Свет
(Видео) Пукање во Мемфис: полицаец и 18-годишник убиени во жестока престрелка
Полицаец и 18-годишен осомничен се убиени во престрелка во која се повредени уште двајца полицајци и еден 17-годишник денеска во Мемфис, во Тенеси.
Полицијата во Мемфис одговорила околу 2 часот по полноќ на пријава за сомнително возило, изјави привремената шефица на полицијата Си Џеј Дејвис на прес-конференција.
Таа додаде дека кога полицајците се приближиле, сопатниците во возилото пукале кон нив, а полицајците возвратиле и тогаш биле застрелани тројца полицајци и двајца осомничени.
Еден осомничен побегнал со автомобил, а полицијата го следела додека возилото не застанало неколку блокови подалеку, пренесува АП.
Дејвис, исто така, рече дека еден осомничен бил веднаш приведен, а друг бил пронајден во близина.
Еден од застреланите полицајци, Џозеф Мекини, е убиен, додека другиот е во болница и неговата состојба не се смета за критична.
На третиот повреден полицаец му била укажана помош на лице место, додаде Дејвис.
Двајцата осомничени, 18-годишник кој управувал со возилото и 17-годишник, се пренесени во болница во критична состојба, каде постариот од нив починал.
Дејвис нагласи дека не е познато што го поттикнало повикот за сомнителното возило.
„Мажи и жени од полицискиот оддел во Мемфис се повредени. Како началник на полицијата, ова ме погоди. И уште еднаш, бесмислени смртни случаи во нашата заедница од насилство со оружје. Тука сме денес не само да разговараме за она што се случи, туку да апелираме до нашата заедница дека насилството со огнено оружје мора да престане“, рече Дејвис.
Полицијата соопшти дека се контактирани обвинители, а случајот ќе го истражува истражното биро во Тенеси.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Ерупција на вулканот Руанг во Индонезија:, евакуирани повеќе од 12.000 луѓе
Во Индонезија се евакуирани 12.000 луѓе кои живеат во близина на островот Сулавеси, каде што еруптираше вулканот Руанг, за што Центарот за вулканологија и проценка на геолошки ризик прогласи највисоко, четврто ниво на тревога.
Жителите на островот се преместени во градот Манадо, а Центарот ги предупреди граѓаните на соседниот остров Тагуланданг дека постои опасност од цунами поради паѓање на материјал од вулканот во океанот, пренесува Ројтерс.
Се проценува дека чадот над вулканот достигнал висина од пет километри, поради што биле евакуирани жителите во радиус од седум километри.
Регион
На таткото на момчето убиец од Србија му е продолжен притворот за уште 60 дена, има сомнение дека може да го повтори делото
Вишиот суд во Белград му го продолжи притворот за уште 60 дена на Владимир Кечмановиќ, таткото на момчето кое на 3 мај уби девет негови врсници и чувар во ОУ „Владислав Рибникар“.
На Владимир Кецмановиќ му е продолжен притворот поради сомнение дека доколку биде пуштен на слобода за краток временски период ќе го повтори кривичното дело, како и поради тоа што постои основано сомнение дека сторил кривично дело за кое е пропишана затворска казна над десет години, а начинот на извршување и сериозноста на последиците од кривичното дело доведоа до вознемиреност кај јавноста што може да го загрози непреченото и правично водење на кривичната постапка, соопштија од тој суд.
Во обвинението за тешко кривично дело против општата безбедност се товари Владимир К., а за сторено кривично дело недозволено изработување, држење, носење и тргување со оружје и распрскувачки материи, мајката на момчето Миљана К.
Свет
Шест лица загинаа во напад на џамија во Авганистан, непознато лице пукало во цивили
Најмалку шест лица загинаа, а едно лице е рането во џамија во авганистанскиот град Андишех во областа Гузара, изјави авганистанскиот министер за внатрешни работи Абдул Матин Кани.
Тој изјави дека „непознато вооружено лице пукало во цивилни верници во џамијата“ вчера во 21 часот по локално време, пренесува Ал Џезира.
Меѓу убиените е и имамот на џамијата во која се молеле шиитските муслимани.
Ројтерс јавува дека меѓу жртвите има и дете.