Европа
(Видео) Потврден доживотниот затвор за шефот на Коза Ностра: осуден е за бомбашки напади, убиство на момче
Апелацискиот суд во Калтанисета вчера ја потврди доживотната казна изречена на затворениот шеф на сицилијанската Коза Ностра, Матео Месина Денаро, поради неговата вмешаност во десетици убиства, пренесува „Анса“.
Тука спаѓаат бомбашките напади во 1992 година, во кои загинаа судиите против мафијата Џовани Фалконе и Паоло Борселино. Судот го прифати барањето на јавниот обвинител на денот кога Италија ја одбележува 31-годишнината од бомбашкиот напад на Виа Дамелио во Палермо, во кој загинаа Борселино и петмина негови чувари.
Шефот на Коза Ностра, кој беше во бегство 30 години, беше фатен во средината на јануари во клиниката за рак во Палермо. Тој сега се наоѓа во затворот со максимална безбедност во Аквила.
Покрај атентатот на Борселино и Фалконе, Денаро беше осуден и за убиството на 12-годишното момче Џузепе ди Матео. Во 1993 година тој помогна да се организира киднапирање на 12-годишното момче за да го принуди татко му да се откаже од сведочењето против мафијата. Тој го држел момчето во заробеништво повеќе од две години (800 дена), потоа го задавил и го растворил неговото тело во киселина.
Покрај тоа, Месина Денаро исто така беше осуден за бомбашки напади на верски и уметнички места во Милано, Рим и Фиренца во 1993 година, во кои загинаа 10 лица, а 40 беа повредени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шолц ја откажа изборната кампања и ги посети поплавените региони во Германија
Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска ги посети поплавените региони во западната германска сојузна покраина Сарланд, каде обилните дождови предизвикаа поплави и лизгање на земјиштето, а неколку згради беа евакуирани.
Шолц ја откажа својата изборна кампања во Сар, на границата со Франција, и наместо тоа, го обиколи делумно поплавениот пат во селото Клајнблитерсдорф заедно со регионалниот гувернер Анке Релингер.
Тој ја потврди солидарноста на сојузната влада со Сарланд.
„За жал, не е првпат да треба да се справиме со голема природна катастрофа, па ќе разгледаме што треба да се направи овде и што е неопходно“, им рече Шолц на новинарите.
Службите за итни случаи одговорија на илјадници повици за помош во главниот град на покраината, Сарбрикен.
Европа
Напаѓачот на Фицо доби мерка притвор за да не побегне и да не го повтори делото
Специјалниот кривичен суд во словачкиот град Пезинок, со силно полициско обезбедување денеска му одреди притвор на 71-годишниот Словак Јурај Цинтула, кој на 15 мај годинава во градот Хандлова со пет истрели го застрела премиерот Роберт Фицо и тешко го рани во стомакот.
Притворот за осомничениот е побаран поради опасност да не избега или да го повтори делото.
Осомничениот за нападот врз словенечкиот премиер Јурај Цинтула денеска призна вина.
Адвокатите предупредија дека признавањето на вината е спорно, бидејќи Цинтула веднаш по атентатот и апсењето бил сослушан во шок, без присуство на адвокат.
Европа
Премиерот Фицо уште е во животна опасност, напаѓачот призна вина
Осомничениот за нападот врз словенечкиот премиер Јурај Цинтула денеска пред Специјализираниот кривичен суд во градот Пежинок призна вина. Состојбата на премиерот Фицо и понатаму е сериозна.
Обвинителството вчера побара притвор за 71-годишниот Цинтула поради евентуално бегство или повторување на кривичното дело. Напаѓачот беше спроведен под силно полициско обезбедување, а ниту на новинарите им беше дозволен влез во Судот.
Премиерот на Словачка, Роберт Фицо на 15 мај беше застрелан во градот Хандалова додека се поздравуваше со насобраниот народ. Цинтула веднаш по нападот е приведен.
Тој се соочува со обвинение за обид за убиство од одмазда, за што е предвидена казна од 25 години до доживотен затвор.
Словачките политичари изјавија дека нападот врз Фицо не е политички мотивиран.