените подрачја, а владата на таа држава прогласи вонредна состојба.
Метеоролозите најавија дека врнежите ќе продолжат во тој регион.
Повеќе од 30 луѓе загинаа минатата година во циклон во Рио Гранде до Сул.