Свет
(Видео) Русите ослободија петмина заробени Британци: „За влакно избегавме“

Петмина Британци се меѓу речиси 300 затвореници што беа ослободени во текот на ноќта во размената меѓу Русија и Украина. Меѓу нив се Ејден Аслин, Џон Хардинг и Шон Пинер, кои беа заробени од сепаратистите поддржани од Русија во април, пишува „Скај њуз“.
Во снимената порака на летот кон дома Аслин и Пинер им се заблагодарија на сите што работеа за нивното ослободување.
„Повеќе не сме во опасност и сме на пат кон дома кај нашите семејства“, рече Аслин. „За влакно избегавме“, додаде Пинер.
Ослободени Хрвати, Швеѓани, Мароканци
Повеќето од ослободените се Украинци, многу од нив од Азовскиот полк, кој стана познат по одбраната на Мариупол.
Покрај Британците, меѓу 10-те ослободени странци се и Мароканецот Брахим Садун, Американците Александар Друек и Енди Хујнх, Хрватот Вјекослав Пребег и еден Швеѓанец. Тие беа однесени во Саудиска Арабија, а многу Украинци беа вратени во Украина.
„Не заборавивме на нашиот народ и се обидуваме да го спасиме секој Украинец“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Тоа е значењето на Украина, нашата суштина, тоа е она што нè разликува од непријателот“.
Зеленски рече дека најтешките преговори биле за ослободувањето на петте високи украински команданти, меѓу кои и потполковникот Денис Прокопенко, командант на баталјонот „Азов“, неговиот заменик Свјатослав Паламар, и Серхи Волински, командант на 36. поморска бригада.
Тројцата беа водачи на отпорот во Мариупол и сега, како и другите двајца што не се именувани, ќе останат во Турција до крајот на војната, рече Зеленски.
Како дел од договорот, Украина врати 55 Руси и промосковски Украинци, вклучувајќи го и Виктор Медведчук, лидерот на забранетата проруска партија, кој е обвинет за предавство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Судот на правдата на ЕУ: Изгубен миленик на лет се смета како изгубен багаж

Судот на правдата на Европската унија донесе одлука дека домашните миленици кои се превезуваат со авион се сметаат за „багаж“, а не за патници.
Одлуката следи по случај во кој куче исчезнало при пренос до авион на лет од Буенос Аирес до Барселона, по што сопственичката побарала 5.000 евра отштета.
Судот оцени дека, според Монреалската конвенција, авиокомпанијата не е должна да исплати поголема отштета од онаа предвидена за изгубен багаж, освен ако патникот претходно не доставил специјална изјава за вредноста на пратката.
Во одлуката учествувале и двајца претставници од Хрватска – судијата Синиша Родин и адвокатката Тамара Ќапета.
Свет
Евакуирано средно училиште во Италија по истекување на амонијак

Во италијанскиот град Пескара беше евакуирано државното средно училиште „Маркони“ откако во просториите се почувствувал силен мирис од непознато потекло, поради што на многумина им се слошило.
Според италијанските медиуми, повеќе од 1.000 ученици биле итно евакуирани, а неколкумина се хоспитализирани, меѓу нив и пожарникари кои пристигнале на интервенција, пренесе „ТВ Раи“.
Првичните информации укажуваат дека причината најверојатно е истекување на амонијак од лабораторијата, иако не се исклучува ниту можноста за цурење гас од климатизацијата.
Заменичката градоначалничка на Пескара, Марија Рита Карота, нареди итно затворање на училиштето до понатамошна проверка.
Свет
Мерц: Без реформи, Европа ќе стане пиун на Азија и САД

Германскиот канцелар, Фридрих Мерц, предупреди дека Европската унија ризикува да ја изгуби својата економска независност ако итно не спроведе реформи за зголемување на конкурентноста.
Во обраќање пред германскиот парламент, во пресрет на самитот на ЕУ во Брисел, Мерц рече дека во наредните години ќе се решава дали Европа ќе остане независна економска сила или ќе стане „пиун на економските центри во Азија или Америка“.
Тој ја повика ЕУ да го намали бирократскиот товар за компаниите, да го зајакне единствениот пазар и да потпише нови трговски договори, особено со јужноамериканскиот блок Меркосур до крајот на годината.
Мерц се соочува со растечки притисок дома поради економската стагнација во Германија, која се влошува поради царинските политики на американскиот претседател Доналд Трамп.
Тој истакна дека решенијата за европската економија веќе постојат во извештаите на Марио Драги и Енрико Лета, кои предлагаат продлабочување на внатрешниот пазар и јакнење на конкурентноста, додавајќи дека тие препораки треба веднаш да станат дел од агендата на Европската комисија.